1033 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 03:59
Отпечатоците од раце присутни во древната пештерска уметност најчесто им припаѓале на жени, идеја која претставува пресврт во однос на догмата дека најраните древни уметници биле исклучиво мажи.
Најголем дел од најстарите познати пештерски уметнички слики ги направиле жени, сугерира новата анализа на прастари отпечатоци. Повеќето научници установиле дека древните уметници биле претежно мажи, па ова неодамнешно откритие претставува пресврт на археолошката догма која опстојува со децении.
Археологот Дин Сноу од Државниот универзитет во Пенсилванија анализирал отпечатоци пронајдени во осум пештери во Франција и Шпанија. Со споредување на релативните пропорци на одредени прсти, Сноу утврдил дека три четвртини од отпечатоците им припаѓале на жени.
„Постоеше машка пристрасност во литературата многу долго време“ – вели Сноу, чие истражување беше поддржано од страна на Комитетот на Националното географско друштво за истражување. „Луѓето имаат направено многу неосновани претпоставки за тоа кој ги направил тие слики и зошто.“
Археолозите открија стотици отпечатоци на пештерските ѕидови од целиот свет. Бидејќи многу од овие рани слики исто така прикажуваат различни видови дивеч – елени, коњи, мамути – голем дел од истражувачите претпоставуваат дека тие се направени од страна на мажи ловци, можеби за да имаат хронолошки приказ за нивниот улов, или биле цртани како некој вид на „ловечка магија“ со цел да се подобри успехот на претстојниот лов. Но, новата студија сугерира нешто друго.
„Во повеќето ловечки општества, мажите се тие кои убиваат животни. Но, често жените се оние кои го складираат месото во кампот, и тие се исто толку загрижени за продуктивноста на ловот како и мажите“ – вели Сноу. „Не била тоа само некоја банда составена од момци кои наоколу бркаат бизони“.
Експерти изразија широк спектар на мислења за тоа како да се интерпретираат новите податоци на Сноу, потврдувајќи ги мистериите кои сè уште циркулираат околу раната древна уметност.
„Отпечатоците се навистина иронична категорија на пештерската уметност, бидејќи излегува дека се толку јасна и очигледна врска меѓу нас и луѓето од палеолитот“ – изјави археологот Пол Петит од Универзитетот „Дурам“ во Англија. „Мислиме дека ги разбираме, но сепак, колку повеќе копаме низ податоците за нив сфаќаме колку површно е нашето разбирање.“
Полови разлики
Работата на студијата на Сноу почна пред повеќе од една деценија. До неа тој дојде преку работата на Џон Манинг, британскиот биолог кој откри дека мажите и жените се разликуваат во однос должината на прстите: Жените најчесто имаат среден прст и показалец со приближно иста должина, додека средниот прст на мажите најчесто е подолг од показалецот.
Овие отпечатоци од раце кои се наоѓаат во пештерата Ел Кастиљо во Кантабрија, Шпанија, најверојатно биле направени од маж (лево), и од жена (десно).
Еден ден, по читањето на студиите на Менинг, Сноу од својата полица извлекол книга за пештерски цртежи стара четириесет години. На внатрешната страна од корицата на книгата биле прикажани отпечатоци во боја од познатата пештера Печ Мерл во јужна Франција. „Разгледувајќи ја таа книга, си помислив, ако Менинг знаел што зборува, тогаш ова речиси сигурно е женска рака“ – се присетува Сноу.
Отпечатоци од прсти биле пронајдени во пештерите во Аргентина, Африка, Борнео и Австралија. Но, најпознатите примероци се од 12,000 до 40.000 годишни пештерски цртежи во јужна Франција и северна Шпанија.
За новата студија која неодамна излезе во списанието American Antiquity, Сноу испитува стотици отпечатоци во Европските пештери, но повеќето биле премногу избледени или замачкани за да се искористат во анализата. Студијата вклучува димензии од 32 отпечатоци, вклучувајќи 16 од пештерата во Шпанија Ел Кастиљо, 6 од пештерите на Гаргас во Франција, а 5 од Печ Мерл.
Сноу ги пресметал броевите со алгоритам кој го создал врз основа на референтни парови раце од луѓе со европско потекло кои живеат во близина на неговиот универзитет. Со споредба на неколку димензии, како што се должината на прстите, должината на раката, и односот на димензиите на средниот прст и показалецот, како и на показалецот и малиот прст, алгоритамот може да предвиди дали дадениот отпечаток е машки или женски. Иако постојат големи поклопувања меѓу пропорциите на мажите и жените, сепак, алгоритамот не е особено прецизен: го предвидува полот на современ примерок на Сноу со околу шеесет процентна точност.
За среќа за Сноу, немало таков проблем во однос на анализата на праисториските отпечатоци. Како што се испостави, на негово изненадување, рацете во пештерите беа многу посексуално диморфични од рацете на модерниот човек, што значи дека имало мали преклопувања во различните димензии на рацете.
„Пред дваесет илјади години работите биле појасни, мажите биле мажи и жените биле жени“ – вели Сноу.
Отпечатоци кои датираат од 2500 години п.н.е. и ги покриваат ѕидовите на Cueva de las Manos („Пештерата на рацете“) во Патагонија.
Жена, момче, шаман?
Според анализата на Сноу утврдено е дека 24 од 32 раце (75%) биле женски.
Некои експерти се скептични. Пред неколку години, еволутивниот биолог Р. Дејл Гатри изврши слична анализа на палеолитските отпечатоци. Неговата работа, базирана главно на разликите во ширината на дланката и палецот, покажа дека поголемиот дел од отпечатоците се од адолесцентни момчиња.
„За возрасните, пештерите најверојатно биле опасни и неинтересни, но можно е младите момчиња да ги истражувале поради авантура“ – вели Гатри, професор во пензија на Универзитетот на Аљаска, Fairbanks. „Тие го цртале она што им било на ум, а тоа главно биле две работи: голи жени и големи, застрашувачки цицачи“.
Други истражувачи се многу поубедени во однос на новите податоци.
„Мислам дека статијата претставува атрактивен придонес“ – вели археологот Дејв Витли од ASM Affiliates, археолошка консултантска компанија воТехачапи, Калифорнија. И покрај тоа што за овие отпечатоци се дискутира половина деценија, „ова е прв пат некој да синтетизира квалитетни докази.“
Вајтли ја отфрла идејата на Гатри дека оваа уметност е создадена од чисто практични причини поврзани со ловот. Неговиот став е дека поголемиот дел од уметноста била создадена од шамани кои доживувале состојби на транс обидувајќи се да се поврзат со духовниот свет.“ Доколку одите сами во една од овие пештери, за многу кратко време почнувате да страдате од сензорна депривација, и тоа се случува многу брзо, за 5 до 10 минути“ – вели Витли. „По тоа доживување може да се вратите со изменета состојба на свест“.
Новата студија не ја исклучува шаманската теорија, додава Витли, бидејќи во некои ловечки општества шаманите се жени, па дури и трансродови субјекти.
Новото дело покренува многу повеќе прашања отколку одговори. Зошто жените би биле првите уметници? Дали тие ги создавале само отпечатоците, или и остатокот од уметноста? Дали анализата на отпечатоците ќе беше веродостојна доколку уметниците не беа луѓе, туку неандерталци?
Прашањето кое Сноу сè почесто го поставува е, зошто овие древни уметници, кои и да биле тие, воопшто оставиле отпечатоци“.
„Немам идеја зошто е тоа така, но прилично добра е претпоставката дека додека ги набљудуваме тие цртежи и отпечатоци, се чини како некој глас да ни вели: „Ова е мое дело, јас го направив“ – вели тој.
Извор: news.nationalgeographic.com