Леонард Коен како писател и поет (1)

25.11.2016 15:16
Леонард Коен како писател и поет (1)

Додека Дилан никогаш не настапувал како поет, со исклучок на единствениот случај во 1963 година, кога ги читал „Последните размислувања за Вуди Гатри“, Леонард Коен пред сè беше поет, но сериозноста со која критички се изучуваше неговата поезија претрпе штетно влијание од неговата слава како пејач и изведувач. Така, на пример, за неговата книга Смртта на заводникот, објавена 1978 година, многу малку се зборуваше и во академскиот свет и меѓу обожавателите на Коен, додека неговите европски турнеи беа следени од восхитени прикази кои го зацврстија неговиот статус на поп идол, а не на писател или поет. Има иронија во тоа што токму Смртта на заводникот го најави поетското враќање на Коен после две безлични збирки. Својот поетски дар Коен го изразил многу рано, добивајќи ја наградата „Честер Маконтон“ (1955) за креативно пишување, за збирките песни Размислувањата на еден почетник и Врапци. За разлика од него, Дилан на почетокот првенствено бил пејач кому му се допаднала можноста да стане поет, за најпосле и да се соживее со таквата улога.

Во 1949 година, за време на посетата на една книжара-антикварница во Монтреал, Коен налетал на збирка песни од Федерик Гарсија Лорка. За него тоа било многу позначајно искуство од еврејскиот обред бар мицва кој го доживеал две години претходно. Влијанието на Лорка било мошне големо во поглед на стилот, вознемирувачките поетски слики, спротивставувањето на светото и профаното, и тематиката. Подоцна Коен за време на турнејата во 1988 година, најавувајќи ја песната „Take This Waltz“, инспирирана од песната на Лорка „Мал виенски валцер“, во шега ќе заклучи дека Шпанецот му го уништил животот. Два стиха го вовлекле Коен во светот на Лорка, во пределот кој му бил познат и разбирлив. Тоа биле стиховите: „Сакам да поминам под сводот на Елвира / Да ѝ ги видам бедрата и да заплачам.“

Таа 1949 година, Коен целосно му се предал на читањето и пишувањето поезија. Студирајќи книжевност на Универзитетот Мекгил во Монтреал, стигнал и до Рембо, Јејтс, Паунд и Елиот, поетот што ќе остави неизбришливо силно влијание врз Дилан. Неговата прва објавена песна била „Песната за Денот на мртвите, на радост на моите пријатели“ во книжевното списание CIV/n. Списанието го добило називот според кратенката со која Езра Паунд ја означувал цивилизацијата. Во 1956 година, Коен ја објавил својата прва збирка песни, со наслов Ајде да ги споредиме митологиите, посветена на неговиот татко и опремена со цртежи од Фрида Гутман, првата девојка со која имал сериозна врска. Книгата го потврдувала фактот дека епохата со пресудно влијание од Паунд и Елиот на обликувањето на современата поезија е завршена. Песните од оваа збирка доследно ја следат промената на расположението кое го донеле бит поетите и гневните млади луѓе од шеесеттите. Како нив, и Коен бил посветен на самоанализата, како и на истражувањето на односот на битието и непосредното искуство. Акцентот е врз политиката на личното, во која централно значење имале мислите и чувствата на поединецот, неговото место во случувањата или во приказната. Во тие 44 песни повеќе од половината во своето средиште го имаат јас или нешто што е изведено од тоа, на пример тој. Оваа збирка го рефлектира она што ќе стане воден жиг на неговото дело: ангажирањето на читателот на длабоко личен и интимен план.

По петгдишна пауза, 1961 година Коен ја објавил книгата Зачини на земјата, мошне слободно зачинета со еротски стихови. Со ова дело Коен го заслужил признавањето на статусот сензибилен и перспективен поет, способен моќно да ја долови сексуалната страст. Еден од критичарите заклучил дека Коен помалку би требало да пишува за љубовта, а повеќе да размислува за неа, и дека јазикот со кој ја доловува љубовната страст е мошне застарен според своите значења. Зборовите како што се убавина, златно и сјај се користени претерано, така што нивната двосмисленост е затапена. Срце, на пример, е збор што го упропастија лошите поети и добрите текстописци. Критичарот му оддал признание на Коен иако сфатил дека зборот срце е застарен и не го употребил ниеднаш. И покрај авторитативноста со која настапува овој критичар, за неговата несмасност јасно укажува фактот дека зборот срце и тоа како се појавува во збирката Зачините на земјата. Така во песната „Пеј ѝ на рибата, прегрни го ѕверот“, постои стихот „Животните не убиваат заради човечкото срце“, додека во песната „Посјајно од нашето сонце“ Коен го споменува „срцето на Бога“. Во „Стиховите од дневникот на мојот дедо“, зборот срце се појавува дури четири пати.

Збирката Цвеќиња за Хитлер Коен ја објавил 1964 година, а Небесни паразити 1966, заслужувајќи со нив меѓународни признанија. Како да му пркоси на советот на критичарот, тој уште послободно ги користи токму оние изрази за кои тој заклучил дека се застарени, па и понатаму пишува за љубовта, срцето и убавината. Во Цвеќиња за Хитлер, на пример, зборот убавина е употребен во песните „Сурова беда“, „Детска песничка“, „Керенски“, „Новиот водач“, „Хидра 1960“, „Гебелс го остава започнатиот роман и ѝ пристапува на партијата“ и „Од каде доаѓа покорувањето на заповедите“. Песната „Учители“ во Небесни паразити, потоа и на албумот The Songs of Leonard Cohen (1968), изобилува со референци за срцето: „Дали си учител на моето срце / Ги учиме старите срца да пукнат“.

Насловот Цвеќиња за Хитлер сигурно ѝ звучел ужасно на еврејската заедница од која потекнувал Коен. Низ сите песни се провлекувала силна политичка црта, субверзивна, која се занимавала со холокаустот во широк распон од семејниот однос во кој моќта и силата играат одредена улога, до неизмерното дивјаштво на геноцидот. Темата му ја предложил Примо Леви, чии зборови се цитирани на почетокот на Цвеќиња за Хитлер: „Погрижете се нешто слично да не се случи и во вашиот дом.“ Разбирањето на Коен на делото на Леви било такво што во оваа збирка песни од него ја преземал митологијата на концентрациониот логор и драматично предупредувал дека тоа е она што си го правиме едни на други во своите дневни соби. Го истакна ставот по кој Цвеќиња за Хитлер претставува радикален исчекор од неговото дотогашно дело. На задната корица напиша: „Оваа книга ја означува мојата преселба од светот на златното момче на поезијата во калта на поетите од првите редови.“ Сепак, политиката на личното и понатаму е мошне воочлива во самоанализирачкиот карактер на поезијата. Според мислењето на Милтон Вилсон, Цвеќиња за Хитлер се разликува од Зачините на земјата по уште поизразеното неумоливо и бескомпромисно трагање по „поетската супстанца од која живее: сè што може да се сети, да замисли, да впие, да раздвои, да исфрли од себе, да преобрази, да заборави“.

Коен напиша и два романи, Омилената игра (1963) и Прекрасни губитници (1966). Тие романи не се нималку конвенционални кога станува збор за аспектите на нарацијата како што се заплетот, драмските ситуации и ликовите. Подредени им се на драмските слики, тематските визии, и богатата јазична структура. Навистина, како што посочува и Стивен Скоби, романот Прекрасни губитници е многу повеќе преокупиран со разорувањето на ликовите отколку со нивното создавање. Централните ликови во романите на Коен се поети слични на свештеници, кои трагаат по искупување. Романот Омилена игра е полуавтобиографски, мешавина од автобиографија и фикција. Тоа е приказна за Лоренс Бревман, еврејско момче од пристојно монтреалско предградие, кое очајно сака да се извлече од заглупавувачката атмосфера на средната класа и да ги прошири своите искуства за светот. Станува збор за емоционално разбранувано патување, поттикнато од хормоните, низ свеста која тежнее кон ослободување.

Џек Маклиланд, од издавачката куќа Маклиланд и Стјуард, во почетокот имал забелешки на сметка на заморната љубовна афера на раскажувачот со самиот себеси и ласцивните сексуални сцени. Покрај тоа го поставувал и прашањето до која мера текстот е автобиографски. Коен потврдил дека сите настани, со исклучок на смртта на Роберт на крајот од вториот дел, навистина се одиграле. Признал дека тој и Бревман имале многу идентични доживувања, но дека различно реагирале на нив, и дека заради тоа станале различни луѓе. Коен бил крајно разочаран од односот што кон него го имале Маклиланд и Стјуарт. Во својата пријава на конкурсот за стипендија до Канадскиот совет, Коен навел извадоци од рецензиите од уредникот. Еден го обвинил за предолга љубовна врска со самиот себеси, друг дека е досаден и одвратен, а трет дека инсистира на „лигав, морбиден“ секс. Го навеле да помисли дека и не напишал книга, туку нешто валкано и грдо. Дури стимулот што го добил од книжевната агенција Абелард-Шуман во Њујорк го поттикнал да го продолжи овој проект, со кој мошне јасно се разоткрила канадската провинцијалност.

Играта од насловот не е онаа на која посочува самата книга, или онаа што се споменува на корицата, играта на љубовта и сè што оди со неа, туку играта што најмногу ја сакала хероината од романот, Лиса, онаа во која таа и Бревман се фрлале во свежиот снег и се натпреварувале кој ќе остави поубав отисок. Во снегот останувале големи цветови, со траги од стапки како стебла. Коен симболично порачал дека ние всушност оставаме отисок во светот со своите тела, како и со трагите од стапките додека заминуваме.

Омилената игра го потсетила еден критичар на одење во пип шоу, во кое воајерите можат да го посматраат Бревман како ја заведува собарката Тамара во вински подрум и во изнајмена соба, Норма во шумата, а Ванда во пристаништето за чамци. Тоа повторување со кое се храни поетската имагинација е ублажено и искупено со дарот на Коен за „создавање неверојатно комични ситуации, како и вознемирувачки и просветлувачки метафори. Неговата способност да ги кристализира меѓусебните односи на тие метафори нуди можност повеќето поглавја од романот да се читаат како посебни песни“. Повторно, друг ја опишал оваа книга како „убава приказна, разгалувачки физичка, духовна и интроспективна, напишана со прекрасна, бујна страственост“. Коен не бил претерано разочаран од недостатокот на комерцијален успех. Во суштина, ниеден млад канадски писател во тоа време не ни смеел да се надева на комерцијален успех, зашто тоа ќе значело дека се продал. Во Монтреал во шеесеттите години не ни постоеле книжевни суперѕвезди, и „немало блескави награди какви што постојат денес, така што секој писател мошне скромно ја согледувал својата книжевна кариера“.

Прекрасните губитници Коен ги опишал како спасоносен роман за искупувањето. Во приказот на овој роман во Бостон глоуб било најавено дека Коен е реинкарнација на Џејмс Џојс. Станува збор за модерен авангарден роман, во кој многу прикази, истакнува Денис Дафи, „во себе имаат нешто фантазмагорично, надреално, здружено со уживањето во крвта и содомијата, кое потсетува на романите на Вилијам Бароуз.“ Тоа е, истакнува критичарот, „дело кое во својата категорија е вредно за почит“, сосема во духот на шеесеттите но сепак под висините кои ги достигнуваат Голиот ручек на Бароуз, В. на Пинчон, или Пловечката опера на Џон Барт, пред сè заради своите крајни „суптилни текстури“. Според мислењето на еден друг критичар, во прашање е „најсложениот, најерудитскиот и најфасцинантниот канадски роман кој бил напишан некогаш.“

Успехот што го постигнал Коен како пејач и автор на текстови, а заради кој бил обвинет дека се продал како поет, сепак придонел токму за неговиот поетски успех. Во приказите на збирката Небесни паразити, објавена 1966 година, почнало да се менува критичкото вреднување на неговите книжевни и поетски таленти. Џорџ Бауеринг, во приказот на оваа збирка во списанието Канадијан литрачр, ја оценил како најслабото дело на Коен. Потоа сериозните критичари или го занемарувале фактот дека Коен е комерцијално успешен пејач или нагласено укажувале на неговиот статус на рок ѕвезда. Луис Дудек заклучил дека Коен бил добар писател сè додека не одлучил да се откаже од поезијата, да земе гитара и да стане популарен забавувач. Книгата на Коен Избрани песни: 1956-1968 (1968) во првите неколку месеци по објавувањето била продадена во над двесте илјади примероци, што дотогаш не било забележано кога станува збор за современата поезија, а успехот на збирката несомнено бил последица на успехот на авторот како рок ѕвезда.

Кон вториот дел.

Извадок од книгата: David Boucher, Dylan & Cohen (2004)  

Слични содржини

Книжевност / Култура / Теорија / Музика
Книжевност / Култура / Музика
Книжевност / Музика
Книжевност / Музика
Книжевност / Музика / Историја

ОкоБоли главаВицФото