Промоција на книгата „Падот на Ајфеловата кула“ од Јетон Незирај

01.12.2016 12:18
Промоција на книгата „Падот на Ајфеловата кула“ од Јетон Незирај

На 3 декември (сабота) во рамките на фестивалот POP-UP Акто Тетово, во Центар за балканска соработка „ЛОЈА“, Тетово, ќе се одржи промоција на книгата „Падот на Ајфеловата кула“ од Јетон Незирај, во издание на Готен.

Еден од најхаризматичните, најкреативните и најенергичните претставници на оваа генерација е драматургот Јетон Незирај (1977), автор на над 15 драми. Тематиката на неговите драми, кои во жанровско подрачје се движат помеѓу драми и трагикомедии, е доста обемна опфаќајќи ја војната, опстанокот на луѓето во годините по војната, помирувањето, гревот, љубовта, религијата, модерниот тероризам и др. Не случајно, Јетон Незирај, автор на исклучителен уметнички сензибилитет за создавање контрапунктови, во неговото уметничко творештво, главно, е определен за драмскиот модел ‘мозаик’, во кој, не ретко, минатото и сегашноста се појавуваат, се замаглуваат, исчезнуваат и повторно се појавуваат, се судираат, се одбиваат, се мешаат, се прегрнуваат или се соединуваат еден со друг како во некоја приказна. Но оваа ‘приказна’ дури и тогаш кога за градиво има мотиви, скици или бои од народните преданија и легенди, благодарение на креативната елеганција и умешност на Незирај, преку контрапунктовите - временските и просторните поместувања се интонираат и се оркестрираат со еден урбан поетски музикалитет.

Трагикомедијата Падот на Ајфеловата кула, третира еден од најважните проблеми на модерниот свет - тероризмот, кој се појавува како последица од религиозните и од глобалните конфликти. Во својата драма, Незирај ги конфронтира културните поделби, заблудите, религиозниот фанатизам, насилството и прашањата за демократијата и за човековите права во Европа. Пред сè, драмата ги нагласува заблудите, стереотипите и предрасудите, создадени како последица на конфликтот во врска со носењето фереџе на јавни места во Париз.

ОкоБоли главаВицФото