Порака од Вашингтон

01.12.2016 13:30
Порака од Вашингтон

На 12 ноември, во Кацен центарот при музејот на Американскиот Универзитет во Вашингтон се отвори изложба посветена на „Шарената револуција“. Основната цел беше американската јавност да се запознае со ова граѓанско движење преку делата на тројца извонредни фотографи: Роберт Атанасовски, Кире Галевски и Ванчо Џамбаски. На 29 ноември се одржа и панел дискусија. Во оваа прилика, како организатор на изложбата, дадов мое согледување на причините за „Шарената револуција“ како граѓански револт против злоупотребите на власта и партизацијата на државата. Моето излагање го дополни македонски политиколог кој работи во САД и американски историчар на уметноста кој го проучува користењето на уметноста во политички цели во пост-комунистички земји.

Реакциите на публиката веројатно можете да ги претпоставите. Еден политички аналитичар од Вашингтон ја забележа симболиката на фактот што „хулиганите“ ги поштедиле спомениците на оние историски фигури и ликови што се сметаат за поавтентични. Друг беше фасциниран од демографското, етничко, социјално и културолошко разнообразие на учесниците во овие протести. Уметник израснат во Чехословачка зборуваше за тоа како целата приказна околу „Скопје 2014“ го потсетува на времето на едноумието од неговата младост. Друг уметник, израснат во Азербејџан, зборуваше за слични политичко-уметнички интервенции во неговата земја, со доста слични патриотско-лукративни цели. Иако повеќето други присутни најдоа и други аналогии, сепак остана несфатливо: како една сиромашна земја можела да мобилизира толкави средства за овој налудничав проект, кој бил мозокот на целата операција и како „шарените“ успеале да бидат толку воздржани во својот иконокластичен револт. Конечно, многумина во публиката беа фасцинирани од самиот факт што за ова не се пишувало повеќе во светските медиуми, што иако доста од нив се сметаат за добро информирани, некако успеале да ја минат оваа година без да дознаат за „Шарената револуција“ сè до оваа изложба и панел дискусија.

Токму затоа и го пишувам ова. Светот го тресат премногу сериозни проблеми за да може да го регистрира она што се случува во Македонија, она што нам ни изгледа толку важно: злоупотребите на власта на сите нивоа и во сите сфери, дисфункционалноста на политичкиот систем, предизвиците на мулти-културниот соживот, фамозното одлевање на мозоци, или фактот што целата државата е еден „фамилијарен“ бизнис.

Колку и да се зборува и пишува за она што се случува во Македонија, единствениот фактор што може да промени нешто е македонскиот гласач. Затоа сакам да порачам: не плашете се од можното влијание на „најбогатата партија во Европа“ преку дебело платени лобисти во САД. Не плашете се од нарачаните статии во американски весници кои што го величаат економскиот напредок на Македонија последнава деценија. Не плашете се дека некој овде го поддржува „режимот“ на Груевски, или дека таа поддршка ќе зајакне со новиот Претседател (чие име не ми се ни спомнува).

Затоа и сметав дека е толку важно да ја донесеме „Шарената револуција“ преку овие фотографии во Вашингтон – како начин за претставување на ова граѓанско движење пред американската јавност, но пред сè како потсетник за сите нас, било да сме во или надвор од Македонија, дека свесноста за „шаренилото“ во нашите ставови треба да нè направи само посилни на 11 декември.

Фотографии: Брус Гатри

ОкоБоли главаВицФото