Бранимир Јовановиќ, Кристина Ампева и Петар Гошев беа гости на КРИК фестивалот

28.11.2016 03:59
Бранимир Јовановиќ, Кристина Ампева и Петар Гошев беа гости на КРИК фестивалот

Во економската наука нема термин како економско насилство, но во Македонија економскиот систем постојано врши насилство врз луѓето, рече Бранимир Јовановиќ, економскиот истражувач и професор, на предавањето на тема „Економско насилство - несвесни за него, иако секојдневно со него“ на програмата на КРИК – фестивал за критичка култура.

- Во Македонија процентот на население што живее со помалку од 3 долари дневно изнесува дури 8,7 отсто и со тоа земјата е на врвот на сиромашните во Европа. За споредба, во Словенија само 0,1 отсто од населението живее во ваква сиромаштија. Решение за тоа промена на системот. Македонија има и рекордна социјална нееднаквост меѓу меѓу богатите и сиромашните. На што се должи ваквата социјална нееднаквост? Една од причините е даночниот систем, оние што примаат минимална плата, на државата ѝ плаќаат 35 проценти од нивниот доход, оние што имаат највисоки примања, на државата ѝ плаќаат само 12 проценти даноци. Оттука, едно од решенијата е да се направи даночна реформа. Додека за проектот Скопје 2014 се потрошени 628 милиони евра, само 25 отсто од главниот град има добри одводни канали, односно основна инфраструктура. Оваа состојба доведе до тоа во последните поплави да загинат повеќе од 20 луѓе. Граѓаните на Македонија самите си ги плаќаат повеќе од 36 отсто од здравствените услуги. Во државите на ЕУ овој процент изнесува 14 отсто, што значи дека имаме најлошо здравство во Европа. Македонија е и на прво место во Европа според смртните случаи на работниците. Минатата година загинале 40 работници, ова е резултат на лошите работнички права, рече Јовановиќ.

По предавањето се одржа и разговор со Кристина Ампева од Здружението „Гласно“ кое се застапува за промовирање, поттикнување и анализа на правата и начините на организирање на текстилните работници во Штип и штипско со цел подобрување на нивните работнички и животни права.

- Со работата со „Гласно“ на терен дојдовме до страшни податоци, а тоа е дека имаме непочитување на основните човекови права и слободи. Овде не важат законите за работничките права. Текстилните работнички работат прекувремено и не добиваат плата за таа работа, исто така работат за државни празници и не добиваат ништо плус како за работа за време на празници, одат во недела, никој не ги прашува дали сакаат или не. Услови за работа – нема, има прашина, немаат мензи, јадат над машините, под постојан притисок и мобинг. Прво имаме дискриминација во однос на минимална плата. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата е 9.000 денари, а во останатите сектори е 10.080 денари, потоа се манипулира со една стапица во законот што се вика минимален исполнет учинок, па имаме исплати под минималната плата, па има исплати по 5-6 илјади денари. Мене не ми јасно каде се тука институциите, општо конфекцијата во Штип два месеца не зеле плата, инспекторатот и синдикатот се надлежни, а има само молк. Мора сами да се организираме, работниците сами да преговараат со власта, рече Ампева.

Петар Гошев се осврна на историјата на системско насилство, кое според него, се случува од формирањето на македонската држава, со одземањето на приватната сопственост и аграрната реформа.

- Ние сме постојано во состојба на системско насилство, има огромни потфати на економскиот систем преку кои е извршено економско насилство, иако најчесто се испреплени со политичкото насилство и насилство врз човековите права, бидејќи тие го вклучуваат правото на плата. Кога се формираше независна македонска држава, со приватизацијата, повеќе луѓе останаа без работа отколку што мораше поради начинот на изведбата на приватизацијата. Економско насилство беше денационализацијата со идеја да се исправи неправдата на оние што им било земено да им се врати, тоа е неправда, но тоа се врати од даночните пари, кои не се од тие што ја одзеле туѓата сопственост.

Ако во Македонија се направи попис и се измери економската нееднаквост, ќе се види дека разликите се страшно високи. Огромната нееднаквост не прави продуктивно општество, таа јаде живи луѓе. Таа произведува само повремени рамнотежи преку иселување. Не може да изградите здраво општество ако луѓето имаат чувство дека нееднаквостите се прифатливи. Богатите мора да плаќаат повеќе данок. Кај нас нееднаквостите се создаваат од даночниот систем и со корупцијата. Грешките на економскиот систем придонесоа кон производство на вишок луѓе кои останаа невработени или не можеа доволно да заработат во своите професии, па си заминаа во странство. Новата власт во Македонија ќе може да го поправи ова доколку сака, бидејќи има можности за тоа, рече Гошев.

Според него, едно од решенијата за сегашната состојба на економско насилство врз сите слоеви на општеството, е да се организираат во силни синдикати и организации и покрај стравот и притисоците на кои секојдневно се изложени од страна на власта, да се охрабрат и да се спротивстават.

Од другите програмски содржини на КРИК фестивалот, уметницата Христина Ивановска, на македонски јазик го изведе перформансот „Документот што недостасува: перформанс бр.4 (Сослушувањето)“, како дел од групната изложба „Архиви на насилството“ поставена во Чифте амам.
Во саботата заврши и дводневната работилница Дигитална библиотека/Моја архива: од корисник до аматер-библиотекар со Марсел Марс и Томислав Медак од Хрватска. На работилницата можеше да се научи како се дигитализираат книги, списанија и архивски документи, каде да се најдат електронски книги, списанија и документи, кој е најдобриот начин да се организира електронска колекција. Потоа како се одвива процесот на дигитализирање, создавање и споделување на дигитална колекција и организирање на истражувачкиот процес со дигитални документи и архиви.

КРИК фестивалот за критичка култура завршува на 3 декември со предавањето на Рената Салецл „Политиката на избор како политика на насилство“

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики во соработка со: Мултимедијалниот институт (Загреб), kuda.org (Нови Сад), Контрапункт (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб), ве повикува да бидете дел од КРИК (критика – реакција – идеја – конфронтација) – фестивал за критичка култура. КРИК – фестивал за критичка култура е соработничка платформа помеѓу Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и Есперанца – светски културен центар. Оваа платформа е отворена за соработка со сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси. 

ОкоБоли главаВицФото