Македонија криво ја сади својата иднина

30.11.2016 13:00
Македонија криво ја сади својата иднина

По 17-ти пат Македонија ја „засадува својата иднина“, во акцијата која деветта година се одржува под благородна идеја, но истовремено е полна со контроверзи.

„Денот на дрвото“ секоја година за политичарите беше добра прилика да се сликаат како, со чизми на нозете и лопати во рацете, се грижат за животната средина и идните генерации. Дел од јавноста, пак, ја критикуваше нетранспарентноста на акцијата и ефектите кои се невидливи.

„Во почетокот целта беше да се вклучат образовните институции. Од најмала возраст дечињата да се запознаат со местото и улогата на шумите и да ја почитуваат. Програмата беше на попрофесионално ниво. Последниве години, реално, тоа е претворено во кампања во која се трошат многу пари, а ефектите се на многу ниско ниво“, смета Александар Трендафилов, професор на Шумарскиот факултет во Скопје.

Проблемот е во тоа што одржувањето на програмата на „Денот на дрвото“ се спроведува неодговорно и непрофесионално, вели тој, додавајќи дека процесот треба да трае до почетокот на новата сезона на вегетација, а не само еден ден. Трендафилов посочува и дека за да почнат да се развиваат засадените дрва, потребни се најмалку три години активности за нивно одгледување.

„На тој план, за жал, скоро ништо не се прави. Најжално е што се садат мртви садници. За сè си има знаење и стручност и треба да се прави професионално. Ако фрламе пари барем да имаме некој ефект од тоа“, потенцира тој.

Според него, наместо акцијата да биде насочена кон подигање шумски екосистеми на местата каде има процеси на ерозија или деградирано земјиште, акцентот е ставен на урбаните средини.

„Нови шумски екосистеми треба да се подигаат кај Тетово, скопската обиколница, акумулацијата „Лисиче“, места каде имаме загрозување на важни објекти – таму треба да се насочат акциите, да знаеме дека сме направиле нешто, дека нешто сме заштитиле и утре да се гордееме со тоа“, заклучува Трендафилов.

64 милиони садници – 65 проценти успешност

Ресорниот директор на ЈП Македонски шуми, Маријан Стојановски, уверува дека по секоја акција Инспекторатот за земјоделие, шумарство и водостопанство излегува на терен и прави записник од кој се гледа прифатеноста на садниците.

„Од година во година, тој процент е различен , некаде е 50, некаде 70 или 80 отсто, а на некои места каде што беа идеални временските услови беше и 90 отсто успешно. Значи во просек, околу 65 отсто успешност и тоа е одлично, затоа што тие садници кога ќе ги посадиме ги оставаме на самата природа, само некогаш ќе ги прекопаме. Немаме можност да ги наводнуваме, затоа што тие се горе, на непристапен терен, нема како да оди некој да ги види“, вели тој.

Стојановски информира дека во денешната акција е планирано да се пошумат и страничните делови на скопската обиколница со 650 илјади багремови садници. На критиките одговара дека преку мешањето на стручни и нестручни лица се менува менталниот склоп на луѓето, што е една од клучните цели. Додека за цената, иако без прецизни пресметки колку точно чинат акциите „Ден на дрвото“, Стојановски тврди дека трошоците се незначајни во споредба со придобивките.

„Ако се направи математика и ако се спореди со она што придонесува Македонски шуми – за екологијата, за намалување на загаденоста на воздухот, на менталната свест – цената на една садница е минорна. Таа кај нас изнесува од 8 до 12 денари“, вели тој.

Во изминативе 16 акции, како што информира ресорниот директор на ЈП Македонски Шуми, Маријан Стојановски, пошумени се 12.514 хектари, а засадени се нешто повеќе од 64 милиони садници. Според таа математика, само за садниците, од Буџетот на Република Македонија за „Денот на дрвото“ се потрошени најмалку 10,5 милиони евра.

Ниту има шуми, ниту се почитува закон

За биологот-еколог Кирил Пржо, „Денот на дрвото“ покрај останатите недостатоци, пред сè е нелегална активност.

„Со оваа акција се нарушуваат природните екосистеми во Македонија. Се кршат законите за природа, бидејќи се садат неавтохтони видови на аризонски чемпрес, што е нелегално. Со садење нови видови се нарушува тамошниот екосистем и тоа е противзаконски“, објаснува Пржо.

Тој објаснува дека на терен, токму на пошумените места, најдобро се гледа колку се неуспешни овие акции за пошумување.

„Успешноста е нула, бидејќи не е спроведен систем кој ќе ги надгледува и одржува тие шуми, кој ќе ги наводнува и ќе ги прекопува. Јас имав фотографии од горно Кратово, од местото каде кратовци ги садат дрвјата. Не ги саделе, туку садниците само ги донеле таму во пластични палети и така ги оставиле. Веќе во јули беа распаднати од сонце, не ги ни извадиле од пластичните палети“, објаснува Пржо.

Нелегалната сеча ја има опустошено Западна Македонија, но, додава тој, уште поголем проблем претставува непланската легална сеча.

Во 2012 година, поради реакциите на јавноста и медиумите дека во акцијата се злоупотребуваат народни пари, од здружението „Ден на дрвото“ се повлече Борис Трајанов, идејниот творец на иницијативата. Од акцијата се повлече и Љупчо Бубо Каров, со објаснување дека Владата почнала да го користи денот за лична промоција.

Масовноста на акциите во последниве години е намалена, но и за денешната од Министерството за шумарство соопштија дека се набавени 2,6 милиони садници кои ќе се садат на 60 локации низ Македонија.

Е.П. и Д.Е.

Извор: Радио МОФ
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото