Светот ја гледа Африка, Африка го гледа светот!

11.06.2010 11:04
Светот ја гледа Африка, Африка го гледа светот!

Светското фудбалско првенство во Јужна Африка во центарот на вниманието го стави не само случувањата на зелениот терен туку и самата држава-организатор, па и целокупниот „црн“ континент.

 

 

Светското фудбалско првенство во Јужна Африка во центарот на вниманието го стави не само случувањата на зелениот терен туку и самата држава-организатор, па и целокупниот „црн“ континент, што се гледа како можност за развој на целиот регион.

Во Јоханесбург вечерта пред почетокот на Мундијалот наликува на големо национално обединување бидејќи домашното население и фудбалските обожаватели излегоа надвор да ги поздрават странските гости, обединувајќи ја Африка како никогаш досега.

Меѓу богатите, сиромашните, црните и белите подеднакво се чувствува еуфоријата и се слуша карактеристичниот звук на сеприсутните труби наречени вувузел. Националната фудбалска треска достигна размери на масовно движење, се вели во написот на весникот Guardian.

„Последен пат кога Африка славеше вака, Нелсон Мандела само што беше излегол од затвор по 27 поминати години“, вели новинарот Чарлс Могале.

Парадата од бои и какофонијата од звуци ги поздрави англиските навивачи кои слетоа на аеродромот во Јоханесбург.

„Неверојатна е сцената со чистачите, продавачите, луѓето во носии, луѓето во опуштена облека, и сите пеат и играат. Неверојатно е, како луда спонтана забава која трае непрекинато“, додава тој.

Огнените Африканци и останатите гости вчера вечерта дополнително ги загреа колумбиската пејачка Шакира на концертот во Јоханесбург заедно со Black Eyed Peas, Алиша Киз и африканските ѕвезди Amadou & Mariam и Hugh Masekela.

Јужноафриканскиот надбискуп Дезмонд Туту во таа прилика ги поздрави навивачите од целиот свет кои дојдоа на СП во Јужна Африка. „Ви посакувам добредојде на сите. Африка е колевка на човештвото, добродојдовте дома“, им порача тој.

Многумина Јужноафриканци контактите со странските навивачи ги гледаат како можност да ги променат предрасудите за својата земја и за Африка. Тие велат дека континентот, кој долго време беше заглавен во војни, болести и сиромаштија, повторно застанува на своите нозе и го покажува новото лице на светот.

Од инспиративните рагби победи во периодот на Нелсон Мандела, Јужна Африка се наоѓаше под сомнежи дека е воопшто способна за организирање на вака голем настан поради проблемите со спортските и останатите капацитети, криминалот и проблемитичната расна историја. Се очекува кратко појавување на Мандела на церемонијата за отворање на првенството во Јоханесбург, пред натпреварот Јужна Африка-Мексико. Се проценува дека од денес очите на 215 нации ќе бидат насочени кон случувањата на зелените терени во Јужна Африка, но и кон случувањата на целиот континент.

Претседателот на земјата-домаќин, Јакоб Зума, и нобеловецот Дезмонд Туту ќе бидат присутни на новоизградениот стадион Soccer City, дизајниран во облик на тиква, омиленото африканско јадење.

„Јужна Африка е жива и нема да биде иста по ова Светско првенство“, изјави Зума кој ја искористи приликата да ја истакне улогата на Мандела во мај 2004-та за обезбедување на правата за организација на првенството. „Нелсон Мандела работеше напорно за да го добиеме правото да бидеме домаќини. Ние му го посветуваме Светскиот куп нему. Малку се миговите кои ја дефинираат националната историја на една земја. Ние се наоѓаме пред еден таков кој се приближува во петок, 11 јуни, кога натпреварите официјално и започнуваат“.

Откако беше избрана да биде првата африканска нација која ќе организира ваков значаен настан, Јужна Африка потроши 3,55 милијарди фунти на стадиони, транспортна инфраструктура и проширување на аеродромите. Се проценува дека наредниов месец земјата ќе оствари приходи од околу 0,5% од својот БДП. За тоа сигурно ќе придонесат 370 000 туристи. На Јужноафриканците трајно им остануваат патиштата и инфраструктурата, но и гордоста поради праќањето позитивна слика на една нова Африка.


Извор: the Guardian