Како неолиберализмот го создаде Трамп

24.11.2016 10:56
Како неолиберализмот го создаде Трамп

Сè уште добро се сеќавам на нештата на кои денес се сеќаваат мал и со текот на времето сè помал број луѓе: се сеќавам на зборовите што ги употреби Никита Хрушчов за да го опише моралното слепило и нечовечноста кога најпосле одлучи јавно да ги демаскира и осуди злосторствата на советскиот режим за да не се повторат: ги нарече „застранувања и грешки“ што ги направил Јосиф Сталин во процесот на инаку успешното спроведување на една суштински здрава, правилна и длабоко морална политика.

По повеќечасовните говори на Хрушчов немаше место ни за трошка сомнеж дека морало да постои некаква подлабока неправда, нечовечност и злобна изопаченост која ја труела таа политика од самиот почеток и – во отсуство на механизми за контрола и ревизија – нужно водела кон ужасите кои беа дополнително осудени и отфрлени. Нормалноста на системот е зачувана, направените грешки се дело само на еден човек, можеби во соработка со уште неколкумина, кои исто така може да се именуваат.

Добро се сеќавам и на реакцијата на зборовите на Хрушчов. Оние што растеле и биле воспитувани под директно старателство на советското министерство за вистина подготвено го прифатија и приграбија прогласот одозгора, можеби со одредено чувство на нелагодност. Некои се расплакаа и повторно ја исплакаа историската драма на своите животи – овојпат сведена на ниво на (секако ненамерни) грешки и превиди на инаку безгрешниот човек со интегритет кој само се обидувал да оствари несомнено благородна цел. Но, повеќето се смееја, иако смеењето беше горко.

Не се сеќавам на дамнешните настани само затоа што луѓето на мои години се склони на пребирање по сеќавањата, па и зависни од нив – туку и затоа што забележувам непријатна сличност со реакциите на поразената страна и нејзините симпатизери после бродоломот што го претрпеа Хилари Клинтон, Демократската партија што ја претставува таа и неолибералната политика што ја спроведуваа неодговорно и ветуваа дека ќе ја продолжат по изборната победа. Во оптек се дури и зборовите „грешка“ и „застранување“, со допишивање на имињата на виновниците, како највисоко, сосема доволно и задоволувачко објаснување.

Орбан, Качински, Фико, Трамп – тоа е нецелосниот список лидери кои веќе успеаја или се на пат да успејат во наметнувањето владеење чија единствена (и доволна!) основа и легитимација е волјата на владејачите; со други зборови, да стекнат суверена моќ (според дефиницијата на Карл Шмит, кандидат за дворски филозоф на Хитлер) со „децизионистичко“ владеење (види ја неговата Политичка теологија). Списокот со оние што ѝ се воодушевуваат на неконтролираната и безобѕирна дрскост на новите лидери и чекаат поволен момент да им се приклучат е сè подолг. За жал, јавната поддршка за таквите лидери и лидерските кандидати, па така и за програмата Ein Volk, ein Reich, ein Führer, која ја формулираше Хитлер 1935 година и набрзо потоа ја спроведе на дело, забрзано расте. Понудата на лидерите кои би сакале да бидат „едни и единствени“ до неодамна ја надминуваше побарувачката, но сега ситуацијата се менува брзо и незапирливо, па побарувачката ја надминува понудата. Трамп стана претседател на САД, зашто на Американците јасно им даде до знаење дека ќе биде токму таков водач каков што сакаат.

На децизионистичките водачи не им е потребно ништо за да дејствуваат освен (спонтани или монтирани, своеволни или наметнати) јавни акламации. Нивните одлуки не познаваат други ограничувања – дури ни ограничувања наводно изведени од некои реални или широко прифатени „возвишени причини“, или наметнати од некој врховен, неспорен, надчовечки авторитет – како во случајот со божествено миропомазаните монарси од средниот век. Децизионистичкиот лидер не е далеку од апсолутот: како бог во приказната по Јован, тој одбива да ги објаснува своите постапки и го негира правото на поставување прашања и очекување одговор. Единственото потребно објаснување на неговите постапки, единственото на кое поданиците сè уште имаат право, е известувањето дека тоа е волја на владејачот.

Извесноста на случувањето или неслучувањето на нештата кои се сметаат важни за животот е најголем сон на луѓето загрозени и измачени од неизвесноста (иако, како што забележал Вилијам Пит Помладиот уште 1783 година, истата извесност може да се искористи како „оправдување за ограничувањето на човечката слобода“ и „аргумент во прилог на тиранијата“). Политиката базирана на децизионистичките начела е место за соочување на сочните аргументи на тираните и бескрајниот апетит на нивните поклоници. Новата ера на либералната демократија, за која меѓу првите се заложил Пит, требало да ги оневозможи таквите соочувања, во име на разумот и во корист на реалните човечки интереси.

Во децениите и вековите што следеле, теоретичарите и практичарите на правата и политичките филозофи ги здружиле силите да ја остварат таа цел и одлучно да ја одбранат кога еднаш ќе биде остварена. На тоа ги посветиле сите свои мисловни сили. Патот до остварувањето на целта (кој за практичните цели може да се опише како пренос на власта од краловите и принцовите на народот) подразбирал, според најшироко прифатеното мислење, изградба на соодветни институционални аранжмани: како што поделбата на законодавна, извршна и судска власт, поделбата на гранките кои истовремено се автономни и заемно се контролираат – ги насочува кон преговарање, барање компромис и отстранување на искушенијата на самостојното и потенцијално апсолутно владеење.

Таа политичка тенденција ја дополнувала уште една – повеќе од културна отколку институционална провиненција – содржана во слоганот Liberté, Egalité, Fraternité кој го прокламирале les pholosophes од времето на просветителството. Француската револуционерна армија на своите знамиња брзо го раширила слоганот ширум Европа. Заговорниците на таа парола знаеле дека тие три елементи се достижни единствено ако се заедно. Liberté ќе донесе Egalité единствено ако е тука и Fraternité; ако средниот/посредувачки постулат се исклучи од тријадата - Liberté најверојатно ќе заврши во нееднаквоста која води кон поделби и меѓусебни непријателства и конфликти, наместо во единство и солидарност. Само ако е комплетна, оваа тријада може да обезбеди мирно и просперитетно општество, добро интегрирано и исполнето со духот на соработката.

Експлицитно или имплицитно, тоа е ставот кој во наредните два века е поврзуван со „класичниот“ либерализам, со консензусот дека луѓето навистина можат да бидат слободни единствено ако можат и да ја користат својата слобода – дека само ако двата квалитети се присутни, слободата и еднаквоста заедно, може да настапи Fraternité. Џон Стјуарт Мил следејќи ги своите уверувања стигнал до социјалистички заклучоци; а лордот Бевериџ, движечкиот дух и големиот заговорник на универзалната држава на благосостојбата во Британија (која го инспирирала остатокот од Европа да тргне по сличен пат), сметал дека уредувањето што го предлагал тој е предуслов за остварување на вистинските либерални идеали.

Да ја скратиме приказната: неолиберализмот, денес хегемона филозофија која ја прифаќа практично целиот политички спектар (а сосема сигурно оној дел што Трамп и сличните нему го нарекуваат „естаблишмент“ предодреден за пропаст во бранот народен револт и бунт), се дистанцираше од класичните предци и зазеде спротивен став, правејќи го токму она што либерализмот се обидуваше да го спречи и против кое се бореше со сите сили: а тоа е исфрлањето на елементот Egalité од тројниот проглас на начелата и постулатите на просветителството, можеби не со зборови, но секако со дела.

По 30 или 40 години целосна и неприкосновена хегемонија на неолибералната филозофија во земјата на големите очекувања – а по заслуга на нејзините неолиберални владејачи и подеднакво големите фрустрации – изборната победа на Трамп практично беше неизбежна. Со оглед на пошироките историски околности, дискусиите за грешките и застранувањата кои креаторите на јавното мислење сега внимателно ги истражуваат и за нив жестоко дебатираат, имаат значење колку и излевањето на глазурата на веќе добро испечен (препечен?) колач.

За самопрогласените носители на големи очекувања и добитниците на големи фрустрации – за демагозите од сите бои, накратко: за оние кои се прогласуваат и веруваат дека се силни мажи и жените чија сила се мери по способноста за кршење а не за почитување на правилата на игра кои ги наметнува и слави нивниот заеднички непријател „естаблишментот“ – за сите нив новите околности се повод за славење. Ние (тука мислам на луѓето загрижени за нивните постапки и уште повеќе нивните неостварени потенцијали), од друга страна, мора да останеме скептични за брзите решенија и пречките за излегување од проблемите. Дотолку побрзо што опциите кои ни се нудат под нови околности спаѓаат во категоријата избор помеѓу многу лошо и уште полошо.

Непосредно пред смртта, големиот Умберто Еко по бројни истражувања на темата во брилијантниот есеј Измислување непријатели дошол до следниот заклучок: „Важно е да се има непријател, не само за да го дефинираме сопствениот идентитет, туку и за да обезбедиме пречка спрема која ќе го мериме својот систем на вредности и ќе ја демонстрираме сопствената вредност во обидите да ја совладаме истата“. Со други зборови: потребен ни е непријател за да знаеме кои сме и кои не сме; тоа е услов за нашето себеприфаќање и самопочитување. А, потоа додава: „Затоа, ако нема непријател, мораме да го измислиме“. Најпосле: „Непријателите се поинакви од нас и почитуваат обичаи што не се наши. Олицетворение на тие разлики е странецот.“

Проблемот со странецот е што тој често е туѓ – не замо во смисла на почитување на непознатите обичаи, туку и затоа што – а, тоа е најважно во случајов – живее надвор од доменот на нашата сувереност, па така и надвор од нашиот дофат и контрола. Од таквите луѓе не е секогаш лесно да се направат непријатели и да го спроведат непријателството на дело (освен, се разбира, ако не ја преминат границата во намерата да населат меѓу нас). Ако сувереноста подразбира децизионистичка способност да се постапува исклучиво според сопствената волја, тогаш според дефиницијата на Еко многу странци не се погодни за улогата непријател. Во многу случаи (можеби и во сите?) е подобро да се побара, пронајде или измисли непријател што ни е поблизок или, уште подобро, непријател кој веќе е меѓу нас. Непријателот кој може да се види и допре е покорисен од повеќе причини (и поедноставен за контрола и манипулација), отколку припадникот на некој замислен тоталитет кој ретко се гледа или слуша. Уште во средниот век функцијата непријатели на христијанската држава одлично ја извршувале еретиците, Сарацените и Евреите – сите веќе присутни во домените на династиите и црквата кои ги прогласиле за непријатели. Денес, во ерата која му дава предност на исклучувањето во однос на вклучувањето, каде првото (не и второто) станува рутинска мерка кон која речиси механички се прибегнува, изборот на внатрешниот непријател е уште полесен и попривлечен.

Кога е во прашање изборот на непријателот (како процес нужен за самодефинирање, интеграција и самоостварување, како што објасни Еко) – што навистина е избор над изборите, зашто според асоцијацијата и потеклото ги одредува сите други избори – меѓу постоечките и надоаѓачките силни мажи и жени од нашето доба најпопуларен избор на непријател е постоечкиот поредок, естаблишментот: поволно непроѕирна и нејасно дефинирана група луѓе чие време поминало и кои одамна заслужиле да бидат оставени во историјата и опишани во нејзините анали како група себични лицемери кои покрај тоа биле и неспособни. Поедноставно кажано: естаблишментот е ознака за одбивното и грдо минато. Новите силни мажи и жени ќе го испратат на ѓубриштето на историјата, каде му е местото; тие се новите водачи кои ќе нè поведат во новото доба, гласниците на новиот поредок кои ќе ги воздигнат понижените и навредените.

Слики: Mark Bryan

Извор: https://www.socialeurope.eu

ОкоБоли главаВицФото