Интервју со Димитар Апасиев: Левица го задава последниот удар на режимот!

30.11.2016 12:09
Интервју со Димитар Апасиев: Левица го задава последниот удар на режимот!

На претстојните парламентарни избори во Македонија, за прв пат се појавува автентична левичарска партија, формирана од активист(к)и кои своето политичко искуство го печеа во политички организации и движења со силен идеолошки предзнак, и кои својот политички капитал го стекнаа по улици, протести и вжештени јавни дебати. Левица, партија која беше формирана пред нецела година, сега оди на избори со слоганот „Искра во мракот“, со листи во првите пет изборни единици.

Еден од највпечатливите ликови во Левица е професорот Димитар Апасиев, познат правник и оратор, долгогодишен активист, автор на шест книги и над 50 трудови, и советник во Специјалното Јавно Обвинителство. Тој е дел од Президиумот на партијата и носител на изборната листа на Левица во првата изборната единица. Во пресрет на изборите, остварив интервју со Димитар Апасиев кое ќе биде објавено на српскохрватски за регионалниот левичарски магазин и портал Нови Пламен. На Окно ексклузивно оди македонската верзија неколку дена порано.

Со Апасиев разговаравме за контекстот во кој Левица се појавува, политичкиот прогон на нејзините членови, нејзиното позиционирање и поединчени политички одредби, и неговите очекувања од изборите. Како една од десетте анти-режимски опции (во опозицијата постојат вкупно шест партии и четири коалиции), Левица се залага за непривилегираните и обесправените. Освен силниот акцент на социјалната правда, Левица е карактеристична по нејзиниот изразен анти-елитизам во поглед на домашната политика, и анти-империјализмот во поглед на надворешната политика. Апасиев верува дека на овие избори Левица ќе стане парламентарна партија. Целото интервју во продолжение.

Анастас Вангели: Како би го врамиле појавувањето на Левица и истрчувањето токму на овие парламентарни избори, во контекст на политичката траекторија на независна Македонија, и особено во контекст на политичките настани во Македонија последниве неколку години?

Димитар Апасиев: Левица е долга и широка работа. Оваа атипична партија е нешто досега невидено на македонската политичка сцена во изминативе 25 години. Таа е плод на процесот на левичарска ферментација и зреење на децата на транзицијата. Иако нова партија, Левица е составена од „стари“ активисти кои беа присутни во сите протестни движења изминатиов период. Ние сме вистинско освежување на нашата неинвентивна политичка сцена. Левица е составена е од образовани, неискомпромитирани и храбри луѓе кои беа први на улиците и барикадите кога тоа беше најпотребно и кои покажаа како се дава отпор пред налетот на полициските кордони. Ние, иако млади, имаме долгогодишен стаж на практикување разни форми на политички активизам преку макотрпна теренска работа низ неколку левичарски здруженија (Ленка, Солидарност и др.), синдикати, протестни движења, неформални групи и граѓански иницијативи. Затоа Левица, по многу нешта, е поразлична од сите други вообичаени партии кај нас – бидејќи ја градевме оддолу-нагоре. Левица нема лидер, нема спонзор, нема багаж од минатото!

АВ: Левица е една од ретките партии која оди сама на овие избори. Таквиот потег наиде на поддршка, но и на критика кај оние кои повикуваа на широк опозициски фронт против Груевски. Која беше логиката позади таа одлука, и кои се ефектите од неа?

ДА: Одењето сами на избори е најдобрата стратешка одлука на раководните органи на Партијата. Имено, ако сакаме да сме доследни до крај, во практиката не постои „широк опозициски фронт“! Постојат дури четири коалиции и шест партии против Режимот. Одлуката ја донесовме откако беше игнориран нашиот предлог за широк надпартиски блок против груевизмот и арогантното неприфаќање на санитарниот кордон за некоалицирање со ДПМНЕ (иако сè почести се гласините дека во Пржино е договорена широка постизборна концентрациона влада меѓу СДСМ и ДПМНЕ). Ќе беше вистинска штета доколку коалициравме со СДСМ. Па ние немаме ама баш ништо заедничко со нивните богаташи. Нашите мајки и сестри се чистачки во нивните домови.

Да сакавме да се шитнеме за фотелји, немаше да градиме партија „партизански“ – без олигарси, туку со пари од членарина. Коалицирањето со СДСМ ќе ја загушеше нашата автентичност во борбата и ќе ставеше пепел на сите изминати години искрен политички активизам, кој почна од 2008 па наваму. Ќе се претопевме во нивните црвенобуржујски редови и за некој месец ќе згаснеше жарот кој го носиме во борбата. Да не звучам навредливо, ама ќе завршевме како ЛДП и компанија – непрепознатливи, неинтересни и нерелевантни во јавниот дискурс.

Од друга страна, нашите планери и стратези проценија дека со одењето самостојно на избори, ние ќе го засилиме фронтот против груевизмот – затоа што ќе привлечеме луѓе од „неопределените“ кои никогаш нема да гласаат за СДСМ, затоа што ги изгубија работните места и останаа на улица токму во нивно време. Овие луѓе, кои се илјадници на број, ако не се појавеше Левица – ќе останеа дома и Режимот ќе беше појак. Да резимирам, Левица е последниот клин од финалниот удар за детронизација на Груевски! Оттука, гласот даден за Левица е глас кој не само што не го ситни отпорот, туку го зајакнува неколкукратно повеќе.

АВ: Членови на раководните тела на Левица беа и сè уште се влечат по судови во врска со нивното учество во протестите против аболицијата на Иванов во пролетта оваа година. Како правник, како ги толкувате овие процеси?

ДА: Ова се класични процеси на политички прогон на Режимот против нашата Партија. Не постои ниту една друга партија во Македонија, на Балканот и во Европа каде што скоро половина од највисоките раководни лица се под ваков кривичен прогон со запретени казни! Такво нешто постои само во Ердоганистичка Турција – со партиите на Курдите! За ова се известени сите релевантни меѓународни институции. Случајот, по покана на Европската левица, е изнесен и на највисоко ниво пред Европскиот парламент, на специјално закажана сесија за состојбите во Македонија. Иако ние, соочени со македонската реалност и секојдневие, некако како да се навикнавме на ова – ако сакаме да сме сериозни, ова е невиден преседан и скандал за една „демократска држава“.

Конкретно за процесите против нашите членови, нашиот одличен и поткован правно-адвокатски тим, за разлика од другите уапсени кои признаа вина за да се спогодат и да поминат со полесни казни, реши да оди до крај! Случаите судски ке ги добиеме. Не им се плашиме ни на подмитливите обвинители, ни на уплашените судии. Имаме и ние тефтер! Имаме и капацитет, а и правно знаење, во фер постапка, да се справиме со овие третокласни правници и да ја вратиме надежта на луѓето дека без борба нема победа против неспособните послушници и приврзоците на режимот.

АВ: Една од најзначајните карактеристики на македонската политика, меѓу другото, големата сива сенка, влијанието и вмешаноста на „службите“ – во прв ред УБК – во секоја сфера на владеењето и на живеењето. Како Левица (ќе) се бори против службашката и полициска „држава во држава?“

ДА: Наши членови се прислушкувани и следени со години, но тоа не нè поколеба во нашата истрајност и во пласирањето на искрената левичарска идеологија. Мора да профункционираат демократските механизми за надворешна контрола над „службите“, оти во спротивно ќе има повторно тонење во мрачни кризи, рекети, уценувања и грди сценарија за дестабилизација. Вакво противзаконито прислушкување на цел еден народ не вршат ниту најбездушните империјалистички окупатори во земјите на Третиот свет. Но, тоа е веќе прашање на дијагноза и патологија, а не на политика! Тајната полиција е најголемата рак-рана поради која и дојде до ваквата политичка криза – најголема после војната од 2001. Секоја „реформа“ која нема да тргне од неа, е само отров во вените на системот, за кој противотровот ќе мора пак да го бараме со децении.

АВ: Каква е економската платформа и економската визија на Левица? Кои се најважните економски мерки за кои Левица се залага?

ДА: Нашата економска платформа е правена од доктори и професори кои се теориски потковани и со искрени левичарски убедувања. Таа е понудена во предизборната Програма и, со еден збор, е радикална! Затоа што само со одлучни резови во оваа ненормална ситуација на презадолженост, може да се постигнат резултати кои ќе бидат видливи во некој оптимален рок од две години. Оти, па, нели – не треба да остареме додека нè реформираат! Пола живот ни помина во „реформи“.

Македонската економија денес се карактеризира со бројни структурни проблеми кои водат до неефикасно и неефективно користење на расположливите ресурси, а преку тоа и до лош квалитет на живот за најголем дел од луѓето. Со други зборови – според она што го имаме, треба да сме богати, а скапуваме во сиромаштија!? Тоа значи дека оваа неолибералистичка мантра во стопанството, едноставно, не функционира! Од нашето искуство сфативме дека благите реформи кои ни се случуваат не се доволни. Дека тие се само вакцина за болново општество. Затоа нудиме неколку „револуционерни“ мерки за излез од мизеријата и за благосостојба на луѓето. Накратко, философијата на нашата политичка економија фундира на два столба: (1) прогресивна даночна реформа, која ќе овозможи праведно финансирање на јавните расходи. Реформата би била во насока на намалување на даночните стапки за посиромашните, а покачување за богатите – со цел да има редистрибуција на богатството, а не негово акумулирање во рацете на мал број луѓе или фамилии; (2) регулација на дивиот и лихварски банкарски сектор, преку елиминирање на вишокот на ликвидност во банките и намалување на банкарските профити, камати и провизии, со цел да нема повеќе законски покриен грабеж на граѓаните.

Со оглед на ограничениот простор, би изложил само неколку најбитни економски мерки: (a) ревизија на криминалната приватизација и конфискација на нелегално стекнатиот имот на сите досегашни владејачки структури и олигарси, преку воведување на незастарливост на кривичното гонење за т.н. економски криминалитет; (б) забрана на натамошна приватизација на јавните претпријатија – пошта, железници, водостопанства, електрани и сл.; (в) воведување данок на луксуз, т.е. богатство; (г) ограничување на концесионерството на природните богатства и јавните добра и услуги, намалување на цените на патарините и дефинитивно укинување на плаќањето паркинг услуги на јавни површини; (д) градење државни станови кои ќе им се продаваат на финансиски ограничените граѓани, без учество и со 0% реална камата; (ѓ) укинување на извршителите итн.

АВ: Македонија како резултат на систематската корупција и немањето компетентни кадри, во голема мера не функционира како суверена држава – многу од политичките одлуки зависат од „странскиот фактор.“ Притоа, Македонија и Балканот се повторно присутни во глобалните политички дебати, овој пат како (потенцијално) жариште на геополитички конфликти во време кога главните надворешни актери (САД, ЕУ и европските национални влади, Турција, Русија и Кина) минуваат низ процеси на сопствено редефинирање и менување на своите визии за регионот. Како Левица се поставува кон влијанието на странските влади во Македонија? Каков би бил односот кон главните надворешни актери, и какво би било позиционирањето во време на тензии и потенцијален конфликт меѓу нив?

ДА: Надворешната политика на Левица ќе биде политика на интернационализам и антиимперијализам. Владејачките елити се приврзаници на реал-политичката теорија на владеење и позиционирање на меѓународната сцена. Тоа е пристап кон меѓународната политика кој нема дослух за моралот, правдата и интересите на другите народи, туку ги зема во обѕир само прагматизмот, браковите од интерес и здружувањата со посилниот. Регионалната политика на Левица ќе биде политика на мир и соработка, со особен осврт на соработката со балканските земји од која географска и културолошка целина е и Македонија. Понатаму, Левица ќе се залага за развој и целосно почитување на меѓународно право и институции на меѓународно судство, и во оваа насока строго го осудува клиентелизмот кој денеска владее во дипломатијата.

На меѓународно ниво, Левица заедно со останатите прогресивни и антимилитаристички сили од земјата и странство, ќе се залага за итен прекин на преговорите за прием во НАТО Пактот, бидејќи сметаме дека членството во овој „реликт од Студената војна“ нема да донесе ништо добро за народот.

Се залагаме за продолжување на преговорите на членствово ЕУ, но во една реформирана и подемократска унија, која нема да ги крати социјалните права на своите граѓани, за сметка на богатењето на мултинационалните корпорации и големите монополи.

И конечно, во поглед на жешкиот костен – спорот за името на земјата, позицијата на Левица, тргнува од принципот на самоопределување, дека името на државата е и мора да биде постоечкото – Република Македонија erga omnes! Секоја евентуално договорена додавка/придавка, која би важела исклучиво и само во inter partes односот со соседна Грција, а не и во односите со другите дежави и меѓународни организации – ќе мора да помине на републички референдум и одобрување пред народот.

АВ: Кои се Вашите лични очекувања од изборите? Кое е идеалното сценарио според Вас? Кој е минимумот за исходот да го сметате за успешен (не само во поглед на Левица, туку општо како исход од изборите)?

ДА: Со оглед на општата клима на закрвување, бојкотот на телевизиите кон Левица, пизмата на шарените опозиционери и репресијата на режимот врз нас – јас сум сигурен дека, користејќи ги умешно и кретивно социјалните мрежи, гласот на Левица успешно се шири спрема оние кои се наш таргет на овие избори – младите! Дури и повеќе од нашите очекувања. Рејтингот ни расте со секој поминат ден. Очекуваме токму тие, младите, кои можеби до сега нaмерно не гласале – не можејќи да го поднесат сељачизмот на ДПМНЕ и елитизмот на СДСМ – за прв пат да бидат мотивирани и со чисто срце да го дадат својот глас за Левица. Оттука, уверени сме дека ќе станеме парламентарна партија, а за бројот на пратеници е неблагодано да се калкулира однапред. Да влезе и еден, ќе вреди колку за десет! И да не заборавиме, нашите пратеници се првите кои на работа ќе одат со точак. За инаeт на Силванева Бонева.

АВ: Благодарам за одговорите, и со среќа на 11-ти!

ОкоБоли главаВицФото