Ego Sum Via

06.12.2016 14:44

Некој ме набљудува со безгранично сожалување и трпение
Откако сум роден. И еве денес
Му ги сретнав очите вперени во кубето.
Стојам лице в лице и ништо веќе
Не може да нè раздели. Предоцна е
За да не се замрзнам веднаш штом би се одвоил
Од неговите пламени. Тупот на гробари
Што се враќаат, пред врата. Ме прашуваат
И јас сум одговорот. Ништо веќе не можам да скријам
Од имотот што го продадов.
Многу ме гонеа и многумина гонев
Ползев по мрачни долини со бувови
И со цели одреди смрдливи змиишта.
Цицав од дојка на суша и пајак
Ми беше ангелот на ѕвонење во мрачниот ѕвоник.
Во брдата снегот занемел врз дабовите неподвижни
Годината е при крај и црни облаци се лизгаат
Над прозорецот. Ореол
Од темницата изнурнува. Столари
шмирглаат дрво во подрумот на зданието
И долу на езерото птици одмораат
Во чамци напуштени. Таму далеку
Се наоѓа крајче небо а уште потаму
Се повлекуваат штркови од реката бескрајна
На која и ние некогаш пловевме
Кон ледените мориња.
Еве зазорува. Небото се отворило
И на смртникот му говори.
Имаме право на страв -
И на радост - но крвта наша божествена
Знае нешто што е над нас. На крајот од една година
Се симнавме и не можевме веќе да се вратиме
И патот се загуби. Крици го замаглија
Додека не дојде овој пламен агол од Пустината
Посадувајќи се во сржта на раскрсниците,
Та отсега ниту се качува ниту се спушта.
Никој не знае што да прави,
Крај изворот срушениот гавран станува златен прстен
На записот на Младоженецот. Не чукајте веќе на вратата
Закована. Однатре започна.
Чисто жито плевелот си го тресе
Од онаа страна на играта на помнењето
Краток крик и исчезнување засекогаш
Без трага.
Само неприродното би можело да го именува
Она за што ние не бевме задолжени
Никогаш. Дрвото снажно пораснало
Од изданокот така што сводот на крошната негова
Станува украс за себе.
Еве до кај стигнавме од далеку навестувајќи
Стомна што творецот нејзин ја знае како издржлива.
Тука е вратата, тука се ознаките и законите за влегување:
Благ и изгаснат над кроткото непознато
Бдеел од агонија, како слеп
После земјотрес. Како оној што судбината горко го казнува
И осудува на долго одбивање. Можеби е тоа сенка
На патник кој на пат тргнал од незнаење
Иверка што ми крвари во месото, можеби
Ситна тревка и сол на земјата
Или есенски молњи долги но беспомошни
Кои одѕвонуваат над крововите или јавач
Горд што се заледил на врвот од огледалото.
Уште само малку па ќе можам да те повикам
Одаите да ми ги испробаш
Секој гробар влегува во земја што ја добива
Ги носи своите справи за мерење и со надеж
Седнува на работа за едно париче
Само така и за нас останува по нешто
Нешто како вчера позлатена земја која не
Се разлетува. Постојан Vox clamanti in deserto
Тоа е Татковината на Поетот.

Превод: П. В.

Јон Александру (Ion Alexandru, 1941-2000), роден во околината на Клуж. Освен песни, пишувал и есеи („Поетски дневник“). Во младешките години бил склон кон рефлексивна и апстрактна поезија, под делумно влијание на германскиот експресионизам. Го преведувал Рилке. По Романската револуција, 1989 година, станал политичар и два пати бил пратеник во романскиот парламент.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото