Груевски порачува: Нема да дозволиме двојазичност на таблите на просјаците!

03.12.2016 14:24
Груевски порачува: Нема да дозволиме двојазичност на таблите на просјаците!

Скопје, 3 декември 2016

Во рамки на предизборната кампања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски одржа средба со седумнаесет просјаци во центарот на Скопје.

Тој до нив упати барање за 63 пратеници за неговата партија и коалиција, бидејќи, како што рече, „тоа е единствениот начин да се зачува еднојазичниот карактер на таблите и натписите со кои бараат милостина од минувачите“.

„Нема да дозволиме никакви црни сценарија кои ќе го обезличат националниот идентитет на македонските просјаци! Граѓаните кои бараат милостина жестоко ќе го казнат Заев на изборите. Се гледаме на 11 декември“, им порача Груевски на сиромашните граѓани.

Поранешниот премиер ја претстави програмата на ВМРО-ДПМНЕ за подобрување на состојбата на просјаците, преку делење тендери на олигарсите-донатори на неговата партија.

„Ако нашите бизнисмени имаат повеќе пари, тоа значи дека ќе имаат и повеќе кусур кој ќе може да го одвојат за просјаците, кога ќе поминат покрај нив. Работиме посветено на подобрувањето на стандардот на оваа група граѓани“, објасни лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доаѓаат подобри времиња! Главата горе и не заборавајте - Ова е Ваша земја! Ова е земја на сите вие кои живеете во неа и ничија друга! Вие одлучувате! Да живее Република Македонија!“, порача Груевски на заминување.

Слика: ШкАрт