Изборна измама на ВМРО!

07.12.2016 18:11
Изборна измама на ВМРО!

Најважната процедура за одржување на демократијата е веродостојниот политички натпревар на партиите што вообичаено го нарекуваме слободни, тајни, достоинствени и фер избори. Двата фундаментални аспекти на ваквите избори се слободата и тајноста на изборот на избирачите – од една страна, и, еднаквоста и фер условите за натпревар на партиите – од другата. Така што, какво било насилно делување врз избирачите од страна на партиите со коишто ќе влијаат на нивниот избор или какви било злоупотреби на државните ресурси или медиумите со коишто ќе се наруши еднаквоста на партиите во политичкиот натпревар, претставува лажирање на изборите, односно уништување на нивната веродостојност. И во демократските прирачници за тупаци, изборната измама се смета за државен удар или за уништување на демократијата. Но, тоа – како што гледаме деновиве – не им пречи на тупаците од ВМРО-Злосторничка повторно и повторно, разбојнички бесрамно, да ги прекршуваат не само овие фундаментални изборни правила, туку и – како и во сите досегашни избори од 2008 – да ги прекршуваат и сите можни законски норми и морални правила, за да го погазат човечкиот интегритет и достоинство на македонските граѓани. Нивниот рецепт за лажирање на изборите е веќе општопознат: тоа е тоталитарното силување на луѓето да гласаат за нив, што го изведуваат со масовен поткуп со крадени пари и злоупотреба на државните институции и органи, како и со мафијашко рекетирање и пропаганда на партиските приватни медиуми и корпорации.

Иако во распаѓање и внатрешна паника, овој партиско-мафијашки режим јавно и арогантно го употребува сиот свој злосторнички репертоар за на од порано силуваните, застрашените и корумпираните луѓе, да им покажат дека сеуште се господари на нивните судбини, дека не им ослабнала моќта и дека сеуште – и во веки веков! – ќе владеат со нивните судбини. Се надевам дека веќе огромен број луѓе во оваа несреќна земја сфатиле дека се работи за обична банда на улични силувачи и деликвенти, што на измама успеале да украдат држава и да го направат својот Голем Злостор. Се надевам дека мнозинството Македонци од сите народи, конфесии, социјални статуси и политички убедувања, веќе сфатија дека оваа банда криминалци можат со еден потег, со едно слободно и храбро чкртање по хартија, да ја истресат од грбот и да ја прегазат и остават во историската кал – засекогаш. Но, сепак, дали е ова убедување доволно за остварување на историската пресвртница на 11 декември? Зарем не е потребно, без оглед на сè, и по секоја цена, да се казни изборниот криминал? Зарем демократијата нема да ја браниме од очигледното разбојништво – решително, упорно, и со сите средства?


Инаку, демократиите се бранеле од измамници и узурпатори уште од кога постојат, зашто тие секогаш биле свесни дека слободата и вистината се судбински услови за демократијата, и дека изборната измама е нејзина сигурна смрт. Најдрастичниот пример за одбранбена норма доаѓа токму од античката атинска демократија, од Демафатесовиот декрет што во доцниот петти век п.н.е. бил изгравиран на бронзен столб покрај влезот во судот (Ареопагос), во кој дословно пишувало: „Доколку некој ѝ се заканува на Атинската Демократија, тој ќе се смета за непријател на сите Атињани, и ќе биде убиен без судење, а имотот ќе му биде конфискуван. Оној што ќе го убие или што ќе помогне во неговото убиство ќе се смета за невин и без каква и да е вина. Сите Атињани ќе ја положат следната заклетва: Јас ќе го убијам, со сопствени раце, доколку можам, оној што ја уништува демократијата во Атина (....), оној што ќе се прогласи за деспот или пак ќе му помогне некому да стане деспот...“. Декретот – како што знаеме – не им помогнал на старите Атињани да си ја зачуваат демократијата, но барем јасно ја искажал нивната подготвеност да ја бранат со сите средства. И старите Римјани во времето на нивната Република, откога во вториот век п.н.е. од јавно преминале на тајно гласање за избори на кандидати за политичките, законодавните и судските тела на Републиката, пропишале строги правила за одбрана на демократските процедури и вредности, зашто и во тоа време било јасно дека правото на избор со тајно гласање е самата суштина и најсилната тврдина на граѓанската слобода. Така, првиот закон во Римското право што го криминализирал изборниот поткуп бил Лекс Бебиа од 181 година п.н.е., а грчкиот историчар Полибие од тој век укажува дека додека Картагињаните обезбедувале јавна канцеларија за отворено нудење на подароци, во Рим за изборниот поткуп се одредувала смртна казна, веројатно зашто – исто како и во Атина – изборната измама се третирала како вид велепредавство на државата. И подоцна, кога законите понијансирано го третирале изборниот криминал, за казна било одредувано најмалку десет години исклучување од политичкиот живот или десет години прогонство од Републиката.


За жал, во Македоња Вечна изборниот криминал е државна норма(лност) што веќе 10 години ја одржува партиската мафија на ВМРО на власт. За целово ова време, ниту на меѓународната заедница што се вклучи да посредува во мирниот трансфер на власта, ниту на домашните актери на оваа предолга епска трагедија, не им стана доволно јасно дека демократијата не може да се одбрани од злоупотреба од страна на сопствената држава. И дека авторитарен мафијашки капитализам од фашистички тип, каков што е востановен во Македонија под власта на ВМРО, може да биде победен само со надворешна сила или со директна демократија односно со сенародно востание, или, се разбира, со комбинација на двете. Но, кога сме веќе ставени во ситуација оваа криминална власт да ја менуваме на ѓоа нормални избори, мислам дека е вон памет да се правиме дека тешките изборни измами што ВМРО-Фашистичка повторно масовно ги врши се нешто нормално, нешто вообичаено, како некој специфично македонски изборен фолклор; нешто што може да се санкционира со вообичаените објавувања на поединечните случаи на изборен поткуп, институционален притисок, злоупотреба на службените положби и што се не, нешто што е доволно да се пријави на криминалните институции на системот – јавното обвинителство, на пример, и да чекаме институциите да го „процесуираат“ случајот како што знаат и умеат. Не!

Два основни принципи мораат да се земат предвид во нашата веќе премногу пати повторувана трагична изборна фарса. Првиот е дека презумпцијата на невиност – која ја веат на знаме партиските мафијаши на ВМРО секогаш кога се работи за нивен криминал – не важи и не може да важи за системски, демек државен криминал, туку само за поединци. Кога криминалот отворено и насилно се врши од страна на корумпираната и криминализирана држава, важи презумпцијата на вина, зашто се работи за природата на криминален систем кој по дефиниција, цело време и на очиглед на сите го врши Злото! Вториот принцип е повторно врзан за системската природа на партиско-државниот криминал, зашто се работи за внатрешно правило што системот закономерно и хиерархиски субординирано го врши, појава што е рамномерно распределена низ целата територија што системот ја контролира.

Тоа значи дека за еден виден злостор со сигурност може да се тврди дека постојат илјадници што се извршени, а не се видени. Исто е и со бактеријата на чумата (или која и да е инфекција): лекарите не ја вадат целата крв од пациентите, за да ги избројат сите бактерии во организмот!? Се вади само примерок од крвта за да се утврди количеството на смртоносни бактерии во целиот организам. Што значи дека од веќе досега јавно утврдените, инфлагранти фатени случаи на изборен поткуп, егзистенцијална уцена и влијание на гласачите, можеме со сигурност да заклучиме дека македонската чума, ВМРО, веќе сега ги криминализирала и компромитирала стотиците илјади гласачи што ќе мораат да гласаат за нив! И, повеќе од јасно е дека сите тие гласови треба да бидат поништени, или, со еден збор, веќе сега е јасно дека изборниот резултат на ВМРО не смее да биде признаен, а тие поништени гласови треба според Донтовиот систем да им бидат пропорционално разделени на сите други партии! А на ВМРО – и доколку се применат најлесните санкции од класичните демократии – барем десет години забрана за политичко делување!


Слики: Александар Дојранлиев
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото