Промоција на романот „Домашна змија“ од Аријан Лека на КРИК фестивал

24.11.2016 13:00
Промоција на романот „Домашна змија“ од Аријан Лека на КРИК фестивал

На 25 ноември (петок) во Даут пашин амам со почеток во 19 часот, во рамки на фестивалот КРИК ќе се одржи промоција на романот „Домашна змија“ од албанскиот писател Аријан Лека, кој на македонски го објави издавачката куќа Готен.

За романот ќе зборува академик Луан Старова, кој напиша и поговор за книгата.

Аријан Лека е роден во Драч во 1966 година, овде завршува основно и средно музичко образование, специјалност флејта. На Филолошкиот факултет во Тирана завршува албански јазик и книжевност во 1992 година. Потоа минува две години на специјалистички студии од областа на модерната италијанска книжевност. Станува одличен препејувач на албански јазик на италијанските нобеловци Еуџенио Монтале и Салваторе Квазимодо, како и на Чезаре Павезе, Итало Калвино и други. Припаѓа на генерацијата албански поети кои се отворени кон европската култура и книжевност, кои прекинуваат со поетиката на албанскиот ортодоксен и најдоцна задржан соц-реализам. Досега е автор на над петнаесет поетски и прозни книги, што се преведувани на италијански, англиски, германски, француски, романски, бугарски, хрватски, македонски и други јазици. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни признанија. Попознати негови книги се: Во ова место ништо не се случува (1994), Коработ на сонот, поезија (2000), Домашна змија, роман (повеќе изданија) (2002), Страбизам, поезија (2004), Поправање грешки, поезија (2010), книгата Долап, со двата есеи „Во потрага по изгубената кошула“ и „Роден во провинција“, објавена во Црна Гора во 2015 година, како и други дела. Во 2004 година Аријан Лека го основа Меѓународниот поетски и книжевен фестивал „Поетика“, чијшто е и главен и одговорен уредник, што денес се смета за најзначајно во Албанија.

Фото: Роланд Ташо

Од поговорот кон книгата напишан од академик Луан Старова:

Во романот Домашна змија, централно и врвно остварување на Аријан Лекa, на прв план е таткото, иако книгата нема строго автобиографски карактер. Авторот симболично го именува својот роман Домашна змија, меѓутоа во книгата во ниту една ситуација не се споменува домашната змија. Се поставува природно прашањето зошто авторот се определил токму за овој наслов на романот?

Меѓутоа, присуството на домашната змија станува уште поевокативно во нејзиното отсуство, кога нејзиното доаѓање е постојан процес, постојан чин на загроза што стапува, а воедно и ја чува куќата од распаѓање. Постои верување дека змијата не смее да се убие во домот, дури е и обичај да ѝ се понуди млеко како член на семејството.

Романот Домашна змија е структуриран главно околу старецот, дедото на нараторот, речиси цел работен век морепловец, балканска варијанта на Старецот и морето од Хемингвеј, како старецот и змијата, старецот поразен по триумфите на слободните пловидби. За него, скелетот на совладана уловена риба, чиешто месо е изедено од ајкулите, се бродовите на пловидбите на дедото-морепловец. Последниот пораз го доживува на копното, како птицата албатрос, немоќен на копното, но принц на морските широчини, кога ќе биде конечно истеран од своите клучни вредности за кои го врзувал животот: домот, семејството, градот.

Запрен конечно на копното, старецот се обидува да го разбере животот без неговите заминувања, излегувања од лавиринтот на изолираната земја, со затворени граници и илјадници бункери, неразбран и неприфатен од своите во куќата: синот, снаата, другите. Го прифаќа новиот живот со трпеливиот стоицизам, здобиен од долгите пловидби, но и неумоливиот песимизам. Надежта што се собирала во големите пловидби, дека на копното ќе го чека прегратката на семејството, исчезнува како брановите на песочното копно во родниот и љубен Драч, трајното пристаниште на неговиот живот и на неговото исчезнување.

Покрај комуникацијата со себеси, му преостануваат духовните врски со неговиот исчезнат татко. Неговото присуство во отсуство, како патријархален столб на семејството, како творец на хармоничните односи во семејството, кај стариот морепловец ќе ги чувствува како мера за однесување на неговиот син кон него, ќе го одржува илузијата дека сè ќе биде како некогаш, ама нема да биде! Третото ниво на комуникација на старецот се одвива со синот, со соседите, до чинот кога ќе биде истеран од синот, слеп и немоќен, и доведен во старечкиот дом на слепите.

Родниот дом на стариот морепловец станува емотивен затвор, комуникацијата со синот е сиромашна и мачна. Во вистинска атмосфера на романите на Сарамаго се соочуваме со слепилото на старецот, кој верува дека на крајот, далеку од својот роден дом, што сега го нагризува домашната змија, ќе се најде во домот на слепите, каде што се чувствува трагично среќен, можеби спасен од убодот на домашната змија...