1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Разговорот го водеше Серена Кучински
„Знаев дека Доналд Трамп ќе победи, како што знаев и за Брегзит, така што не сум шокиран како вас“, ми рече поранешниот грчки министер за финансии по историската победа на републиканскиот кандидат на американските избори. Притоа не ликуваше, туку попрво оддаваше впечаток на уморен и поразен човек - за левицата сето тоа е веќе видено. Во текот на едночасовниот разговор ги смири моите од кофеин истоштени нерви со изложување на алтернативни левичарски визии на светот. Без оглед на тоа дали неговите предлози ги сметате за изводливи или не, охрабрувачки е да се знае дека барем некој има некаков план. Тој смета дека левицата е премногу поделена и фокусирана на парцијални прашања како што се ЛГБТ+ правата или движењето Black Lives Matter, и дека ќе продолжи да ги губи изборите сè додека не се здружи околу заедничка програма. Во меѓувреме, можеме само да се надеваме дека подбуцнувачката реторика на Трамп ќе стивне кога тој ќе ја преземе функцијата претседател на САД.
Станува збор за очигледна паралела, но зошто сметате дека Брегзит ја најави победата на Трамп?
Брегзит ги откри тектонските промени во политичкиот и економскиот поредок. Луѓето кои никогаш не гласале излегоа на овој референдум, а кога тоа ќе се случи, сите анкети се покажуваат како погрешни. Истото го видовме и во Америка. Ксенофобичната десница ги освои гласовите во поранешните социјалдемократски упоришта како што се северот на Англија или Пенсилванија, која од 1988 не гласала за републикански кандидат.
Се вели дека Трамп го искористи незадоволството на белите мажи од работничката класа. Дали овој „повратен бел удар“ може да се спореди со анти-имигрантското расположение кое доведе до Брегзит?
Ова е идеален пример за тоа како левицата премногу размислуваше за своите порази. Трамп привлече и гласачи од работничката класа, но тоа не беше доволно. Ме фрапираше големиот број Латиноамериканци кои гласаа за него, како и оние кои на претходните избори гласаа за Барак Обама. Не можете за луѓето кои на минатите избори гласале за Обама да кажете дека се расисти. Политичката сцена е длабоко потресена на начин кој не сме го виделе од триесеттите години на минатиот век.
Трамп го споредуваат со фашистичките лидери од 1930-тите, како што беше Хитлер. Дали тој е неофашист?
Хитлер не бил фашист, туку нацист. Најдобро е да се спореди Трамп со италијанскиот диктатор Бенито Мусолини, кој владеел со Италија во периодот од 1922-1943. Трамп има сличен стил кога станува збор за настапите во јавноста и реториката, но врската меѓу нив е многу подлабока. Мусолини е човек кој ја воведе социјалната помош. Тој спроведе реформи, од кои најмногу корист имаше работничката класа, со цел да ја придобие нејзината поддршка за своето ултранационалистичко движење. Знам дека нема ништо утешно во идејата дека живеете под новиот Мусолини, но важно е нашите историски споредби да бидат што попрецизни.
Зошто Хилари Клинтон изгуби?
Затоа што не сфати дека дојде до крах на економскиот систем. Глобалната епоха заврши. Периодот кој почна од 1944 со Конференцијата во Бретон Вудс, свикана за да се воспостави повоениот монетарен поредок, заврши во 2008 година со финансискиот крах. Американската хегемонија во текот на овој период се ширеше, но за првпат во историјата некоја суперсила го правеше тоа така што сè повеќе и повеќе се задолжуваше. САД потсетуваа на голема правосмукалка која почна да увезува сè од нето извозниците Германија, Холандија. Јапонија, а подоцна и Кина. Америка го зголемуваше својот дефицит во размената со тие економии и на кејнзијански начин ја зголемуваше глобалната побарувачка. Поголемиот дел од профитот на холандските, јапонските и кинеските компании потоа повторно е вложуван на Волстрит. Овој систем во 2008 доживеа крах, а со него и митот за глобализацијата. Обама вети дека ќе го реши ова прашање, но доживеа тежок пораз зашто изгуби контрола над конгресот. Денес 81% од американските семејства живеат полошо отколку во 2004, додека просечната плата за повеќето работници стагнира од 1973. Трамп рече дека вака веќе не може, додека Клинтон понуди континуитет, поради што изгуби.
Колку е тоа вина на Обама?
Тој има голема одговорност за овој пораз. Имаше идеална можност во 2008: беше исклучително популарен, го контролираше сенатот и дојде на власт во моментот на крахот на Волстрит и банкарскиот сектор. Имаше реална можност да покрене нов Њу дил како што направи Рузвелт во 1930-тите. Наместо тоа, ги зеде Лари Самерс и Тим Гејтнер како свои советници, луѓе кои ги уништија институциите наследени од Рузвелт. Двајцата беа во администрацијата на Клинтон, која ги укина последните механизми на контрола на Волстрит и го суспендираа Глас-Стигаловиот закон за контрола на банкарското работење. Обама доведе такви луѓе да го средат настанатиот хаос. Секако дека тие само ги зголемија привилегиите на финансиската класа.
Тој беше релативно неискусен кога стана претседател. До која мера би требало да го оценуваме неговото наследство врз основа на првите неколку месеци додека се бореше со големата економска криза?
Во САД речиси секој претседател е неискусен. Во британскиот систем луѓето како Винстон Черчил се пратеници по неколку децении пред да станат премиери. Како да го оцениме Обама? Врз основа на неговите интелектуални способности кои се неспорни, или врз основа на неговата политика? Тој не е прогресивен. Левичарите во него видоа нешто што тој не е. Тој е амбициозен човек кој сакаше да биде дел од естаблишментот, наместо да му се спротивстави. Неговите напори да се интегрира во постоечкиот поредок доведоа до победа на Трамп.
Дали Берни Сандерс можеше да го победи Трамп?
Убеден сум дека Сандерс убедливо ќе победеше. Хилари Клинтон мора да размисли за тоа зошто таа и водечките политичари на Демократската партија се здружија против Сандерс и го доведоа во нерамноправна положба. Да имаше ист третман, ќе победеше на примарните избори и ќе станеше претседател. Се лажете ако мислите дека Трамп победи затоа што има многу расисти и бели републиканци. Победата на Трамп му ја донесоа гласовите на неопределените гласачи и демократи кои не сакаа да гласаат за Хилари.
Зошто Берни би победил убедливо? Дали тука станува збор за истото расположение кое му ја донесе победата на Трамп?
Не. Тоа е како да речете дека меѓународните бригади кои во Шпанија 1936-1939 се бореа за републиката имаа исти ставови како Хитлеровите нацистички поддржувачи. Финансиските крахови од 1929 и 2008 ги предизвика капитализмот со своите ексцеси. Ваквите крахови ги следи голема рецесија или голема дефлација, каква што имаме сега, а тогаш политичкиот центар запаѓа во криза. Кога политичкиот центар ќе пропадне, доаѓа до судири меѓу прогресивците и ксенофобичните националисти. Оној што вели дека овие две страни имаат исто потекло не ја познава историјата.
Сакав да кажам дека Сандерс би можел да ја придобие истата разочарана бела работничка класа која во голем број гласаше за Трамп.
Тоа е точно, но не затоа што Трамп и Сандерс доаѓаат од исто милје. Во право сте кога велите дека луѓето бараат промена кога се уморни од постоечката состојба. Демократијата може да им понуди промена која на крајот ќе им се одмазди како Брегзит или Трамп, но тоа може да биде и прогресивна промена.
Како успехот на Трамп ќе се одрази на Британија?
Неговата победа ја урива надежта на поддржувачите на Брегзит дека излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ ќе овозможи нови трговски врски со САД и Кина. Кога станува збор за економијата, ставот на Трамп кон Кина ќе биде противречен: некои од неговите изборни ветувања се и царина од 45% на стоката од Кина и отфрлање на Транспацифичкиот договор за слободна трговија. Трамп е против договор за слободна трговија, што е многу неповолна вест за британската премиерка Тереза Меј која имаше намера губењето на единствениот пазар на ЕУ да го надомести со нови договори. Британија треба да престане со несолената шега за своите посебни врски со САД, кои уште од Суецката криза од 1956 се само илузија.
Путин е одушевен од победата на Трамп. Дали овие двајца силни лидери можат да постигнат некаков договор?
Да бидам јасен, Путин за мене е воен злосторник уште откако во 1999-2000 го срамни главниот град на Чеченија, Грозни, за да победи на изборите. Но геополитичкиот став на САД кон Русија во последниве 15 години беше катастрофален. Непромисленоста со која НАТО и САД им ветуваа воена поддршка на пријателските режими во Украина и Грузија му даде изговор на Путин да ги раскине сите договори со западот. Усвојувајќи агресивен и империјалистички став кон Русија, Обама и Хилари Клинтон овозможија зајакнување на власта на Путин. Трамп како деловен човек ја разбира важноста на овој договор. Тој веќе рече дека нема да се впушта во војни кои не може да ги добие. Затоа беше против војната во Ирак, а не поради хуманитарни причини. Тој не сака да биде пријател на Путин, но сака договор со него.
Како левицата би требало да одговори на сево ова?
Мораме да престанеме да кукаме дека нашите неуспеси се последица на заговор на постоечкиот поредок и медиумите. Тоа се само изговори. Губиме затоа што не можеме да го придобиеме мнозинството гласови. Целиот американски естаблишмент беше против Трамп, дури и Fox News и браќата Кох кои досега ги поддржуваа најлошите десничарски кандидати. Она што Трамп и Најџел Фараж го сфатија е дека политичката револуција е можна. Брегзит го докажа тоа, овде во Грција барем неколку месеци тоа го покажуваше и Сириза пред да попушти. Добра вест во врска со ужасната победа на Трамп е дека има простор левицата да биде поамбициозна во своите барања.
Зошто либералната или прогресивната елита е толку омразена?
Во последните 30 години дозволивме фрагментација на прогресивните вредности - имаме борба за ЛГБТ+ права, феминизам и борба за граѓански права. Во оној миг кога феминистот ќе прифати дека повеќе жени во управните одбори значи повеќе минимално платени работи за имигрантките, се губи секаква врска помеѓу феминизмот и хуманизмот. Кога геј движењето го усвои менталитетот на потрошувачкото општество преку слоганите како што е „купувај додека не паднеш“ и ја запостави својата работа на нетрпеливоста на општеството кон себе и борбата против полициската бруталност - стана дел од либералната елита. Решението е во меѓународно и хуманистичко прогресивно движење. Тоа е тешка задача, но нам ни е потребно токму тоа за да му се спротивставиме на либералниот поредок и Трамп. Тие се преправаат дека се противници, но всушност се соучесници, зашто си требаат еден на друг.
Колку светот треба да биде загрижен поради Трамп?
Тој ќе има на располагање нуклеарен арсенал, што не е утешна помисла - барем јас лошо спијам поради тоа. Најдоброто што можеме да го очекуваме е нов Роналд Реган. Кога Реган беше избран, левицата беше многу загрижена, зашто заговараше неолиберална економија и заострување на односите со Советскиот сојуз. Според мене, тој беше кловн, третокласен глумец, иако не знам дали тоа е полошо од одметнат граѓански претприемач. Реган на крајот, иако придонесе за макроекономската нестабилност, се покажа како кејнзијански претседател кој постигна добар договор со Советскиот сојуз за нуклеарно разоружување. Тоа беше тој подобар исход.
Извор: New Statesman, 13.11.2016.
Слики: Sagmeister & Walsh