Контраспин: Груевски ќе ги субвенционира весниците откако придонесе за нивно одумирање

29.11.2016 04:52
Контраспин: Груевски ќе ги субвенционира весниците откако придонесе за нивно одумирање

Никола Груевски, експремиер од 2006 до 2016, во подолгиот говор на митингот во Скопје, меѓу другото изјави:

Спин: За првпат ќе воведеме субвенции за весниците. Со обѕир на тоа што употребата на весници расте, порталите сè повеќе добиваат на тежина и значење, весниците сè потешко преживуваат. По теркот на Германија, Франција или други држави, каде што државата ги субвенционира весниците. Владата од 2018-та година ќе воведе субвенционирање на весниците.

[Извори: Веб страница на ВМРО-ДПМНЕ/ снимка на Youtube (oд 34:45 – до 35:10 мин.), датум 27.11.2016]

 

Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот на неговата партија во Скопје даде изјава дека идната влада ќе ги субвенционира весниците во Република Македонија и тоа од 2018 година, што ја сметаме за извртување на вистината, т.е. спинување.

Изјавата на Груевски е повторена двапати за два дена. Прво ја спомена во Кичево, а во неделата вечер и на митингот во Скопје. Таа е спин од повеќе аспекти, а првиот и најважен е дека Груевски и која било идна влада на ВМРО-ДПМНЕ, не може во медиумите ништо да помогне, а камоли да спасува дневни весници или весници воопшто, од една едноставна причина - тие покажаа дека не ја разбираат улогата и важноста на новинарството во државата и значењето на слободните медиуми во општеството.

Да не било така, Македонија немаше да дојде од делумно слободна земја во однос на медиумите и слободата на изразувањето, до целосно неслободна, каква што е оценета во 2016 од една од најреномираните организации што се занимаваат со слободата на медиумите, Фридом Хаус. Но, не е само Фридом Хаус, тука се и извештаите на Европската комисија, на Меѓународната федерација на новинари, на ОБСЕ (прелиминараен извештај на набљудувачката мисија, стр. 9), на Обединетите Нации, конечно, поточно на поранешниот специјален пратеник за слобода на мислење и изразувањето Франк Ла Ру

Но, се разбира, има и други причини зошто оваа најавена мерка ја оценуваме како спин. Истата мерка е срамежливо најавена, исто како и во говорот на Груевски и во програмата на партијата во точка 82 на стр. 325 под наслов Субвенции на печатени весници:

Почнувајќи од 2018 година, ќе обезбедиме субвенции за печатените весници во РМ. Висината на субвенциите и моделот на субвенционирање ќе бидат утврдени врз основа на анализи и искуства од други европски земји, при што главен критериум ќе биде висината на тиражот на печатениот медиум.

Колку сериозно се мисли на оваа точка, може да зборува и фактот што таа е ставена кај мерките и проектите за Инспекциски служби, што можеби и не случајно.

Зашто ако се сака вистинска помош на печатеното новинарство, пред сè на дневните весници, критериумот ќе биде висината на тиражот, поточно оние со помал тираж, а кои нудат некое различно мислење или се печатат на јазик на некоја мала малцинска група или имаат содржини за загрозени групи во општеството…, тогаш тие би биле секако на листата на субвенционирани печатени весници.

СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО ГО БАРАА НОВИНАРСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Натаму, оваа мерка за субвенционирање на медиумите како замена за владините реклами е на маса, така да се каже од 2015 година. Ја поставија новинарските организации кои учествуваа во сите разговори за медиумиите уште со поранешниот министер Иво Ивановски и посредно со поранешниот медијатор во преговорите како дел од Пржинскиот процес, Питер Ванхојте. Но, освен што, де факто, нема владини реклами од летото 2015 и тоа како израз на „добра волја на Владата“, како што тоа беше објавено тогаш, воопшто не се престанати рекламите од општините, како и од јавните претпријатија или агенции.

Здружението на новинари на Македонија во 2015 година објави истражување (Јавните пари во медиумскиот простор) спроведено за периодот октомври-декември 2014 година. Еве што покажа тоа истражување за печатените медиуми:

Што се однесува до печатените медиуми, односно осумте дневни весници и три неделници, во периодот октомври-декември 2014 година се вложени вкупно 657.759 евра. Општинската власт најмногу средства има вложено во весниците Нова Македонија, Лајм и Коха. Централната, пак, власт во овој временски период најмногу вложува во весникот Коха, а потоа во Дневник на второ и Вечер на трето место. Централната власт од анализираните неделници во периодот октомври-декември 2014 година, најмногу има вложено во Република.

Ако се земат овие податоци како апроксимација која останала и денес, тоа значи дека централната и локалните власти учествуваат со реклами во весниците во вкупен износ од околу 2,6 милиони евра на годишно ниво, што не е за потценување воопшто. Со мали исклучоци, преку уредувачката политика која е целосно или во најголем дел провладина, кај овие анализирани медиуми може да се видат и ефектите. Критичката мисла е исфрлена, тиражите се крајно опаднати и смешно е да се зборува за влијание на печатеното новинарство во креирање на јавното мислење (повторно со мали исклучоци), а некогашниот гигант во печатеното новинарство МПМ, се соочува со опција за згаснување на едно до две печатени изданија од трите дневни весници и преоѓање само на online издаваштво. ЗНМ неколку месеци подоцна излезе и со препораки за укинување на рекламите, а за примена на модел на субвенционирање на весници.

Севкупно земено, Македонија е на прагот да биде прва земја во Европа во која ќе згаснат дневните весници или ќе бидат до тој степен маргинализирани што нема да се бројат. За споредба, во 2000 година во Македонија имало 11 дневни весници со тиражи од околу 200 илјади примероци, а во 2008 г. имало 12 дневни весници со тираж од безмалку 300 илјади примероци.

ГРУЕВСКИ СОЗДАВАШЕ КЛИМА НА НЕДОВЕРБА КОН ВЕСНИЦИТЕ

Но, што се случи? Уште во 2007 г. некаде, Груевски во една изјава повика да не им се верува на сите весници, во тој случај беше посочено индиректно дека станува збор за „Утрински весник“, но трн во око му беа всушност и „Дневник“ и „Вест“, затоа што во тоа време и уште малку потоа, сè уште имаа независна уредувачка политика.

Во исто време, под капата на медиумската групација што ја имаше Велија Рамковски, се развија, исто така, уште три критички печатени медиуми – „Време“, „Шпиц“ и „Коха е Ре“… Дури и во „добрите времиња“ меѓу Груевски и Рамковски, овие весници имаа критичка уредувачка политика кон Владата… Но, не секоја власт поднесува критика од медиумите.

Најпрвин под превезот за борба со финансискиот криминал беше уништена целата групација на Рамковски, со што згаснаа и овие печатени медиуми, а голем дел од новинарите се најдоа на улица, со што се направи дисторизија и на медиумскито пазар. Потоа, кога германски ВАЦ се повлече од МПМ во 2012/2013 година, новата сопственичка структура целосно ја преврте уредувачката политика од критичка и умерена, во провладина, доуништувајќи ги на тој начин повторно весниците и доведувајќи се во сегашната незавидна состојба.

Така што, падот на тиражите и уништувањето на печатеното новинарство во Македонија е еден склоп на многу сериозни фактори, меѓу кои интернетот имаше значаен удел, но исклучително голем удел дојде од задушувањето на севкупните медиумски слободи преку создавање на таква клима на затворено општество, каде што власта (коалиција од две големи партии, плус приврзоци), се покажа целосно неодговорна кон јавноста. Она што не можеше да го постигне со притисоци, го постигна со пари од буџетот, со кои во форма на владини реклами или субвенции за играна и документарна програма кај електронските медиуми, ги држеше медиумите во зависност, а пазарот контролиран.

Во такви услови, кога ништо суштински од ставовите на оваа сè уште владејачка гарнитура не се сменило (во осма минута од говорот Груевски повторно зборува за „туѓи медиуми“), да се ветува подршка, субвенции за печатените весници, без никаква наведена крајна цел или модел е, во најмала рака лицемерно. Да не зборуваме за можноста, дека кога ќе дојде 2018 година, некоја идна влада практично да нема што да субвенциионира, оти дневното печатено новинарство во Македонија, со чест на исклучоци, е на смртна постела.

Оттука, ако тој што има придонес за вакавата состојба сега ветува дека ќе се однесува поинаку, тоа го сметаме за извртување на вистината или за спин.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото