Леонард Коен како писател и поет (2)

28.11.2016 12:23
Леонард Коен како писател и поет (2)

Точно е дека Дилан негувал блиски врски со поетите, особено со Ален Гинзберг, но Коен никогаш не бил сериозно прифатен во тој книжевен круг. Гинзберг верувал дека Дилан сосема сам го преобразил ликот на американската поезија така што создал уметност од самите корени на таа култура. На деветнаесет години Коен сакал да го прифатат канадските бит поети затоа што се воодушевувал на нивниот немарен изглед, боемскиот стил на живот и кокетирањето со работничката класа. Тој, пак, бил исклучително добро облечен, како син на произведувач на облека, и припадник на средната класа. Од својот дом се преселил во изнајмен стан, за да го промени својот животен стил, така што повеќе ќе наликува на неговите поетски стремежи и сè поизразените хормонални опсесии. Станал дел од боемската книжевна сцена „андерграунд“ писатели и поети, која дотолку била „андерграунд“ што не сакала да им се понижува на „субверзивните стремежи“. Желбата да им биде привлечен на жените била мошне поврзана со неговата амбиција да стане поет. Навистина, по објавувањето на Омилената игра, уживал во својата ограничена и локална слава. Исмевајќи се себеси изјавил дека не го поднесува звукот на сопствениот глас, кој тогаш веќе бил глас на целата негова генерација во Канада. Му било забавно што телевизиските станици му плаќале да ја повторува секоја богохулна бесмислица што ќе му паднела на ум.

Образованието на Коен на Универзитетот Мекгил било конвенционално. Постојат сведоштва дека ги изучувал Проповедите на Џозеф Батлер и изданието на Пејтон Основата на метафизиката на моралот на Емануел Кант. Ги изучувал и англиските романтичари, Роберт Бернс, Блејк, Колриџ, Чарлс Лем, Волтер Скот, Томас Де Квинси, Бајрон, Шели, Китс, Вилијам Хазлит, Волтер Севиџ Лендор и Томас Вуд. Ги развил и своите ораторски и реторички способности, па добил повеќе награди за ораторство и станал претседател на дебатното друштво на колеџот. Учествувал во дебати како што се „Овде повеќе се цени Вулворт отколку Вордсворт“ и „Мрачното морално влијание на телевизијата врз општеството“.

Меѓутоа, поетските корени на Коен оделе многу подлабоко, не само во традицијата на популарната култура, туку и во религиозното искуство на Западот, со сите оние теми за вината, гревот, спасението и искупувањето, кои биле дел од тоа. Ги испитувал хоризонтите на таа култура, ја поткопувал и се грижел за неа, го разоткривал нејзиното лицемерие, наоѓал утеха во нејзината заштитничка природа и во можноста за дефинирање на битието. Бил и под влијание на моќната фасцинираност на А. М. Клајн со еврејската опседнатост на Адолф Хитлер. Во 1961 година на еден новинар му изјавил дека работи на „збирка диви и сатирични стихови“, Цвеќе за Хитлер, која бил подготвен за ја објави и како самиздат, ако не успее да најде издавач. Потоа, во 1963 година го опишал ова дело, сега со наслов Опиум за Хитлер, како збирка која „го истражува тоталитарниот дух на нашиот век.“ Во збирката Цвеќе за Хитлер (1964) Коен заклучил дека неговото место е надвор од кругот кој подбивно го нарекувал „патувачка булумента поети“. Ја признал својата посветеност на традицијата и својата решеност да не се одвојува од неа ниту да ја отфрла пред сосема да сфати што е тоа што го остава зад себе. Инспирација пронашол во Библијата и во делата на писателите како Мигел де Сервантес, Албер Ками и Жан-Пол Сартр. Уживал и во поезијата на Јејтс и Паунд, како и поезијата на неговите професори од Универзитетот Макгил, Хју Макленан и Луис Дудек, но и во делата на авторите од кругот на канадските писатели со кои бил поврзан, особено со Ирвинг Лејтон, исто така негов професор. Лејтон го опишувале како „професионален поет и екстровертер“, и тој очигледно и тоа како бил добро друштво за суштински срамежливиот Коен. Во круговите на монтреалската културна елита го сметале за допадлив, ѓаволест развратник, со склоност кон значително помлади жени. Во педесеттите години уживал да ги доведува луѓето до бес и наоѓал изопачено задоволство во настојувањето секогаш да го прави она што не треба. Коен првпат се сретнал со Лејтон 1949 година, а потоа повторно како студент на Мекгил, каде Лејтон организирал поетска работилница. Бил дваесет години постар од Коен, но тоа не ги спречило да изградат трајно пријателство. За Коен, Лејтон бил жив извор на инспирација и замена за татко и пример. Коен особено го импресионирала поетската плодност на Лејтон.

Врз основа на текстовите и филмските записи за Лејтон, се стекнува впечаток дека бил тврдоглав, наметлив, помпезен, шовинистички настроен елитист, човек кој не бил пред своето време туку му припаѓал сосема, како што самиот сакал да верува, и кој сметал дека монтреалската еврејска заедница не само што се разликува од француската или англиската, туку е и супериорна во однос на нив. Бил навистина харизматичен, па многу негови студенти, вклучувајќи го и Коен, потпаднале под неговото влијание. Коен се разликувал од останатите по својата воздржаност, и по автоироничното, дури и фарсично прифаќање на екстремните пози што го избавувале од често смешното апсурдно и емотивно наивно ласкање на сопствениот поетски талент и сексуалната привлечност. Додека Лејтон претставувал комична фигура на романтичар, Коен бил она што Сандра Дајва го нарекува „црн романтичар“. Романтичарот ужива во својата лична визија, до извесна мера и во спротивставувањето на конвенциите. Романтичарот го истражува ирационалното, ги нагласува емоциите, имагинацијата, илузиите и визионерските слики. На многу начини, романтизмот се темели на мистериите и убавините на природата. Црниот романтизам на таквата тенденција доведува до крајности, величајќи ги мрачните моменти на реалноста како, на пример, во Цвеќе на злото на Бодлер, чиј наслов го инспирирал за Цвеќе за Хитлер. Станува збор за интроспекција која повикува морбидни и гротескни слики на смрт и самоубиства. Поезијата на Коен се одликува со претераност. Меѓутоа, самиот Коен, истакна дека неговата лична филозофија е многу покомплетна од онаа што ја застапува црниот романтизам. Црниот романтичар е склон да застане на страната на Валери Соланис која во јули 1968 година се обиде да го убие Енди Ворхол. Во Манифестот Скам, Валери Соланис тврди дека мажите ги карактеризира спротивноста на допирот на Мида: сè што ќе допрат, се претвора во гомно. Според мислењето на црните романтичари, како што е Сартр, ништо не се претвора во злато, додека за Коен нешто се претвора во злато, а нешто дегенерира во гнилеж. Личната човечка филозофија е нецелосна, ако не се прифатат овие две вистини.

По објавувањето на Омилената игра 1963 година, и Цвеќе за Хитлер 1964 година, Коен одлучил да ја наплати својата поетска популарност со поетска турнеја заедно со Лејтон и канадските поети Ерл Бирни и Филис Готлиб, при што сите имале нови книги кои требало да се претстават. Спонзорите на турнејата по универзитетските кампуси биле издавачите Маклиланд и Стјуарт, една фабрика за автомобили и министерството за туризам, што ги поттикнало вообичаените обвинувања за проституирање на уметноста. Турнејата ја снимал Канадскиот национален одбор за филм, и таа снимка била основа за филмот Дами и господа, господинот Леонард Коен на Доналд Бритен и Ден Овен од 1965 година. Еден од непријателски расположените критичари, Луис Дудек, професор на Коен од Мекгил, во октомври 1964 година во Монтреал стар заклучил дека единствената неволја во врска со турнејата е што има многу мала врска со поезијата. Книгата на Лејтон, според зборовите на Дудек, не била ништо друго туку популарно лудирање, кое некои Канаѓани го прифатиле како поезија, додека книгата на Коен била едвај малку подобра, зашто таква ја направиле само „незаузданата имагинација и снаодливоста“, а инаку била мошне блиску до неподнослив егоизам. Книгите на Ерл Бирни и Филис Готлиб биле занаетски исклучително дотерани, речиси налик на лекциите по креативно пишување, но им недостасувала енергија каква што имале Коен и Лејтон, па според тоа било тешко да се одреди која од тие два вида поезија е полоша.

Коен искрено им се воодушевувал на бит поетите. Студирал на Колумбија во времето кога бил објавен Урликот на Гинзберг, а неговата збирка Ајде да ги споредиме митологиите била објавена истата 1956 година. Гинзберг во 1985 година го окарактеризирал Коен како најголемиот современ американски поет кој, заедно со Џек Керуак и Грегори Корсо, на модерната поезија ѝ подариле нов живот. Целото движење на бит поезијата било спротивставено на конвенциите, насочено кон бунтот против прифатените конвенции за сексот, уметноста и религиите. Бит движењето истовремено било и антиинтелектуалистичко, а Коен ја чувствувал таа црта како своја.

И Дилан и Коен чувствувале сродност со бит поетите бидејќи и нивниот raison d'etre, како и кај битниците, и покрај склоноста за предизвикување шок, можел да се согледа во желбата да станат славни и успешни. Сите сакале да бидат како нив, а тоа баш и не е исто со желбата да се промени светот.

Коен непосредно ја запознал бит сцената од Гринич Вилиџ четири години пред Дилан. Се дружел со помалку познатите бит поети и присуствувал на нивните читања во кафетериите во Вилиџ, восхитен од нивниот боемски животен стил и омаловажувачките коментари за владејачката култура. Кога го видел Керуак како зборува на сцената, со нескротлива појава и животна енергија, една година пред да го објави романот На пат (1957), Коен почувствувал желба својот поетски вкус да го здружи со склоноста кон прозниот израз. Еден од доказите за фасцинираноста на Коен од декаденцијата на битниците и нивната опседнатост со славата нуди неговата песна за Александар Троки во збирката Цвеќе за Хитлер. Троки, бит поет и романсиер од Глазгов, бил и на зол глас како наркоман и порнофил. Во раните шеесетти, Троки првенствено дејствувал во рамки на Проектот Сигма, светска организација на интелектуалци, поети и писатели, поврзани со цел да постигнат револуционерна преобразба на Западот. Нивната главна ориентација можела да се согледа во спротивставувањето на работата преку игра, со убедување на другите да се посветат кон поголема креативност, за на тој начин да бидат подготвени за вишокот слободно време кој ќе произлезе од сè поголемата автоматизација. Цел на групата била самооткривање и подготовка за користење на вишокот слободно време. Во основа тоа е она што го споменува Коен кога се сеќава на својот прв состанок со Троки. Неколкуте денови кои Троки ги поминал во станот на Коен во улицата Маунтин во Монтреал делувале како неколку недели или месеци, зашто Шкотланѓанецот бил мошне убеден во своите ставови. „Во извесна смисла“, се сеќава Коен, „тој се доживуваше себеси како генерален секретар на некакво ново субверзивно движење кое ќе го отфрли стариот сензибилитет и ќе воспостави нов, помил и поблизок до срцето од оној во кој сите бевме принудени да живееме и во кој, впрочем, сè уште живееме.“

Троки бил роден манипулатор, кој успеал да се збратими со многу славни личности. Неговите колеги шкотски писатели, како што се Ирвин Велш и Кевин Вилијамсон, го сакале зашто ја презирал шкотската провинцијалност, исто како нив. Велш го читал и го ценел романот Младиот Адам, но не му се допаѓала Каиновата книга, за која често се тврди дека е најдоброто дело на Троки, зашто станува збор за инфериорна верзија на мрачното митологизирање на дрогата на Бароуз. Впрочем, Трејнспотинг бил реакција на книжевноста која се доведува во врска со Бароуз и Троки, мрачните боеми и наркомани. Троки уживал во перверзното, одвратното и болното. „Луѓето ме нарекуваат лудак“, зборувал. „Вистина е дека ја сакам смрдеата и сè што е грешно и нечисто. Ги сакам разбојниците и поетите и силуваните жени, Кинезите и болните црнкињи. Впрочем, сакам сè од пупките надолу.“ Првокласната порнографија на Троки во форма на уметност морало да му се допадне на Коен, како што подоцна ѝ се допаднала на Пети Смит и значајно влијаела на неа. Навистина, овие тројца уметници, како и Рабл, не прифаќаат одвојување на уметноста од реалноста на телесните функции и перверзиите.

Песната „Александар Троки, јавен наркоману, Priez pour Nous“, е претходничка на некои од темите во Прекрасни губитници. Троки тука навистина е убав губитник, светец со ученици на кои им е потребен водач, но притоа и автодеструктивен и перверзен, уверен дека сивото е боја на здравата кожа и посветен на промената на „Законите“, што е алузија на проектот Стигма.

Еврејското воспитание на Коен му ја пренело преокупацијата со холокаустот, па неколку месеци пред да ја напушти Колумбија, која никако не успеала да го поттикне, напишал краток текст со наслов Балетот на лепрозните, меланхолично и морбидно истражување на сопствените чувства за холокаустот, кое не успеал да го објави. Таа тема постојано одново се појавува во неговите песни и композиции, често и на не баш непосредно очигледен начин. Во песната „The Captain's Song“, на пример, постои експлицитна референца на холокаустот, кој се крие како инспирација во подтекстот на песната „Dance Me to the End of Love“. По враќањето во Канада и довршувањето на втората збирка поезија, најпосле објавена 1961 година, со Ирвинг Лејтон имал неуспешна соработка при пишувањето една драма.

Како што визионерската поезија на Блејк влијаела на Гинзберг и претставувала негов траен извор на инспирација, така и Коен, како што е веќе кажано, бил инспириран од имагинативната романтична поезија на Федерик Гарсија Лорка, кој од 1925 година бил пријател на Салвадор Дали, иако Дали во целост ја отфрлал неговата надреалистичка поезија. Лорка бил шпански поет кој страдал од раката на герилците-националисти 1936 година. Тој бил првиот поет кој успеал да го допре Коен, првиот кон кого тој почувствувал длабока наклонетост. Од јуни 1929 до март 1930 година бил во Њујорк на Универзитетот Колумбија, а бил и во Хавана. Фасциниран од Лорка, и Коен поминал одредено време на Колумбија, а бил и на Куба за време на фијаското во Заливот во мај 1961 година. Во Шпанија, Лорка бил познат како „цигански поет“, и тој термин на почетокот му се допаѓал, но подоцна го презирал заради неговите пежоративни конотации. Заклучил дека тоа звучело како збор за необразован, некултивиран и див поет. Коен прави алузија на Лорка во една од своите први песни, „So Long, Marianne“, во која пее: „А, мислев дека сум некаков мал Циган, пред да ти дозволам да ме одведеш дома.“ Њујоршките песни на Лорка ја рефлектираат неудобноста што ја чувствува во огромниот, безличен град, каде владејат бедата, пропаѓањето, сегрегацијата и насилството – со страдање кое како да му се спротивставува на секое објаснување. И според расположението и според стилот, песните на Лорка имаат сличности со поезијата на Коен. Тие песни се мрачни, сликовити и вознемирувачки, а некои од нив се напишани во стил на песни за пеење. Две во насловот имаат валцер, а една од нив „Малиот виенски валцер“, била основа за коеновата посвета на Лорка, со посредство на слободен превод со наслов „Take this Waltz (after Lorca).“

Иако Коен неволно се впушта во широки дискусии за меѓусебниот однос на своите романи, поезијата и песните, и во извесна мера сите ги согледува како дел од иста творечка енергија, тој сепак сака да ја зачува разликата помеѓу своите музички песни и поезијата. Во едно интервју за францускиот телевизиски канал French2, Le Cercle de Minuit, емитувано во декември 1992, истакнал дека песните што ги пее поседуваат енергија, додека оние другите, чистата поезија, едноставно се таму каде што се. Фактот дека поезијата не ужива популарност и не е толку лош. Поетот може да го обнови јазикот со тајна работа, тоа не е јавна активност. Според мислењето на Коен, важно е да се направи разлика, и тоа без негирање на фактот дека и во испеаните песни има поезија и дека поезијата во себе го носи духот на музичката песна. Меѓутоа, критичарите сметале дека статусот ѕвезда што го достигнал Коен како пејач и текстописец оди на штета на неговата поезија. Цвеќе за Хитлер и Прекрасните губитници се набљудувани како дотогашни врвови на неговото дело, додека за книгите Небесни паразити и Силата на робовите се сметало дека означуваат пад. Роберт Коломбо, критичар наклонет на Коен, вторава ја опишал како „привлечно, но мало остварување“, додека целиот тој период бил опишан како пад во техничка и интелектуална сиромаштија. Тие две книги биле „гест на очај кој ни покажал дека поетот исчезнал некаде“. Книгата Смртта на заводникот била значајна зашто се појавила во време кога кариерата тргнала по надолна линија, кога ги прекинал односите со децата, и со трауми излегол со искуствата од работата со музичката легенда Фил Спектор на албумот Death of a Ladie's Man. Таа книга го означила враќањето на Коен во форма во чисто поетска смисла: „Се врати стариот Коен, подбивниот светец, повторно вооружен со сите свои јазични средства.“

Крај.

Кон првиот дел.

Извадок од книгата: David Boucher, Dylan & Cohen (2004)

ОкоБоли главаВицФото