Груевски до Заев: Ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната

07.12.2016 12:22
Груевски до Заев: Ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната

Никола Груевски говорејќи на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, потсети на обраќањето на Зоран Заев на митингот на СДСМ пред неколку дена во истиот град, кога Заев се повика на Гоце Делчев.

Груевски нагласи дека Заев се потпира на албанската дијаспора, односно дека Заев „се обврзал дека ако тие му помогнат да дојде на власт тој ќе им помогне да си ги реализираат проектите за двојазичност на цела територија, промена на Устав, рушење на рамките на Рамковниот договор, кантонизација и така натаму“.

-И тој дојде овде во Делчево и зборува, да станел Гоце Делчев, што ќе кажел за нас како Влада, која што изгради толку многу работи, која што привлече толку многу инвеститори, која даде толку многу енергија, сила, помош на земјоделците во Македонија и редица други работи. Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек- му порача Груевски на Заев, како што објави Република.

Андон Лазов Јанев, познат како Ќосето или Касапот (1855 – 10 септември 1953) е македонски револуционер, кој прекарот Касапот го добива токму заради извршените атентати. Неговиот споменик е дел од проектот Скопје 2014 и според владата на Груевски се смета за херој, а симболично е поставен пред Судската палата во Скопје.

 

Реакција на СДСМ: Заев зборува за живот, Груевски за смрт!

 

Последните закани за насилство од обвинетиот за насилство Никола Груевски само ги покажуваат неговите очај, страв и паника. Граѓаните на Македонија се пред многу јасен избор.

Заев зборува за плати, Груевски се заканува со насилство!

Заев повикува на обединување, Груевски шири омраза и поделби!

Заев се гордее со идеалите на социјдемократот Гоце Делчев, Груевски го сквернави неговото име се заканува со ликвидации!

Заев зборува за план за подобар животен стандард на граѓаните, Груевски крои план за бегство од Македонија!

Заев зборува за живот, Груевски за смрт!

На 11 декември ќе се разбуди животот во Македонија.

Нарачателот и одговорниот за насилство Груевски и за овие и за сите други злосторства против граѓаните и имотот на Република Македонија ќе одговара пред судството, кое по 11 декември ќе биде независно.

Овие избори се историски. Секој треба да излезе на 11 декември и да избере повисоки плати, достоинствени работни места, институции во служба на граѓаните и правда за сите“, соопштуваат од СДСМ.

Извор: НоваТВ/СДСМ
Слика: Свирачиња