Самсон

05.12.2016 12:17

За коса го влечеле четири кочии
И во спротивни насоки
(За душата го влечеле погадно
Отколку за косата).

Но ни едно влакно не се помрднало
Од убавата му коса,
И потоа непријателите свиснале
Од страв.

Кога низ гривата би поминал со дланка,
Би ечело како бура,
Целото небо би се наелектризирало
Како хартија.

И еве сега косата негова
Се откажува од него.
Заврте со главата - отиде влакно.
Како и вчера.

Набљудувајќи го покојниот знак
Сомилоста му доаѓа во налети:
Леле, пак очите ќе му ги ископа
Далила.

Постојано таа го потсеќа
На реалноста страшна:
- Ноќва си послаб
Од едно влакно коса.

Самсон, наизглед, е ист.
Малку помолчалив.
Всушност, во него е падот
Како од кула некоја.

Смислил мисла и ја заборавил.
Самата мисла му се распаѓа
Спонтано, како што петлица се пушта
На чорапа некоја женска.

Тој е како дрво ќелаво од лисје
Што се суши.

... Над Самсон ноќта се спушта
Како перика некоја.

Превод: П. В.

Марин Сореску (Marin Sorescu, 1936-1996), еден од најголемите романски поети во 20 век, бил пародист, нонконформист, со постојана гримаса на иронија на усните, демистификатор на универзалните и националните митови, церебрален трагач по егзистенцијалните прашања, плоден поет, прозаист, есеист, драмски писател и преведувач. Големиот романски историчар на книжевноста, Г. Калинеску, со одушевување ја дочекал неговата прва стихозбирка (1964) исткаена од „свила и трње“, а поетот ќе го окарактеризира како „фантаст“, „спонтан талент“, „лиричар преполн со оригиналност“. Сореску за време на животот објавил околу 60 книги и бил преведен на дваесетина јазици.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото