Рената Салецл: Светот го очекуваат нови болести, миграции и популизми

05.12.2016 05:42
Рената Салецл на КРИК фестивалот: Светот го очекуваат нови болести, нови миграции и нови популизми

Со саботното предавање и разговорот со Рената Салецл, филозоф, социолог и правен теоретичар, една од најзначајните словенечки интелектуалки денес, заврши првото издание на КРИК – фестивал за критичка култура.

- Среќна сум што Ви се обраќам во време кога вашата земја директно се соочува со многу комплицирани избори, но нема да говорам за таа тиранија на изборот која ќе ја имате идната недела, туку воопшто за општествата во кои денес живееме и кои се обидуваат да се соочат со своите избори. Сè уште живееме во време во кое константно сме бомбардирани со идејата за избор, со идејата дека секоја индивидуа посебно, е способна да направи рационален избор, што ќе донесе некој посакуван резултат.

Веќе сигурно знаете за изборот на изразот на годината според тимот на Оксфорд речникот: пост-вистина. Нивното објаснување е дека два настани оваа година, референдумот во Велика Британија за членство во ЕУ и претседателските избори во САД ни покажаа дека при изборот фактите се помалку важни од емоциите на гласачите, а со тие емоции си играат популистичките дискурси, рече Салецл.

Според неа, со сите можности што ни ги нуди интернетот, луѓето живеат во свет што постојано се ограничува, каде што вашиот поглед личи на еднонасочен тунел, без размена, па така изненадени сме од сосема спротивните мислења во општеството кои се случуваат паралелно. Во време кога најголем број дневни информации луѓето денес, особено младите, ги добиваат преку фејсбук, кој стана најзначен канал за информации, интересно е да видиме каков е тој нов вид незнаење. Новите медиуми наместо канали за размена на мислења се претворија во канали за спречување да се случат социјалните промени. Социјалните мрежи често ги трансформираат социјалните проблеми во слогани кои лесно ги мобилизираат луѓето во нивните блиски системи за информирање, односно до нив допираат мислењата само на оние со кои и онака веќе се согласуваат.

- Главниот проблем на нашето општество денес не е само тоа што луѓето имаат многу малку контакт со спротивните политички ставови, поради устројството на социјалните медиуми, туку и што сè помалку се интересираат за фактите. За време на претседателските избори во САД, новинарите потрошија голем број часови да откријат факти за изјавите на Доналд Трамп. Еден новинар од „Торонто стар“ секоја вечер наоѓаше по пет невистинити работи кои Трамп ги кажал, што би било околу 500 лаги за време на целата кампања. Но, оваа верификација на фактите воопшто не беше важна. Тоа не го смени мислењето на поддржувачите на Трамп. Проверката на фактите не ги интересираше луѓето.

Во јавната, општествената сфера константно сме соочени со одрекување, негација и разни облици на самозалажување. Вообичаено, политичарите се мајстори на самозалажувањето. На пример, поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш, постојано ја одрекуваше опасноста од климатските промени, да не ја заборавиме неговата реченица дека „воопшто не е јасно дали постои такво нешто како глобално затоплување“. Орвел веќе нè предупреди дека политичарите ќе ги повторуваат работите во кои сакаат да поверуваме. Тој направи и список на зборовите со кои политичарите сакаат да нè излажат, треба да сме особено претпазливи кога ги кажуваат зборовите: демократија, слобода, патриотизам, реално и правда. Во време на предизборна кампања сигурно често ги слушате овие зборови, рече Салецл на предавањето во Даут Пашин амам.

Но и луѓето во секојдневниот живот се самозалажуваат, сакаат да живеат во илузијата на само позитивни сознанија. Тие се плашат да ги притискаат своите политичари да направат промена, бидејќи се плашат дека таа промена влијае негативно врз нивниот комодитет. Луѓето се подготвени да погледнат на другата страна, на пример, кога се работи за еколошките проблеми, затоа што се плашат дека нивното решавање би влијалело врз економскиот просперитет на нивните земји. Па живеат како поделени личности, од една страна тврдат дека ја сакаат природата, но истовремено не прават ништо против загадувањето на таа природа. Стравот е коренот на негирањето и тој страв се користи во разните стратегии на капитализмот. Во основата на одрекувањето е стравот од промени.

-Во постиндустрискиот капитализам луѓето се повеќе опседнати со тоа да се променат себеси, а не општеството. Сè повеќе е јасно дека свртеноста кон себе нè оневозможува да размислуваме за општествени промени. Идеологијата на постиндустрискиот капитализам која се заснова врз идејата за прогрес и избор, нè спречува да бидеме критични кон општеството. Оваа идеологија развива различни видови стратегии на затворање на очите, одрекување и понекогаш луѓето избираат работи што се против нивните инереси. Се сеќавам кога гледав една дебата за здравственото осигурување на Обама, луѓе кои немаа пари да платат никаво осигурување се залагаа за правото на избор, иако тоа значеше дека ќе останат без здравствено осигурување. Таа идеализирана теза за можноста за избор го потпомага затворањето очи пред фактот дека некои политички одлуки што ги носиме се неверојатно штетни за самите нас. Во ова време на пораст на незнаењето, луѓето сè повеќе страдаат од анксиозност и расте нивната потреба да се идентификуваат со некој што не е анксиозен. Авторитарните лидери честопати се прикажуваат како луѓе што се сигурни и немаат анксиозност, ниту чувство на вина. Тоа е причината што луѓето бараат авторитарни лидери за да се идентификуваат со нив. Симптомите на оваа идеологија водат кон појава на нови видови фашизам, иако оптмистите сметаат дека сето ова отвора можности за нови општестени промени. Не сум голем оптимист и можам да предвидам нови болести, нови миграции и нови популизми, рече Салецл.

По предавањето, се одржа разговор со Салецл, кој го водеше Катерина Колозова.

Во рамките на првото издание на КРИК фестивалот, годинава се одржа филмски фестивал за човекови права, две меѓународни изложби, една меѓународна конференција, промоции, работилници, перформанси и презентации, учествуваа 55 уметници, писатели, теоретичари и културни работници од Хрватска, Бугарија, Србија, Германија, Турција и Македонија.

 

Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики во соработка со: Мултимедијалниот институт (Загреб), kuda.org (Нови Сад), Контрапункт (Скопје), Berliner Gazette (Берлин) и Културтрегер (Загреб), ве повикува да бидете дел од КРИК (критика – реакција – идеја – конфронтација) – фестивал за критичка култура. КРИК – фестивал за критичка култура е соработничка платформа помеѓу Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и Есперанца – светски културен центар. Оваа платформа е отворена за соработка со сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

КРИК – ФЕСТИВАЛ ЗА КРИТИЧКА КУЛТУРА ќе се застапува за афирмација на уметничките и културните практики, нивните критички капацитети и нивната применливост во анимирање и критичкото мобилизирање на општествените процеси.