Нашите вредности или системот на мафијата

05.12.2016 03:03
Нашите вредности или системот на мафијата

Еден од најпредизвикувачките делови во моето студирање беше кога професорот побара од нас да се обидеме да го дефинираме поимот правда. Едноставно поимот беше премногу голем, а неговото значење премногу опширно за да се опфати во една дефиниција.

Но, тоа што подоцна го сфатив е дека значењето на правдата најдобро се гледа, не преку теоретските дефиниции, туку преку вредностите на секој од нас и на нашето општество како целина. Правниот систем служи само за да им даде институционална форма на тие вредности. Со други зборови, доколку општеството сака да го заштити правото на сопственост и располагањето со личниот имот како вредност, правниот систем служи за да го забрани спротивното и да креира постапка во која ќе се заштитат интересите и правата на сопственикот. Или, ако општеството сака да ја заштити демократијата како вредност, ќе предвиди механизми на заштита од злоупотреба на власта во недемократски или криминални цели. Како, на пример, независен и непристрасен јавен обвинител и судски систем.

Проблемот се јавува кога правниот систем ќе стане премногу зависен од политичките процеси и уште полошо, од носителите на политичката моќ. Во сржта на сите концепти за демократијата, стои претпоставката дека граѓанинот/граѓанката е основниот носител на политичката моќ во секое општество, која моќ се практикува преку демократски, фер и слободни избори. Потоа, политичката структура која победила на тие избори го пресликува изборот на граѓаните во конкретни политики. Контролниот механизам против злоупотребата на изборот на граѓаните се самите граѓани – т.е. сè додека изборите се демократски, слободни и фер, политичарите на власт можат да бидат казнети со тоа што ќе бидат променети.

Но, во Република Македонија се случи нешто сосема поинакво. Политичарите на власт – ДПМНЕ и ДУИ – го променија системот на начин кој ги прави недопирливи. Полицијата, обвинителството, инспекциите, судството, медиумите. Сите овие контролни механизми се под силна контрола на Груевски. Шеф на тајната полиција му беше првиот братучед. Министерот за финансии кум. Обвинителот за гонење организиран криминал (како што е секоја организирана злоупотреба на власта за партиски, финансиски или криминални цели) е баџанак на шефот на тајната полиција. Директорот на телеком му е кумашин. Шеф на инспекциските служби е сопругот на Јанкуловска. Претседателот на Кривичниот суд им е деловен соработник. Исто како и сопствениците или уредниците на најголем дел од националните медиуми, најпродаваните весници и најскапо платените интернет портали.

ДУИ пак, не ги интересира криминалот на македонските политичари, а за возврат бараат тие да не се мешаат во нивниот.

На овој начин, Груевски и Ахмети ги уништија сите механизми кои требаше да го контролираат нивното владеење. Ги украдоа и ги ставија под своја контрола. Секој обид за критика кон, или контрола врз нивното владеење беше третиран, а потоа и презентиран низ нивните медиуми како најсрамен предавнички и антимакедонски (антиалбански) чин што може да се замисли.

Откако ги украдоа контролните механизми врз нивното владеење, веќе немаше кој да ги спречи да ја украдат и самата волја на граѓаните. Веќе немаше кој да ги заштити граѓаните од двојни и тројни лични карти, од увезени гласачи од Пустец, од исклучени лифтови и од барабите на Јанкуловска и Протугер.

Нам ни останува да се прашаме дали нашите вредности ќе го дозволат тоа. Бидејќи системот го дозволува веќе десет години. Дали ние ќе дозволиме криминалот да биде прифатлив начин на владеење. Дали ќе дозволме власт за која корупцијата, кривичните дела и насилството се секојдневие, а критиката најголемо зло.

И зошто воопшто управувањето и менаџирањето со правниот и политичкиот систем го третираме како владеење, а не како јавна служба?

Само ако одлучиме дека нашите вредности се над приказните кои ни ги продаваат Груевски и Ахмети додека ги полнат своите џебови и го распарчуваат нашето општество, ние можеме да се надеваме дека еден ден, нашиот правен систем може повторно да се усогласи со нашите вредности. Само тогаш, криминалот ќе биде казнуван, без разлика кој го врши. Само тогаш, институциите можат и во реалноста да бидат во служба на граѓаните, а механизмите на контрола и надзор врз власта да бидат нивна заштита.

Специјалното јавно обвинителство е првиот чекор во тој процес. Следниот чекор е обезбедување на целосна и безрезервна поддршка за негово независно работење. Како и обезбедување на независно и непристрасно судско одделение кое ќе постапува по предметите на СЈО. Ако нешто стана болно очигледно во овие две години, тоа е дека сè додека Груевски е одлучувачки фактор во политичкиот живот, ние не можеме да сметаме дека СЈО ќе може непречено да работи, а дека судот на Панчевски ќе биде независен.

Казнувањето на Груевски на изборите ќе испрати силна порака дека ние како општество не го толерираме неговиот режим. Дека нема да му дозволме да го украде нашиот правен систем. А потоа, дека токму тој состем ќе го казни.

Само тогаш, може да има правда за сите.

Извор: Либертас
Слики: Били Даркарт