Фидел Кастро - диктатор

03.12.2016 13:17
Фидел Кастро - диктатор

Веста за смртта на Фидел Кастро покрена лавина од патописни текстови, сеќавања за напуштената Хавана и нејзините бедни граѓани. Опсипани сме со белешки од лошите летувања кои сепак не можеле да бидат толку лоши, зашто секој разумен веројатно би ги прекинал. На Куба цветаше проституцијата меѓу мажите и жените, во продавниците немаше ништо освен црн грав и по некој пар чорепи, а изборите, јавните собири, влезот во туристичките хотели и хомосексуалноста беа противзаконски. Во животот на починатиот 90-годишник нема ништо вредно за славење. Фактот дека умре е причина повеќе да се каже вистината. Оттука и текстовите за неговите злодела, не толку во служба на историската вистина, колку како шлаканица за левицата: предизвик за левичарите, особено припадниците на бејби-бум генерацијата кои се обидуваат да го жалат Кастро како свој херој.

Тоа е предизвик на кој левичарите не можат да одолеат. Џереми Корбин неодредено се изјасни за Кастро како за „голема фигура во историјата на планетата“. Што е тавтологија која не кажува ништо - секој што историјата го памти е значајна историска фигура. Потоа сепак избра страна пофалувајќи го „хероизмот“ на Кастро покрај „сите мани“. Кен Ливингстон отиде чекор понатаму. Тој ја сфаќа историјата како тригодишник кој добил на подарок електричен пендрек, па читателот треба да се подготви за непотребните и непријатни шокови. Изјави: „Неговиот третман на правата на лезбејките и хомосексуалците во почетокот не бил исправен, но поважно е тоа што луѓето имале добро образование, добра здравствена заштита и што богатството било рамномерно распределено“. „Во почетокот“ значи „во првите 20 години од владеењето“, „не бил исправен“ значи дека „ги затворал хомосексуалците во логори“. Но добро, да не бидеме ситничари.

Ја посетив Куба во 90-тите години. Бедата - или попрецизно недостигот од сè - беше воочлива. Музејот во кој гордо беше изложена кошулата во која загинал Че Гевара беше сличен на излозите во најголемите продавници за облека во Хавана, со неколку кошули шпенадли прицврстени за стиропор. Општата сиромаштија на ова место помалку ме депримираше од Џакарта или Хонг Конг, каде кулите на огромното богатство се издигнуваат покрај фавелите, додека класата на обесправените кметови клечи и се моли под мостовите. Но секако, тоа што некаде е полошо не е никакво оправдување. Ливингстон веројатно мисли дека Куба е сиромашна поради американските санкции, а не поради Кастро, па сега би ни одржал предавање за здравствената заштита, интернационализмот и испраќањето кубански лекари во уште посиромашните земји. Критичарите на тоа би одговориле дека Кубанците всушност биле и без здравствена заштита, дека аптеките биле големи, но празни...

Ваквите препукувања ја промашуваат суштината. Кастро беше авторитарна фигура. Како што рече Кенеди: „Ветија слобода и слободни избори, дека ќе ја укинат полициската држава и ќе им донесат подобар живот на луѓето кои долго стенкаа под економска и политичка тиранија. Но две години откако револуцијата го донесе на власт, Фидел Кастро ги прекрши сите овие ветувања“. Тоа беше во 1960 година. Во следниот половина век дојде до извесно попуштање кога станува збор за геј правата и употребата на мобилни телефони, но најважното не се промени: Кастро и понатаму беше диктатор.

Можете да кажете дека него го воделе начела повозвишени од мотивот на еден Садам Хусеин, дека луѓето кои со оружје ќе ја преземат власта тешко се демилитаризираат, дека го оцрниле западните влади на кои не им пречеле многу полоши диктатори. Но политиката на авторитарните фигури не може да се брани, дури и ако ја доживувате како своја. Не можете да го славите Кастро како благороден губитник и во исто време да тврдите дека Тони Блер никогаш не може да се искупи за своите гревови. Принципите се како личните односи меѓу луѓето: малку вредат ако не ги подредите според важноста. Плурализмот, демократијата и универзалните права се темел на прогресивната политика. Никој нема право да владее со сила и декрети. Ако една група е угнетена, макар тоа биле и забарите, тоа значи дека сите сме угнетени. И мала земја која извезува многу лекари може да ги крши начелата на левицата подеднакво како некоја диктаторска суперсила.

Ако не постоеше актуелниот развој на настаните во глобалната политика, можеби сево ова можеше да остане неизговорено: припадниците на левицата со денови би се занимавале расправајќи се кој е полош диктатор. Но враќањето на авторитарната политика во САД, охрабрувањето кое со тоа го доби Владимир Путин и намерата на Најџел Фараж да патува во Америка и да бра „прошка“ за навредите кои Британците ги изговориле за Трамп - сето тоа бара јасен и кохерентен одговор.

Проблемот со диктаторите не е во она што го прават: некои започнуваат војна, некои се погрижуваат возовите да стигнуваат навреме, некои не го прават ни едното ни другото, но бесмислено е да се рангираат врз основа на направеното. Работата не е во тоа кои групи ќе станат жртви во нивните раце - иако е проблем тоа што некоја група секогаш ќе биде жртва, зашто тоа е темелот на нивната моќ: внатрешна поделба и потрага по жртвен јарец. Проблемот не е ни тоа што авторитарните политички фигури не се согласуваат меѓусебно, па живееме во страв додека го чекаме неизбежниот судир на двајца своеволни и непопустливи автократи.

Не, проблемот е во тоа што сета моќ која автократот ја приграбува за себе не дошла од никаде: тоа е моќ одземена од луѓето чии животи оттогаш се осуетени од политича немоќ. Било да се изборите експлицитно забранети или авторитарните механизми кои на победникот му даваат сè ги прават ирелевантни, во таквите системи вие сте осудени на улога на дете и лишени од правото да раководите со сопствениот живот. Беспомошноста на населението е тешко да се опише, па често се користат синегдохи: луѓето кои патувале во источниот блок во 80-тите години на минатиот век зборуваа за лудилото по фармерки во Советскиот сојуз или како жителите на Источен Берлин не можат да одат во западниот дел од градот. За опис на животот во Саудиска Арабија ја користиме кратенката „жените не смеат да возат“. Тоа беа или се факти кои можат лесно да се демонстрираат. А повторно, не е крај на светот ако нема доволно фармерки за сите, зарем не? Со таквите примери само се обидуваме да го доловиме сивилото, ригидноста и чувството на потиштеност во таквите општества.

Модерна автократија не постои, зашто позитивната визија на иднината не е можна ако не можете да учествувате во нејзината изградба. Затоа животот под авторитарниот комунизам секогаш изгледаше така тегобно. Не поради лошата понуда во продавниците, туку затоа што граѓанскиот идентитет беше окован во сегашност без излез.

Во Првата светска војна Шкотскиот комитет за штедење испечати постер: „Угодувајќи си на себе работите за непријателот“. Тоа е моето ново мото: сега не можеме да си дозволиме дебата за разликите меѓу најлошите, помалку лошите диктатори и оние на кои добро им стои беретка. Одбивајќи да ја осудите диктатурата, си попуштате на себе и му помагате на непријателот.

 

Извор: The Guardian, 27.11.2016
Фотографии: Дејвид Алан Харви

ОкоБоли главаВицФото