1021 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 20:59
Заедничката студија на група научници од Израел, Германија и Швајцарија резултираше со нови сознанија за (не)постоењето на машки и женски мозок. Авторите во описот на значајноста на студијата го наведуваат следново:
„Половите / родови разлики меѓу мозоците се општествено важни теми, бидејќи нивното претпоставено постоење се користи како аргумент кој докажува дека луѓето припаѓаат на две јасно дефинирани категории, и тоа не само кога станува збор за нивните гениталии, туку како таков се користи со цел да се оправдаат разликите во односот кон мажите и жените.“
Овде прикажавме дека иако половите / родови разлики во мозокот и однесувањето постојат, луѓе и човечките мозоци претставуваат уникатни мозаици на карактеристики, од кои некои се почести кај мажите отколку кај жените и обратно, додека некои се подеднакво честа појава и кај двете групи. Нашите резултати покажуваат дека без оглед на причините за забележаните полови / родови разлики во мозокот и однесувањето (генетика или воспитување), човечките мозоци не можат да бидат категоризирани во две категории, машки и женски мозок.“
Реакции на резултатите од истражувањето не недостасуваат, па дел од научната заедница објави дела кои ја испитуваат и критикуваат методологијата, фокусот на истражување и начинот на употреба на терминологијата во студијата за цел на категоризацијата на предметот на истражување.
Како одговор на овие критики, една од авторките, Дафна Џоел, во соработка со професорката Ана Фаусто Стерлинг објави придружна статија во која прави осврт на оригиналното истражување и критика.
Важноста на истражувањето за феминизмот и унапредување на поимањето на родот
Аргументот за дихотомијата на машкиот и женскиот мозок историски се користел за да се оправда сексистичкиот однос на општеството кон жените. На пример, разликата во големината на мозокот на мажите и жените е користена како доказ за женската интелектуалната инфериорност уште од зачетокот (за тоа време) на научното проучување на мозокот, како што е случајот со Пол Брок и Густав Ле Бон. Дарвин во својата теорија за еволуцијата, која ќе стане темел на модерната генетика и биологија, исто така наоѓа инспирација во мизогинија, која го красела духот на времето, заговарајќи идеја за жените како инфериорни суштества чии ментални и интелектуални капацитети се еднакви на оние на животните или на малите деца.
Опасноста од биолошкиот детерминизам и стереотипите кои произлегуваат од него не се новост, ниту се неистражени теми. Со игнорирањето на влијанието на воспитувањето, родовите улоги и општествените норми на когницијата, се создава маѓепсан круг кој ја поддржува идејата за родовата дихотомија на мозокот.
Класичен пример е митот за машкиот талент за математика. Според овој мит, машките се природно понадарени за математика отколку жените, поради начинот на функционирање на нивниот мозок. Но, се покажа дека не постојат родови разлики во математичките способности, туку негативен стереотип за жените како лоши математичарки кој кај девојчињата всадува убедување дека математиката е област за која не се природно талентирани и доведува до лоши резултати во таа област.
Затоа истражувањето на Џоел и нејзините соработници е толку важно. Како што наведува Ребека Кун во својата статија насловена „Бинарноста е прекрасна работа која треба да се отфрли: новото истражување ја отфрла идејата за машкиот и женски мозок“, студиите кои го преиспитуваат биолошкиот детерминизам и сексуалната и родова бинарност се корисни дури и кога се несовршени. Со отфрлањето на концептот на машки и женски мозок се прави простор за преиспитување на вкоренети верувања за тоа што претставуваат „типично женски“ и „типично машки“ области, начини на размислување, способности и интереси.
Резултатите од истражувањето повикуваат на поинакво согледување на разликите во однесувањето, упатуваат на улогата на социјализацијата и родовите стереотипи кои ги попречуваат и ограничуваат и жените и мажите воспитувајќи ги со убедување дека тие се биолошки предодредени за успех во една, а за неуспех во друга област.
Понатаму, истражувањето нè наведува и на преиспитување на поимот на родот и самата родова бинарност. Ако секој мозокот е мозаик на карактеристики кои повеќе се припишуваат на еден или на друг род, тогаш концептот на трансродноста и родовата небинарност добиваат ново упориште во борбата против оние кои ја порекнуваат неговата легитимност, овој пат во областа на невронауката. Ако ја нормализираме идејата дека мозокот сам по себе не е одреден со родова бинарност, тогаш уште понеопитна станува веродостојноста на фактот дека некои луѓе не се идентификуваат со родот кој им е припишан при раѓањето, додека други својот идентитет не го врзуваат исклучиво за една од овие две категории.
Ваквото поместување на природните и медицински науки кон поимањето на родот како спектар е секако охрабрувачки показател дека овие гранки на науката во иднина би можеле да придонесат во реализирацијата на поосвестен, поинклузивен, и поодговорен пристап кон истражувањето на родовите тематики, како и во борбата за родова рамноправност.
Извор: www.voxfeminae.net