Светлана Слапшак на КРИК фестивалот: Глупоста не треба да има право на глас

24.11.2016 14:49
Светлана Слапшак на КРИК фестивалот: Глупоста не треба да има право на глас

Како да се возврати ударот на ширењето на национализмот, расизмот, на неразумните политики на идентитет според крв, а не според образование, како светот да ѝ се спротивстави на глупоста, беа дел од прашањата за кои говореше светски познатата Светлана Слапшак на вчерашното предавање на фестивалот КРИК.

Таа смета дека во јавниот неолиберален дискурс пречесто и неосновано се користи зборот агресија:

- Што е агресија? За агресија може да зоруваме само ако се работи за напад врз животот, агресија не е напад врз предмети. Како да разговарате со некој како Трамп, на пример? Каква дебата, каков дијалог можете да водите со некој што изјавува такви работи? Тоа треба целосно да се одбие. Решението е да има строги критериуми во јавниот говор. Таквите критериуми подразбираат и образование и слободни медиуми. Во првите децении на 21-от век научивме дека цивилизациските придобивки како што се човековите права, женските права, како нивен дел, се всушност реверзибилни, дека во секој момент можат да бидат уништени, ако тоа некому му падне на ум. Мора да постои стража на разумот, бидејќи во спротивно сè што е традиција на разумноста во европската традиција едноставно ќе исчезне. Мора да се затворат каналите и да се воведе строгост кон еден тренд кој се појави во медиумите во целиот регион, а и пошироко, а тоа е да се слушне и другиот глас. Не, тој глас не треба да се слушне ако се работи за глупост, глупоста не треба да има право на глас. Тоа може да ви звучи многу недемократски, но, всушност тоа е основата на демократијата. Во агората на стара Атина основата на демократијата било добро да говориш, ако некој не знаел добро да говори не можел да учествува во демократијата. Воведувањето на строгите критериуми е клучно. Единствено позитивно сеќавање што го имам од социјализмот на поранешна Југославија е тоа што општествената рамноправност се засноваше врз писменоста. Читањето беше услов на идентитетот, оној момент кога крвата стана услов на идентитетот – сè отиде по ѓаволите. Значи, треба да се воспостават критериуми, стража на разумот, за да се воспостават разумски системи. А за тоа се потребни медиуми, за жал социјалните медиуми досега не ја исполнија таа функција, рече Слапшак.

Предавањето на Слапшак која живее и работи во Љубљана и е позната како антрополог и една од водечките интелектуалки, теоретичарки на културата, феминистки и долгогодишна активистка за човекови права беше насловено „Stratigos Тито - карате: поетика на пречекорувањето, или мешање на меморијата и желбата“ со фокусот на општествено прифатливото насилство со гарантирано сеќавање по примерот на Атинската демократија - како трите антички форми на сексуалност може да нè поттикнат да ги преосмислиме и реформираме критиките/критицизмот на насилството. Разговорот со Слапшак по предавањето го водеше Ана Вујановиќ.

Таа е независен културен работник во полето на современите перформативни уметности и културата, која живее и работи во Берлин.

- Моето мислење за овој фестивал на кој ме покани Контрапункт е многу позитивно, бидејќи мислам дека темите како што се демократизација на општеството, насилството, слободата на изразување и критичкото мислење се иклучително важни. Мислам дека токму за овие теми треба што почесто да се зборува, особено во нашиот регион. Учесниците се овде неколку денови и навистина се работи на еден вид платформа и сметам дека е многу добар гест што организациите се здружиле и направиле два сегменти на една поголема програма бидејќи тоа привлекува поголем број луѓе. Ми се чини дека иако тематиката не е лесна, сепак привлече повеќе публика, важно е таа да биде добро курирана и да знаете кому ја адресирате, вели Ана Вујановиќ.

Во рамки на вчерашната програма започна и семинарот Поетики на радикалното издаваштво во организација на Мултимедијалниот институт, kuda.org од Нови Сад и на Контрапункт од Скопје, на кој во форма на читачки групи беа претставени две изданија: Силвиан Лазарус: Антропологија на името и Катрин Малабу: Онтологија на незгодата, со модераторите Бранка Ќуриќ и Анте Јериќ.

Денеска се одржува вториот дел од конференцијата „Дијаспора / Мобилност / Номадизам / Различности“, во организација на Есперанца – Светски културен центар. На втората сесија воведно излагање имаше Ивајло Дичев од Бугарија кој говореше на тема „Мобилноста како ритуал, статус и идентитет“, а на конференцијата свое излагање имаше и Марија Џонс.

Попладнево на КРИК фестивалот во Чифте амам ќе се одржи „Спринт презентација“ на книги како дел од програмата на „Поетики на радикалното издаваштво“ во организација на Институт, kuda.org, од Нови Сад и на Контрапункт од Скопје, презентери се Мика Буљевиќ, Бранка Чурчиќ, Зоран Гајиќ, Никола Гелевски и Динко Крехо.

Во 18 часот почнува тркалезната маса насловена „Јас сум член на буржоаската класа на која ќе учествуваат Јелисавета Благојевиќ, Динко Крехо, Леонардо Ковачевиќ, Артан Садику, а модератор е Анте Јериќ од Хрватска.

Од 20 часот почнува програмата Јавна библиотека/Меморијата на светот - Симпозиум (Мултимедијални институт) со Марсел Марс и Томислав Медак од Хрватска.

 

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики во соработка со: Мултимедијалниот институт (Загреб), kuda.org (Нови Сад), Контрапункт (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб), ве повикува да бидете дел од КРИК (критика – реакција – идеја – конфронтација) – фестивал за критичка култура. КРИК – фестивал за критичка култура е соработничка платформа помеѓу Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и Есперанца – светски културен центар. Оваа платформа е отворена за соработка со сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси.