Кога мафијата ќе стане држава

02.12.2016 12:37
Кога мафијата ќе стане држава

„Нашата цел е да се инфилтрираме во владата на САД“ – Салваторе Луканија (Лаки Лучијано)

 

 

Кога група луѓе ќе се здружи со намера да се бави со илегални криминални активности, најчесто заради остварување одреден профит, тоа се нарекува организиран криминал. Вака организираната криминална група често е и политички мотивирана, како во случајов.

Сè повеќе стануваме свесни дека ние си немаме работа со класична политичка диктатура, туку со диктатура на една добро организирана банда политикастери-криминалци кои ја освоија власта.

Наречете го ова мое писание како сакате, но тоа не е засновано врз докази. Или можеби е!? Воедно не е ниту плод на некоја моја бујна имагинација, туку е комбинација од моите информации, размисли и анализи за она што е можно да ни се случува и за она што најверојатно стана нашата очигледна кобна реалност и секојдневие во државава. Ќе прашате од каде ми се доказите за ваквото мое тврдење. Па погледнете ја реалноста во Македонија и ќе увидите дека не сум далеку од вистината.

Мојот најголем сомнеж се разбуди уште во моментот на парламентарните избори во 1998 кога Љубчо Георгиевски во својство на претседател на ВМРО-Секаква вети дека ќе ослободи голем број затвореници, само ако дојде ВМРО на власт. Остана нејасно за која група казненици станува збор, но сосема е реално дека меѓу ослободените има тешка багра која вршела рекет, изнудувања, палежи, силувања, уцени, убиства, вооружени грабежи и слични злодела. Не дека дотогаш немаше криминалци на врвот, но овие сегашниве не се ни трудат да се прикријат, туку се гордеат со својот криминал изедначувајќи го со патриотизам. Доказите дека денес сомнежот ми станал јаве се јасни, станаа впечатливо видливи и очигледни.

Едно од вообичаените делувања на службите за државна безбедност е да биде блиска со криминалното подземје. Проблемот е што блискоста остана недефинирана, па познати се случаите кога оние што треба да нè штитат од криминалот почнаа да вршат многу понечесни работи и од криминалците. Познат е случајот на командир на полициската станица „Центар“ кој во ’90-тите издаваше кафеана под наем, за тоа бараше пари за шест месеци однапред, па го откажуваше наемот после првиот или вториот месец. Во истата станица Јанкуловска за командир назначи лице кое извршило убиство и за тоа веќе лежело затвор, а во моментов во неа мнозинството се лица вработени преку рамковен договор, без оглед на процентуалната застапеност во општината. Причината за тоа веројатно е во изборните резултати од локалните избори, кога ВМРО-Секаква доживеа дебакл и покрај бројните местенки и експресно новодоселени жители од Пустец. Тука се приказните за тоа дека еден поранешен директор на ДБ се бавел со шверц и препродажба на дрога, дека активно соработувал со „Хирургот“ од УБК, дека инспектори во УБК си работеле на земање висока провизија од договорени бизниси за државата и сл. Еден поранешен секретар јавно си се фали дека активно соработувал со ЦИА во време на сецесијата на Македонија од СФРЈ, но не кажува дали си ја згаснал својата улога додека е „народен претставник“ и дали таквата улога е за пофалба или за срам. Дали сево ова е реална слика за тоа што нè снашло нас граѓаните, или нечија измислица? Вистината веројатно си ја знаат тие самите, а нам ни преостанува да си уживаме во фатаморганата на „мирната оаза“, убедени дека сè е под контрола.

Спрегата на власта со подземјето се гледа и од случајот „Ровер“. Зарем не ви е сомнително кога судењето за убиство на двајца познати криминалци се обновува после десеттина години? Целиот случај говори за поврзаност меѓу бизнисмените, полицијата и криминалците, а ние си го прифаќаме како да е тоа нешто сосема нормално. Да ве потсетам, истрагата за атентатот на Киро Глигоров е одамна безуспешно завршена, доказите замачкани, но ние ете патриотски си обновивме случај на пресметка на криминални банди од подземјето кои соработувале со одредени бизнисмени и со спротивставени струи во органите на безбедноста на државата. Всушност и насловите во весниците говорат за нашата заблуда: „Во Бугарија убиен македонски бизнисмен“, вели натписот во еден наш весник, а на него слика од познат криминалец, рекетар, убиец, изнудувач, силеџија, кој беше силен само кога напаѓаше од зад грб, или кога во рацете имаше пиштол. Семејството на убиениот доби преку 40.000 евра оштета, убиецот на овој криминалец заработи строга доживотна казна, соработниците нешто поблаги (16 и 17 години строг затвор), што укажува дека се работи за најпрофитабилното „занимање“ на Балканот. Нормално е сега кога некој ќе ми се претстави како влијателен бизнисмен да ми се јави асоцијација дека се работи за некаков тежок криминалец. Патем, ограбениот социјалистички општествен имот ми говори дека не сум далеку од вистината, а очигледно во Македонија е тенка границата меѓу лоповите, политичарите, бизнисмените, полицијците и правните органи. Ви текнува ли во Македонија некој да побарал правда за некој обичен смртник?! Истава „правдољубива“ власт, многу лесно ја заташка и пригуши јавната егзекуција на Мартин Нешкоски среде плоштад и тоа во моментите на послава на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ. Истиве „правдољупци“, а тоа го слушаме и од нивните снимени признанија, ги забошотиле и доказите за „сообраќајната несреќа“ на Никола Младенов! Се работи ли за обична конкусија, или за некаков добро организиран притаен комплот против државава!?

Пратеници во Собранието станаа терористи обучувани од британските специјалци, опремени од ЦИА, кои во соработка со владејачката структура на ВМРО-Секаква (обучена од разузнувачките структури на Бугарија) ја инсценираа војната во Македонија во 2001 година. Само неколку месеци пред тоа пукна првата брука со прислушувани разговори („Големото уво“) од страна на тогашната УБК, под водство на гољамиот пријател Доста Димовска (ВМРО). Тогашното заташкување на случајот придонесе десетгодишнава власт од добро организирани криминалци слободно да си продолжи со прислушување и следење на секој граѓанин во Македонија. Сопартијците воопшто не се изземени од ваквата контрола. Внимавајте, која подлост, не се прислушувани и следени комуникациите на криминалци, шверцери со оружје, дрога, луѓе, не се следени комуникациите на убијци и слична багра, туку на политички противници, на свои сопартијци, новинари, бизнисмени, на граѓански активисти и на обични граѓани за да ја зацврстат својата моќ. Истиве сега ни се претставуваат како големи патриоти и некакви борци за Македонија и македонството „секогаш на браникот на татковината“ дрско трошејќи ги нашите пари за „велелепни“ глупости. Прислушувале, ама демек за доброто на Македонија, за да ја спасат од црните предавници и од црвените комунисти! Вакви уцени и ваква контрола на граѓаните немаше ниту во најцрниот комунизам. Исклучок е оној во Узбекистан од каде ни доаѓаат повеќето „патриоти“.

Поранешни службеници на ДБ тврдат дека толкаво прислушкување немало на целата територија на СФРЈ за време на нејзиното постоење. Прислушкувани се 20.000, меѓу нив сигурно и обични граѓани, но извештаи за подобност сè уште се испраќаат (снимките го потврдуваат тоа) за многу повеќе граѓани на ниво на секој општински комитет. Проверуваат за секого дали некој од нив е нивен или противник на лудилото. Најлошо минуваа оние со прокомунистички идеи и пројугословенски настроените. Извештаите сè уште во нивните локални комитети. Ваков кодошлак немало ни во периодот на ИБ.

 

Со делувањето во Собранието и Владата на РМ, успеаја дури и нелегалните активности да си ги озаконат. Доказите за ваквата активност се бројни. Озаконети се дивоградби, невраќањето на долгови на луѓе кои зеле кредити за Ајфони, џипови, луксузен мебел, плазма телевизори и лаптопи. Озаконето е дури и рекетирањето преку легализирањето приватни агенции за „обезбедување“, а нивното вооружување значи и институционализирање на дел од паравоените вмровски чети, кои меѓу другото ја имаат и улогата на главни информатори. Податоците и своите оценки за одредени граѓани континуирано ги доставуваат до штабот. Сево ова се прави со едно единствено дебилно образложение: „така беше и во комунизмот“. Апсењето на „Хирургот“ (братучедот, екс-шефот на тајната полиција – партизирана до крајни размери) со пиштол, хируршки ракавици и со полни шаржери на белградскиот аеродром, укажува на една морбидна можност дека моќта на Братијата воопшто не прекинала со негово заминување од власт, туку дека напротив, на негово место е устоличена марионета во УБК и тајната полиција, која игра по нивните ноти!

Македонија никогаш до сега немала позабегана, помонструозна и поабузивна власт од оваа! „L'État, c'est moi“ („државата, тоа сум јас“) велел кралот Сонце во XVII век – „Државата тоа сме ние“ трубат оние од ВМРО и ДУИ и додаваат: „Без нас, таа ќе пропадне“! На нас е дали ќе дозволиме да живееме и натаму во страв, или ќе се трудиме да оствариме слобода и да ги вратиме правдата и правната држава! На нас е дали ќе си ги ослободиме институциите и умот од партиските стеги!

Извор: ajvandoktor.blogspot.mk
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото