Корумпираните антикорупционери и селективната правда

02.12.2016 12:14
Корумпираните антикорупционери и селективната правда

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) конечно побара од Зврлевски да отвори постапка за наводна корупција кај функционер во владата. Но не, тоа не се Груевски, Мијалков, Јанкулоска, Јанакиески или Ставрески. ДКСК сега го истражува Оливер Спасовски. Наводно, Спасовски незаконски распоредил и унапредил вработени во МВР, по распишувањето на изборите. Спасовски тврди дека сè е направено согласно измените во Законот за влада и договорот Пржино 2. Проблемот е во неусогласеност на законските одредби. Тука, мора да имаме предвид неколку работи:

1. ДКСК е телото кое треба да ја истражува и гони високата корупција. Буквално ги преспа сите бомби и стотиците други индиции за криминалите на ДПМНЕ и ДУИ. Нема ниту една кривична пријава за висок функционер.

2. Во 2013 година, ДКСК излезе со многу слични обвинувања. Тогаш, пред локалните избори, изјавија дека го истражуваат тогашниот кандидат за градоначалник, а сегашен градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски. Четири години подоцна, од истрагата и пријавата нема ниту трага ниту глас, ама тоа сепак не беше причина куририте, републиките и сителовците на ДПМНЕ со денови да ја вртат приказната за „корумпираниот“ градоначалник, исто како што сега прават со Спасовски.

3. ДКСК со години нема свикано ниту една прес конференција, ниту има излезено во јавност со информации за корупција на кој било висок функционер на ДПМНЕ или ДУИ. Дури и лицето кое е посочено за односи со јавноста, со години не одговара на повиците на новинарите. Но, вчера за прв пат после долги години, ДКСК одржа јавна седница на која расправаше за „корумпираноста“ на Спасовски. Браво за „транспарентноста“ :)

4. ДКСК се појавува само пред избори и служи како деташирано одделение на центарот за комуникации на ДПМНЕ. Со своето долгогодишно молчење и непостапување, тие не се само продолжена рака на власта. Со игнорирањето на своите законски овластувања, тие се актвиен соучесник во криминалот на фамилијата. Овие луѓе не само што треба да бидат веднаш сменети од своите функции, туку треба да бидат и детално истражени дали несразмерно стекнале имот во нивниот мандат. И да одговараат за тоа.

Сите контролни механизми потфрлија. Ако тие ја вршеа својата работа, ние никогаш немаше да дојдеме на ова дереџе. Помеѓу првите активности, новата Влада мора да го рестартира системот на контрола и надзор врз власта. Целосна промена на неспособниот и партиски персонал во институциите кои треба да ја контролираат власта. Зголемување на нивната независност (за да можат да ја контролираат секоја власт, без разлика од која партија е). И зголемување на нивните финансиски и кадровски капацитети.

#11декември

П.С. Доколку ДПМНЕ и ДУИ сакаа да спречат ваква „корупција“ од функционерите на СДСМ, можеби требаше да ги донесат сите законски измени кои ги предвидуваше Пржино 2, а не само оние кои ним им одговараа. Поради тоа, Оливер Спасовски врз основа на Законот за влада може да ги направи овие измени, но поради неменувањето на Изборниот законик, тој имаше премногу кратки рокови за тоа.

Слики: Александар Дојранлиев