Распаќе

09.12.2016 02:33
Распаќе

1.

Не знам, не сум сигурен колку навистина кај сите нас созрева свеста за важноста но и неповратноста на мигот што доаѓа, за шансата еднаш (дали и засекогаш останува да се види!) и веднаш да се куртули од ова Зло, од ова беспаќе надвиснато над оваа земја. Да, неповратноста е голем збор, ама после вакво искуство зарем е можна реприза? Речиси е незамисливо и понатаму да се опстојува во еден ваков нереален, криминален, безидеен и бесперспективно зачаурен микро свет, а сепак тоа трае цели десет години. Па и големите војни, и Првата и Втората траеле само по четири години, дури и десетте библиски чуми во стариот Египет биле пократки. Нашава сè уште не се пушта, продолжува грчевито да се држи за последните карики на моќта, уште лаже и манипулира на сите страни, ветува нови „брда и долини“!

Нашава цивилизациска – ако воопшто можеме да ја почестиме со тој возвишен поим – катаклизма го детронизира универзалниот ред на нештата, ги уништи сите морални и вредносни категории, ја ослепе правдата, а човековата егзистенција ја сведе на сервилно битисување и послушност кон една криминализирана врхушка. Не остана ни закон, ни ред ниту поредок, културата ја сведе на срамотен чин, уметноста на кич и шунд, образованието и науката на произволни шарлатански толкувања!

Кај нас не остана ни ум ни разум, уште помалку дејствителност. Во овој македонски замандален микро свет како да не остана ништо реално, свето, разумно! Освен, можеби, нашиот дух кој, да се надеваме, во овие десет години ги осозна сите разлики помеѓу нив и нас, помеѓу доброто и злото, помеѓу чесното и криминалното? Зарем уште ни треба време да видиме дека мора категорично да се дејствува, дека е дојден последниот миг за одлука?

2.

Затоа, ми се чинат сосема оправдани повиците на опозицијата дека за некој ден ќе решаваме за – животот. Ништо повеќе, ништо помалку. Да, звучи фаталистички, звучи премногу судбоносно, ама не можеме да избегаме од чувството дека тоа е вистинската поента на 11 декември. Дали, колку и како го разбравме повикот останува да се види. Останува да се види и дали овој народ што остана овде, и опстоја, ја научи лекцијата. Не дека ги осудувам тие кои заминаа. Напротив, сигурен сум дека одлуката не била лесна. Но, останува да се види дали ние преостанатите сме подготвени сериозно да ја смениме историјата, па и судбината, ако сакате, ако има такви кои (сè уште) веруваат во неа.

Затоа, можеби, довчерашното беспаќе сега ни се отвора како распаќе, како решавачка историска раскрсница која што ќе мора да нè насочи кон вистинскиот пат. Од неизбор барем добивме – избор, од едноумие (апсолутно поубиствено од она „омразеното“) барем дојдовме до можност да бираме. И изборот не е тежок, барем така мислам. Односно, станува ли воопшто збор за избор помеѓу криминал и слобода, неморал и чест, клиентелизам и правдољубие, ќосиња и нормални луѓе … или човек треба само да го следи здравиот разум?

И за сето тоа е неопходно да се донесе и вистинската одлука: ќе се продолжи ли во беспаќето или ќе се тргне по нормалниот, цивилизираниот, културниот … човечкиот пат, патот на нормалното, пристојното живеење без страв и резигнација? Зашто сето ова што досега го живеевме не беше нормална, цивилизирана, културна егзистенција достојна на човекот од дваесет и првиот век. Знам, многумина од булументата пропагандисти сè уште трубат за „благодетите“ што сме ги „уживале“ со криминалциве. И ќе трубат до недела, непрестајно. Зашто тоа им е работа, за тоа се платени. Ама белки знаеме подобро? Белки паметиме како живее(в)ме?

Оттука и велам дека сме на последното распаќе, пред одлуката „за“ или „против“ сè што еден пристоен човечки живот треба да понуди, што една пристојна европска држава, па нека е и на Балканот, може да му понуди на својот граѓанин во втората деценија на дваесет и првиот век. Оние кои веруваат во судбината можеби ќе речат дека сме морале и ова да го поминеме. Ајде и така нека биде, ама толку долго, и вака ригидно? И нели е ред да се стави крај на тоа?

3.

Ако во минатото сме имале разноразни историски алибија за сите премрежија и неправди, таквите нешта денес не играат. Никој друг веќе не може да ни биде виновен за лошите одлуки, за погрешниот избор. Неодлучните, пак, колебливите, поентата односно превагата треба да ја побараат токму во историската линија што феноменот наречен цивилизација со векови ја исцртувала на овие простори. Не дека немало и неранимајковци и криминалци, манијакални ќосиња и разноразни други насилници и убијци, уличен џган и бездушни варвари. Ама тие биле минлива категорија, недостојна за навраќање и паметење, а културата по правило го наоѓала вистинскиот пат. Белки ние нема да го промашиме?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња