Сите за-едно

05.12.2016 01:45
Сите за-едно

Седумнаесетти мај, минатата година, беше исклучително жежок. Жежок како сончевина, како кумулативна човечка енергија, како сплотена огорченост од неправдата. Луѓето собрани пред шампитата наречена Влада на РМ, бараа сенка да не колабираат. Јас носев полн ранец водички за мене и моите, ама моите ги загинав по пат. Останав сама во гужвата. Ги поделив шишињата вода на оние околу мене, колку што можев да досегнам, или да ги подигнам рацете. Навистина беше густо.

И, таква, исчашена во некоја сосема неприродна состојба, преку нечии рамена и глави, ме дочека почетокот на химната. Ја пееше Ана Костовска. Химната се слуша во исправен став, со гордо крената глава. А јас бев целата искривена, и ми беше криво што сум таква. Дали заради тоа, дали заради исконската срдечност со која Ана ја пееше химната, дали заради емоциите трупани едно врз друго претходните месеци, пукнав да плачам. Пеев и плачев. Не можев да се соземам. Продолжив да плачам додека син ми ја говореше пораката од Студентскиот пленум. Немав како да ги кренам рацете за да си ги избришам солзите. И мрсулите, да бидеме искрени. Најверојатно завршија на нечија кошула околу мене (нека ми прости дотичната/иот).

Ако се обидам да направам самоанализа, зошто баш тогаш ми попуштија нервите, ќе заклучам дека тој момент сум го доживеала како конечна разврска, како победа, како крај на лудилото. Лошо сум пресметала. Да, знам. Емоциите не стојат добро со математика. Сепак, не можев да очекувам дека ќе ни требаат уште цели седумнаесет месеци за да дојдеме до исходот. Не можев да предвидам до каде ќе бегаат од одговорност неодговорните. Уште помалку можев да очекувам дека тие, причинителите на хаосов, ќе останат рамноправни учесници во „решавањето“ на кризата. Дека ќе ги видам истопорени на изборните листи, со барање да им се продолжи мандатот на злоупотреба на власта.

Борбата не е завршена. Ќе трае до заокружувањето на последниот број, до пребројувањето на последното гласачко ливче. Со тоа што, шансите „да-снема-ливче“ на 11-ти ќе бидат далеку помали. Борбата ќе ја поддржиме, ако излеземе вечерва да го повториме 17-ти мај. Независно за кого од опозицијата ќе гласаме, убава е приликата повторно да се збиеме сите заедно. Па, и да се расплачеме. Или да се насмееме.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото