Диви во срцето

11.06.2010 12:06
Диви во срцето

Најголемата вештина заедничка за политиката и за пишувањето е да се погоди тонот. Да се погоди вистинската мерка на позитивните и негативните пораки; да се биде доволно силен и мудар за дури и на противниците да не им се испраќаат закани и омрази туку суптилни назнаки кои пред сè укажуваат на комплексноста на светот и на суштинскиот плурализам како наше заедничко и најдлабоко опкружување.

Во брутализирани контексти, за жал, нијансите на тонот воопшто не се битни: цело време треба да се мава најјако! Најбучниот, највулгарниот, најбруталниот - тој е господарот на сите звуци. Било какво намалување на тонот, било какво стишување (и навнатре и нанадвор) - е знак на недозволива слабост. И таквиот треба да се затепа, токму како што препорачуваше Ленин: иако некоја музика може и да разнежни, не е време за галење туку за тепање. Но, Ленин, иако тиранин со окрвавени раце, сепак поседувал каква-таква саморефлексија; успевал повремено да ги фати и понежните тонови, среде целиот страшен историски виор (кој и самиот го предизвикал). Со Сталин и Хитлер доаѓа ерата на чистата бруталност, на тоталитаризмите на крајот на скалата; работите тука веќе се „пуштени до даска“.

Тој факт ме шокираше од првиот ден на владеењето на Никола Груевски: целосна игноранција на сите можни тонови, валери, суптилности, укажувања, предупредувања... Водач наполно затворен во својот регистар. Сè што не е во неговиот филм е закана што треба а) да се уништи; б) да се игнорира. Најзлокобното кај таквите автистични режими е што тие себе се гледаат како Труман шоу, чиста идила. Скоро прочитав едно суштинско психолошко тврдење кое делумно ми ја разјасни позицијата на во себе затворените насилници: мажите коишто силуваат жени воопшто не фантазираат за тоа дека силуваат жени; напротив, тие фантазираат за тоа дека се нежни, за тоа дека пронаоѓаат вљубени партнери; силувањето всушност е насилен акт кој се јавува од нивната неможност да пронајдат такви партнерки во својот сопствен живот... Ако за животните копулацијата е најелементарен облик на сексуалноста, кај луѓето „нулта обликот“ е мастурбација со фантазирање, вели Лакан; и објаснува дека кај некои патолошки форми секој контакт со „реалното“, со другиот од крв и месо, кое било сексуално задоволство што го пронаоѓаме во допирањето на друго човечко суштество, не е нешто евидентно туку е инхерентно трауматично и може да биде поднесено само ако тој другиот влегува во фантазматската рамка на субјектот.

Тој гест на заборавање или игноранција Жижек го именува како фетишистичко порекнување: „Знам, но не сакам да знам, што значи не знам“. Знам, но целосно одбивам да ги преземам последиците од таквото знаење, за и понатаму да можам да продолжам како да не знам. Ми се чини дека тука лежи суштината на целиот современ македонски политички безизлез: знаеме (дека името мора да се промени и дека режимот што владее со нас е самоубиствен), но не сакаме да знаеме, што значи дека не знаеме. Знаеме дури и дека целиот наш политички безизлез потекнува главно од психолошката дубиозност на водачот (кон кој, како бумбари кон светилка, гравитираат цел куп на сличен начин нереализирани луѓе), но ни тоа не сакаме да го знаеме зашто доста зборува и за нашите поединечни и колективни патологии.

Ако останеме во рамките на овој психолошки регистар (а тоа ми изгледа троа продуктивно, оти сите други аргументации - политички, економски, културни итн. - се одбиваат како џамлии од челичните шлемови на нашата власт), би можело да се констатира дека ВМРО ја сака Македонија на начин на којшто славниот композитор Шуман ја сакал својата несудена вереница Клара: „само што подалеку од мене“. Во писмото кон Клара, во моментот кога после многу години пречки и двоумења, парот се подготвува за брак, Шуман отворено ја признава тајната: „Твоето присуство овде, верувам, ќе ја парализира сета моја работа и на тој начин ќе ме направи многу несреќен“. Во едно друго писмо Шуман на Клара и’ опишува сон: „Во сонот се будам и не можам повторно да заспијам, и тогаш сè посилно се поистоветувам со тебе, со твоите сништа, со твојата душа, така што одеднаш со сета сила извикувам, од најдлабокиот дел на своето битие, ’Клара, те повикувам!’, и тогаш слушам груб глас кој доаѓа од мојата непосредна близина: ’Но, Роберт, тука сум крај тебе!’ И тогаш потонувам во некаков ужас, како духови да се сретнале во пустелија. Веќе не те привикував на тој начин, премногу ме погоди“.

Можеби уште подрастична слика за перверзната врска помеѓу ВМРО и „мајка“ Македонија ни дава Дејвид Линч во филмот „Диви во срцето“, во една од најмачните сцени. Во евтина хотелска соба Боби Перу (го игра Виљем Дафо) грубо ја напаѓа Лулу (Лора Дерн), ја допира, ја стиска, го освојува просторот на нејзината интимност и на заканувачки начин повторува: „Кажи: еби ме!“, за да ја натера да го прифати сексуалниот чин. Грдата, мошне непријатна сцена се растегнува до крајни граници и кога конечно истормозената Лора Дерн едвај чујно ќе рече „Поеби ме!“, Перу брзо се оддалечува, пријателски се насмевнува и весело одговара: „Не, фала, денес немам време, но во некоја друга пригода, срце, со задоволство тоа ќе го направам...“

На многумина гледачи филмскава сцена им предизвикува гадење и отпор. Но, како што истакнав на почетокот: целата политичка и писателска веродостојност произлегува од тонот, јачината, контрапунктирањето... Тешко е да се опише она што ни се случува.

слики: Gottfried Helnwein

Извор: Глобус, 08.06.10.

па тебе Груевски не те остава

па тебе Груевски не те остава нит мирно да спиеш.
Ми се свиѓа шо и коа ќе умреш ќе бидеш запаметен како „човекот кој се бореше против Никола Груевски“ 
Ајде па можда ќе те има на плоштад у бронза

Анонимен, и Гелевски, и

Анонимен, и Гелевски, и Груевски и битангите од СДСМ, и хипокритските општествени интелектуалци - сите ќе завршат на буништето на историјата, пардон, варварството.

Ставот (како и неколку

Ставот (како и неколку претходни) освен што се на место и тотално ги подржувам ,сфаќам и посветувам мислам дека треба да се има и посебен њух да се примат одделни вибрации од околината и истите тие од анализа да прејдат кон филтрација и такви какви што се,преџвакани (спремни за сечија маса) со ситна декорација да се успее и покрај толку напори да се долови моменталната слика на ситуацијата која може благо да се спореди со група овчари и избричени овци не само што делуваат одбивно него и деструктивно кон сеопшто...но тука ќе подзастанам единствено заради почита а воедно и подршката што авторите (и интелекти во права смисла) од овој тип треба да ја имаат и ја имаат ии.. само НАПРЕД! -(и во добро здравје)-

Плукам на вашите

Плукам на вашите “интелекти“..

"Знам, но целосно одбивам да

"Знам, но целосно одбивам да ги преземам последиците од таквото знаење, за и понатаму да можам да продолжам како да не знам. Ми се чини дека тука лежи суштината на целиот современ македонски политички безизлез: знаеме (дека името мора да се промени и дека режимот што владее со нас е самоубиствен), но не сакаме да знаеме, што значи дека не знаеме."
Одлична констатација! Секоја чест! Сметам дека треба објективно да пристапиме кон ваквите изјаснувања а не да го користиме секое политичко критикување како основа за плукање и навреди. Искрено, не сакам да сум во кожата на уредниците на овој веб сајт гледајќи со какво не профили на луѓе се соолуваат секојдневно. Сето тоа само докажува колку сме примитивни и закржлавени. Срам ми е што морам да ја делам истата почва земја со тие луѓе кои се толку ограничени и кој национал-патриотизмот го користат за издолжување и оправдување на нивното ситно постоење. И уште еднаш апелирам, доколку не сте во состојба да поднесете критика, не се обраќајте на оваа веб страна. Оставете ја вистината на оние кои се спремни да ја поднесат!

ОкоБоли главаВицФото