Кастро: икона на херојството и на страста кон слободата

26.11.2016 13:21
Кастро: икона на херојството и на страста кон слободата

Никогаш не сум го сакал Фидел.

За разлика од Че.

Поромантични ми беа испоставите на американската мафија за разврат од дрога, проституција, алкохол и комар во Хавана.

Но, имав респект кон подвигот што го направи: во морето на капитализмот и среде блоковската поделба, да создаде нешто контра, политичка егзотика, перформанс кој, еве го, трае педесет и кусур години.

Во Заливот на свињите јас навивав за Американците.

И во Кубанската криза навивав за Американците.

Имав десет години и секоја вечер го слушав Грга Златопер и Гласот на Америка на „Савица 56“, така мислам дека се викаше марката на нашето радио.

Нема да верувате, но знаев дека ќе успее поморската блокада и дека Русите ќе се повлечат.

Професорот Вукадиновиќ ме праша при одбраната на мојата дипломска работа, која, бај д веј, беше за Кипар, како било можно Кастро да победи на Куба. Јас почнав да вртам некои теории, но професорот ме прекина и ми рече вака: затоа што Американците мислеле дека екипата на Фидел е шумска банда која ќе умре од глад и додека сфатиле дека бандата расте во формација што ќе ја освои Хавана, веќе било доцна.

Но, од почетокот бев против американските санкции, Кубанците веќе ги беа освоиле моите симпатии во нерамноправната битка со големиот противник.

Во меѓувреме гледав домументарци за замрзнатото време во Хавана, за Кампај Секундо, за Буена Виста Сошл Клаб, за Вим Вендерс. И дипломатски рапорти за меракот да се живее евтино и висококвалитетно на Куба. Со малку пари што Кубанците ги немаат. Улиците, автомобилите, кафеата, сето тоа беше врвна романтика која се трансформираше во насилство само во некои филмови со Брус Вилис.

Хемингвеј и Маркес и Фидел Кастро. Тони текила и туна и убави жени!

Тито во Хавана. Царот на неврзаните на кого сите дојдоа да му се поклонат.

Се сеќавате, не!

На кубанската колонија во Мајами, на Глорија Естефан, на лошите и добрите работи што ги носи емиграцијата.

Затоа ми беше драго затоплувањето на односите со Вашингтон.

Замина амблематската фигура на дваесеттиот век.

На херојството и на страста кон слободата.

На ризикот.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторот