Надворешната политика на Македонија во пост-вмровската ера

05.12.2016 12:40
Надворешната политика на Македонија во пост-вмровската ера

Во првата половина на XVI век во Европа се водела една од најкрвавите војни во историјата на човештвото, позната под името „Триесетгодишна војна“ во која силите на Светото Римско Царство се судриле со т.н. сојуз на реформаторските (протестантски) земји. Суштината на овој судир било настојувањето на царот Фердинанд II повторно да ја воспостави католичката вера во одметнатите кралства и кнежевства со што според него ќе се врати сликата дека светот е всушност небесен одраз каде одозгора владее еден Бог, а на земјата еден цар кој ќе управува со световниот живот и еден папа владетел на универзалната Црква. На овој возвишен план парадоксално ќе се спротивстави еден висок претставник на католичката Црква, препознавајќи во него опасност од апсолутна доминација на Хабзбуршката династија во Европа која неговата земја засекогаш ќе ја претвори во второстепена сила. Името на таа личност е Арманд Жан ду Плезис, кардинал Ришелје, прв министер на Франција од 1624 до 1642 година, во историјата познат како основач на модерната дипломатија и главен промотор на новиот принцип на уредувањето на меѓународните односи, raison d’etat или национален интерес на една држава. Од мноштвото негови впечатливи изреки, следната најдобро ја отсликува неговата личност и дело, зашто ја разликува неговата религиозност и неговата дожност како службеник на државата: За разлика од човекот кој е бесмртен и неговото спасение лежи во другиот свет, државата не е бесмртна и нејзиниот спас е сега или никогаш. Рационално и со математичка прецизност (во која безрезервно верувал) ќе повлече потези во кои спаѓаат сојузништва со непријателите на својата Црква и со Отоманската империја, архинепријателот на Европа во тоа време. Резултат е пропаста на планот на Фердинанд и востоличувањето на Франција за најсилна континентална сила која до Виенскиот конгрес 1815 година кога ќе се воспостави концептот на рамнотежа на силите суверено ќе ги обликува приликите на европскиот континент.

Една од мноштвото дефиниции за надворешната политика гласи дека таа се состои од цели кои функционерите на една држава и останатите транснационални актери сакаат да ги остварат на меѓународно поле, вредностите на кои тие цели почиваат и средствата и начините со кои се остваруваат. Ако на ова дефиниција во која нужно е вграден и принципот raison d’etat се додадат начелата на креирање на надворешната политика поставени од американскиот претседател Вудроу Вилсон, каде НП е одраз на моралните вредности на едно општество и на личната етика на извршителите, се добива крајната цел на политиката која не е воспоставување систем на рамнотежа на силите (концепт од XIX век) туку на меѓународен поредок кој ќе продуцира непречен развој и мирен живот темелен на сопствените принципи на право и слобода и заемно корисна соработка меѓу државите.

Од моментот на нејзиното осамостојување Р. Македонија имаше сериозни тешкотии во дефинирањето на нејзината НП. Затечена со распадот на СФРЈ чие постоење (со најдобра намера) го бранеше и во моментите кога беше јасно дека федерацијата е пред колапс, хендикепирана со недостаток на искусни дипломати (РМ имаше убедливо најмалку кадри вработени во тогашниот сојузен секретаријат на надворешни работи) и немање доволно финансиски средства за последица, имаше проблем со дефинирањето на јасни принципи врз кои таа политика ќе се креира и спроведува. За волја на вистината, иако положбата во која се најде земјата, соочена од војни на северот и блокади на југот не даваше некој голем маневарски простор, сепак беше можност за втемелување на НП која би се базирала на увереноста на граѓаните на оваа земја да градат демократско општество кое свесно за својата мултиетничност и мултирелигиозност промовира мирен соживот и соработка и во една сплотеност се појавува на меѓународната сцена решена со другите држави да гради добри односи и заемнокорисна соработка. За жал, иако НП на РМ која настапуваше во деведесеттите години под девизата „Оаза на мирот“ делуваше оригинално, оптимистички и сосема спротивно од политиките кои ги спроведуваа земјите од нашето соседство, страдаше од системска грешка која видливо ќе се манифестира во настаните од 2001 година кога ќе се распадне како меур од сапуница покажувајќи јасно дека НП е ефикасна само во случај кога приликите во самата држава даваат основа за водење на таква политика.

...Ако се вратиме на примерот на кардиналот Ришелје ќе видиме (но би требало еднаш и конечно да научиме) дека тој, подготвувајќи ја Франција за влез во сцената на триесетгодишната војна се одважува да направи смел чекор со правењето спогодба со протестантите во неговата земја (истите тие кој кралицата Катерина де Медичи ги колеше и прогонуваше по цела Франција) во 1629 година кога прогласува слобода на нивната вероисповед, со што ја елиминира опасноста од внатрешни нереди кои ги раздирале останатите држави на Средна Европа.

Парадоксално, во истата година кога избувна конфликтот во РМ, со потпишувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ, заедница која најблиску досега (барем на европскиот континент) се доближи со претходно споменатата дефиниција за НП, ни се пружи животна шанса одново да ја дефинираме НП и ги оствариме нашите стратешки цели. Тој процес успешно ќе се развива сè до 2008 година кога по состанокот на НАТО земјите во Букурешт кога изостана поканата за членство ќе дојде до колапс на НП на РМ, при што за разлика од настаните од 2001 ова урушување поради долготрајноста и нејзината природа ќе поприми застрашувачки димензии.

......Кардиналот Ришелје во моментот кога го вовел поимот raison d’etat не можел ги да замисли последиците од нејзиното спроведување од причина што самиот концепт не нуди никакви ограничувања од типот до каде може да се оди во остварувањето на националните интереси, за колку години тие ќе бидат остварени и која е цената што треба да се плати, да наброиме само некои од нив. Со други зборови, овој концепт во погрешни раце може да произведе опасни дејствија предизвикани од претераната умисленост на нејзиниот предводник дека е обдарен со супериорни вештини и е семоќен во нивната реализација. Во нашиот случај тоа ќе се оствари со политиката која владејачката ДПМНЕ ја остварува во последните 10 години и се огледа во девастирањето на целокупното општество од аспект на владеење на правото, слободата на изразување, економскиот и административен клиентелизам и корупцијата која и онака сиромашното општество дополнително ќе го осиромаши и задолжи. Состојбата во матичното Министерство за надворешни работи која и онака не бликаше од хомогеност, квалитет и стручност дополнително ќе се влоши при што еден и единствен услов за напредок во кариерата ќе биде партиската книшка на ДПМНЕ и милоста која одредена личност ја има кај „семоќниот предводник“ потпомогната и од традиционалната незаинтересираност на ДУИ која НП суштински не ја интересира (ниту ја разбира, потсвесно или свесно признавајќи дека таа е надвор од нејзината лига). Односите со сите соседни земји и улогата на земјата во регионалните иницијативи се сведени на формалност. Придружувањето кон ЕУ кое и само по себе претставува тежок процес е во застој, односите со САД исто така, при што медиумските и квази интелектуалните полтрони на власта отворено пропагираат антиамерикански ставови, а нерешениот статус на спорот за името дополнително е оптоварен со силеџиското уфрлање на т.н. идентитетски прашања со кои ја усложнивме и онака тешката позиција. Со објавувањето на снимените разговори во кои се открива размерот на деструкцијата на владејачката структура, НП на оваа земја според еден од ретките моменти на искреност на„талентираниот“ министер за НП искажан на Телма телевизија престанува да постои и се претвора во бркотница во која формалниот извршител на оваа функција настојува на неговиот шеф да му обезбеди амнестија или минимална одговорност.

Како понатаму?

Нема да зборувам за потребата од коренити реформи во целото општество бидејќи тоа по себе е разбирливо ако се сака да се направи промена на сегашната состојба. Исто така не сакам да зборувам за потребата од постигнување (се надевам за последен пат) договор за градење заедничка држава со општество кое ќе гарантира рамноправност и можност на секој поединец да ги оствари своите заложби и како припадник на одреден етникум и како граѓанин. Она што сакам да го нагласам, а се однесува на надворешната политика е всушност редефинирање на принципите врз кои таа се конципира и спроведува, имајќи ја пред сè и над сè реалната положба во која се наоѓа Р. Македонија и сложените околности кои владеат во регионот, континентот и воопшто во светот. За таа цел пак ќе се послужам со зборовите кои ги изрекол кардиналот Ришелје за кој наводно папата Урбан VIII кога чул дека умрел рекол дека кардиналот, ако има Господ, секако ќе оди во пеколот, а ако нема ... па, беше успешен човек.

Што вели Ришелје, тоа треба да го имаат во предвид идните нашите креатори и спроведувачи на НП?

Успешноста на политиката на raison d’etat зависи првенствено на добрата проценка на работите. Универзалните вредности ги дефинира начинот на кој ги перцепираме и не треба – дури и не смееме - секогаш одново да ги толкуваме. За одредување на границата на сопсвената моќ неопходно е да се оствари спој на искуство и оштроумност како и постојано прилагодување на околностите. Рамнотежата во меѓународните односи тешко може да се одреди, а уште потешко е да се усклади сопствената со проценката на другите држави, што е услов да се постигне рамнотежа помеѓу чинителите или кажано со модерна терминологија заемно прифатлив компромис.

На крај секако морам да кажам дека НП треба да ја води личност која освен широко знаење, дипломатски вештини и способност за стекнување на познанстава, мора задолжително да има сопствен интегритет и тежина во креирањето и спроведувањето на внатрешната политика на земјата. Дали на хоризонтот се наѕира кандидат кој ги има потребните квалитети, пресудете сами. Па, бујрум на избори, сите вие кои сакате промени, а потоа да се зафатиме со работа.

Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.

 

Слики: Били Даркарт