Со гостувањето на светски познатата Рената Салецл завршува првото издание на КРИК фестивалот за критичка култура

02.12.2016 02:20
Со гостувањето на светски познатата Рената Салецл завршува првото издание на КРИК фестивалот за критичка култура

Со гостувањето на познатата Рената Салецл, која во Даут Пашин амам, ќе одржи предавање на тема Политиката на избор како политика на насилство, завршува годинашното прво издание на КРИК – Фестивал за критичка култура.

Предавањето на Салецл е дел тематскиот фокус „Архиви на насилство“, во организација на Контрапункт и ќе се одржи на 3 декември (сабота) со почеток од 18 часот. По предавањето, во 19 часот, ќе се одржи разговор со Рената Салецл, кој ќе го води Катерина Колозова.

Болката на цивилизацијата и болката на индивидуата одат рака под рака. Поради тоа, општествените промени влијаат на симптомите на болка од која страдаат луѓето и новите симптоми, кои тие ги развиваат, секако, имаат влијание врз општеството во целина. Во последната деценија, имаше многу дебати во психоаналитичките кругови околу тоа како социјалните промени, кои ги доживуваме во постиндустрискиот капитализам, се одразуваат кај индивидуите. Идеологијата на постиндустрискиот капитализам во голема мера се потпираше на идејата на избор, слобода, самоопределување и бескраен прогрес. На другата страна на оваа идеологија се наоѓа зголемената анксиозност и чувство на неадекватност на индивидуата, како и вина поради неснаоѓањето во денешниот свет. До неодамна, идеологијата на избор, всушност, многу добро функционираше во насока на превенција на какви било прашања околу можната општествена промена. Поединецот попрво ќе се ангажираше во континуирана себепромена, често до точка на автодеструкција.

Идентификацијата со идеологијата на промена, од една страна, придонесе за формирање нови психолошки симптоми, каде луѓето си наметнуваат нови форми на агресија кон себеси, додека, од друга страна, таквата идентификација охрабруваше разни форми на социјално насилство. Предавањето ќе се осврне на новите случаи на агресија кои луѓето си ги наметнуваат себеси и на другите. Ќе се разгледа и начинот на кој правосудниот систем сè повеќе се идентификува со фиктивни изрази на насилство, како што се претставени во филмовите и телевизиските драми, особено кога трага по вистината за субјективноста во неговите или нејзините гени или мозок. Како заклучок, ова предавање ќе се осврне на моќта на незнаењето и негирањето, која игра важна улога во начинот на кој насилството станува задната страна на идеологијата на избор.

Рената Салецл е една од најзначајните мислителки во регионот и меѓународно. Филозоф, социолог и правен теоретичар од Словенија, кој успева да создаде провокативно проникнување помеѓу критичката теорија, политичката филозофија, постструктуралистичката психоанализа, правото, политиките на телото и на масите. Таа е истражувач на Институтот за криминологија, на правниот факултет на Универзитетот во Љубљана и е професор на Birkbeck College, University of London. Таа исто така била визитинг професор на London School of Economics. Секоја година предава на тема психоанализата и правото, на Benjamin N. Cardozo School of Law во Њујорк, а предава и на курсеви за неврологија и право. Од 2012, таа е визитинг професор на одделот за општествени науки на Health and Medicine at King's College London. Нејзините книги досега се преведени на тринаесет јазици.

 

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики во соработка со: Мултимедијалниот институт (Загреб), kuda.org (Нови Сад), Контрапункт (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб), ве повикува да бидете дел од КРИК (критика – реакција – идеја – конфронтација) – фестивал за критичка култура. КРИК – фестивал за критичка култура е соработничка платформа помеѓу Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и Есперанца – светски културен центар. Оваа платформа е отворена за соработка со сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси.