Како со злото?

29.11.2016 05:18
Како со злото?

Конечно, клучното прашање денес е: како со Злото? Ако се следи христијанскиот кодекс – а и барабиве, нели, „проповедаат“ христијански конзервативизам – ние, повторно, би требале да го свртиме другиот образ. Иако, впрочем, ништо друго и не правевме десет години туку наизменично ги вртевме образите. Сега не знам кој е на ред – левиот или десниот? А христијанскиве кознервативци еднаш да добијат по носот? Како ли би изгледало тоа? Или тоа не е христијански?

Некои од упатствата на г-динот Заев како водач на опозицијата насочуваат кон почитување на христијанските норми на однесување. Не директно, можеби, и не баш (повторно) да го свртиме другиот образ, но да бидеме христијански милозливи кон барабите. Зошто? Кога тие во овие десет години се однесуваа христијански кон некого, особено кон некој од (условно) спротивставениот табор (иако кај нив и тоа беше недефинирано зашто секој кој мислеше поинаку, за што и да е, беше противник!)? Во целава оваа предизборна гунгула, со сите реклами и малоумни спотови, се појави и еден вистински лик – не глумец, не „случаен минувач“ – кој говори за неговите лични искуства со Злото во државната администрација. Иако сум сигурен дека во земјава веќе нема единка која, ако не од прва тогаш барем од трета рака, не слушнала барем една епизода од серијалот „Како ја украдовме државата“, овој човек директно во камерата говори за „третманот“ што го добивал во еден државен орган - Министерството за (не)култура - заради неговата политичка припадност, заради поинаквото мислење, заради слободата на определување и говор…

Ако и тоа ни недостасуваше, ете – го добивме. Имаме пред нас образован човек фрлен на најдолното скалило од силната им злосторничка државна администрација само заради „идеолошката“ обоеност; имаме човек кому не му е дозволено да ја врши работата за која што е стручен (постручен и од министерката) само заради политичката определба; имаме државен службеник кој отворено посочува на Злото и неговите методи на понижување и справување со неистомислениците! И повторно: не слушнав(ме) да се огласи ниту еден орган во државава надлежен за таквото бесрамно однесување на власта. Не слушнавме ниту еден од „независните интелектуалци“ да допраша за што всушност се работи, да побара одговорност... Ама затоа ја слушнавме фамозната министерка за администрација дека немало притисоци врз администрацијата, дека обвинувањата се неосновани и неточни. И без оглед што го гледа секој ден на телевизиите толкав човек како прецизно посочува што сè преживува од нејзината администрација, таа шушумига смета дека тоа не е ништо?! И баш би сакал сега да се обрати и „многупочитуваната“ министерка за (не)култура, макар и на лепом српском језику! Но, зошто би се мачела и таа кога и така никој од неа/нив не бара ни одговори ниту одговорност?

Ако овој извонреден пример го простреме во изминативе десет години и го претпоставиме како некакво можно, очекувано правило на однесување односно борба против Злото, веројатно денес не ќе ја имавме оваа ситуација. Зашто, дури и таква централизирана полуписмена бирократија базирана на насилство и мобинг каква што изгради Злото кај нас, неминовно паѓа пред силата на јавниот аргументиран истап! Впрочем, следејќи ги поуките од другите тоталитарни системи, особено од фашизмот, македонското Зло успешно изигра на картата на популизмот, на групните (партиските) права наспроти индивидуалните. Затоа и индивидуалниот истап, посочениот но и потенцијално многуте други ќе придонесеа и ќе придонесат за конечно разобличување на ликот на Злото.

И, да се вратам на почетокот на овие текстови за Злото, на Хана Арент, која вели дека власта е специфичен извор на сила, на моќ. Но, кај нас власта, особено оваа власт, се покажа како извонреден извор на зло, трансформирајќи ги раководните структури во злосторничко здружение, а методите на практикувањето на власт во отворено и грубо кршење на сите човекови права и цивилизациски норми. Апсолутната власт не само што апсолутно корумпира туку и произведува апсолутно зло. Методите на борбата против такво количество Зло не можат да бидат поединечни. Такви, впрочем, и беа изминатава деценија и не дадоа резултати. Моментот на „улицата“ покажа дека всушност Злото има уплав од народ, од луѓе („социјални сили“, Арент) здружени со една цел и решени истата да ја остварат.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптури на сликите: Danny van Ryswyk

ОкоБоли главаВицФото