Селото го возвраќа ударот

09.12.2016 02:58
Селото го возвраќа ударот

Зошто на американските претседателски избори победи Доналд Трамп? Зошто успеа Брегзитот? Зошто доминираат разни Орбани и Ердогани, Марин ле Пен е се посилна, а Ангела Меркел сè послаба?

Од истите причини заради кои во Србија уште 2012 победи Томислав Николиќ. Тоа ја придвижи политичката спирала на автократијата и шминкерството, односно ескалацијата на напредноста во која живееме и денес. Аналитичарите и општествените научници на тоа му лепат разни етикети, од „бунт против естаблишментот“, преку „подем на десницата“, сè до гол „расизам“. Но, не, симпатизерите на Трамп, Брегзитот, Орбан, Ле Пен и Николиќ и останатите не се само расисти, ксенофоби, националисти, десничари, борци против корумпираниот систем и расипничките мигранти – иако меѓу нив има и такви. На дело е нешто друго, што соодветно го илустрира поп културата.

На пример, „Војна на ѕвездите“. Во оваа култна вселенска опера и епска алегорија, Лук Скајвокер е обично момче од село, додека „лошите момци“ како Дарт Вејдер живеат во блескави и дотерани вселенски станици. Џедаите, евоксите и другите „добри момци“ исто така прости селани, живеат во склад со природата, додека негативците се роботолики „јуришници“ во бели оклопи. Или, „Господарот на прстените“. Исто така романтичарски евтино ги спротивставува простите селани (хобитите од Округот) со урбаната и индустриската декаденција од Мордор. Па, „Храбро срце“, во кој селанецот Вилијам Волас крева бунт против наконтените „цивилизирани“ Римјани, односно (за денешната младина) Кетнис Евердин од селанскиот и сиромашниот „Дистрикт 12“ против омразениот Капитол во „Игри на гладта“. Поентата на овој мотив е архетипската и русоовската поделба на „благородните дивјаци“ и „корумпираните цивилизирани“, односно трајната напнатост помеѓу примитивните и напредните, простите и префинетите, сиромашните и богатите, чистите и декадентните, традиционалните и девијантните. А сето ова е варијација на поделбата од древната тема – селото и градот.

Споменатата поп култура не ја создаде оваа поделба и не ни ја всади во главите, како што сакаат да дрдорат оние со фетиш за натприродното влијание на медиумите врз сиротиот човек. Не, таа поделба одамна е меѓу нас и Холивуд само вешто ја (зло)употребува. Во прашање е древната митологија за Робин Худ, припрост човек од село, кој во наше име ќе го одземе златото од економските и политичките елити од градот. Тие декадентни урбаноиди во необична облека можат да бидат патриции во тоги во античкиот и „вечниот град“ Рим, средновековни царови и властелини од замоци, версајска напудрена аристократија во перики или пак Орките од чадливиот Мордор, односно империјални јуришници во бел оклоп „Во галаксијата, некаде далеку одовде“, сеедно. Основната тема е во тоа што – селото го возвраќа ударот. И токму тоа нè доведува до Доналд Трамп и неговите.

Бидејќи, кога демографите подетално ги погледнале резултатите од американските избори, пред очите им блеснала токму драматичната поделба на – село и град. Наместо грубата поделба на американски „црвени“ (републикански-конзервативни) и „сини“ (демократски-прогресивни) сојузни држави, се работи за подетален и пофин поглед на дистрибуцијата на гласовите по изборни окрузи. А, на таквата црвено-сина мапа, се појавуваат само неколку сини „прогресивни“ островчиња во океанот на „конзервативното“ црвено. Меѓутоа, сините области се оние густо населените, значи, градовите. Њујорк, Бостон, Филаделфија, Чикаго, Сиетл, Лос Анџелес, Сан Франциско и другите урбани прибежишта и оази. Исто е и во Европа, за што „Вашингтон Пост“ отворено пишува за „револуцијата во рурална Европа која се крева против естаблишментот“. Поддршката за Брегзитот беше најголема во руралните области од Англија, а рурална Франција е таа која ѝ пружа поддршка на Марин ле Пен. Дури и во Германија, каде не постои (толкава) доминација на еден главен град, најголемото противење на мигрантите е во руралните зони. За што се работи?

Во повеќето држави во светот, градовите се 4-5 проценти од територијата, но имаат речиси 50 проценти од населението. Градовите креираат 99 проценти од политиките, економијата, културата и поп културата. Општествените трендови се шират од градот кон селото, од кинеските ресторани и фенси кафетериите до геј браковите и илегалната трева. А сите трендови не се баш добри или лесни за голтање. И во таа грмушка се излежува зајакот на масовниот политички револт спрема Европа и Америка во изминатите неколку години. Доналд Трамп, Томислав Николиќ и сличните ним се препознаваат како робинхудовска цигла во прозорот на арогантните урбани и либерални елити. Како еден крик на угнетените и запоставените луѓе од малите и помалите средини кои сè повеќе чувствуваат дека нивниот глас, желбите и потребите не се слушаат доволно гласно. А, овие општества имаат и некаква демократија, па масите незадоволници почнуваат да ги мрдаат кафезите во кои живеат.

И, сега, ако ова го читаме на таблет во некој град, во топол стан со проточна вода, лесно и комотно е да се однесуваме подбивно со руралците, динароидите, земјоделците и „селаништата“. Иако, храната во нашиот сребрен, модерен самоодмрзнувачки фрижидер потекнува токму од тоа село, пасиште или нива. И можеме да ги стереотипизираме како заостанати расисти, тесногради националисти и кромидски ксенофоби со слаба орална хигиена кои за сендвич или жолт сок доаѓаат в град и ја извикуваат фрустрацијата кога ќе ги повика партијата. Можеме да се подбиваме со тоа и дека мастерот Тома пече ракија во Бајчетина. Но, тоа е диктиран мотив или практика и ги притиска политичките копченца на купишта наши сонародници што го прават истото – а не ги гледаме на нашите профили на Фејсбук или Инстаграм. Кратковиди сме од своите кули од слонова коска.

Во врска со тоа, стереотипите функционираат двонасочно. И сите ние божем „урбаните“ можеме да бидеме о(т)пишани како снобовска и нова екипа на која главен животен проблем ѝ е топењето на мразот на Гренланд, суровоста на одгледувањето пилиња во премали кафези и суровоста кон трансвеститите кои не смеат да влезат во женските тоалети. Значи, од другата и гласачки важна страна, „граѓаните“, „господата“ или урбаноидите често се перципирани како безбожници и терористи кои „пијат дрога“ и „шират сида“. Како фуд-блогери, пи-ар менаџери, контент-девелопери – но и колумнисти и социолози – и останати тресачи на празна слама родени во стан со радијатор. Подлеци кои декадентно локаат скапи вина или „крафт“ пива и глодаат Цезар салата кога на деветтиот спрат не огранизираат бисексуални и мултурасни оргии.

Градот и селото и во овој момент и простор сè уште остануваат два спротивставени светови. А, градовите се оние што ја креираат научнофантастичната иднина која за многумина надвор од градовите е само уште еден знак за апокалипсата. А неа големи делови од населението едноставно не ја сакаат во својот селски двор и против која се подготвени и да се побунат. Луѓето од село (и сите кои се чувствуваат така) впрочем биле и останале луѓе кои се горди што умеат сами да се грижат за себеси. Знаат да поправат автомобил, покрив, струја или водоводна цевка, за разлика од нас урбаните и декадентни хипстери. А, тој начин на живот непоправливо умира, и тоа не само зашто малцинствата се образуваат на својот јазик, а гејовите (сакаат да) посвојуваат деца. И затоа толку ги повредуваат лагите дека „во таа Европа“ не се пече ракија, дека се пропишуваат димензии за краставиците, и дека стоката има поголема правна заштита од луѓето. И токму затоа очајно масовно се гласа за путиноидните тврдокурци кои нудат ветување дека „ќе ги вратат нештата на свое место“ и повторно ќе ја направат земјата голема.

Најпосле, луѓето со децении се воспитувани дека тешката работа е подобра од излежувањето по белосветските плажи. Дека е подобро децата да имаат двајца родители. Дека мирот и стабилноста се подобри од нередот и бунтот. Дека строгиот морален кодекс е поправилен од распуштениот хедонизам. Дека луѓето околу нас треба и да личат на нас, наместо да се темни и кадрави, да се поклонуваат кога се молат, да ги привлекува истиот пол итн.

Едноставно, основата на која се изградени модерните западни општества – семејството, верата дисциплината и грижливата работа – денес се смета за нешто тесноградо, провинцијално и заостанато. Се разбира дека истата основа подразбираше и ропство и сегрегација, сексизам и мизогинија, како и верска нетолеранција, ксенофобија, хомофобија и останатите стравови на белиот, стрејт маж склон кон насилство во семејството. И, се разбира дека општествените промени кои, така да се каже, завчера ги создадоа градот и либералните елити, беа промени кон подобро. Но, она што го доживуваме и (се надеваме) преживуваме е освета заради нашата урбана и либерална ароганција. Зашто сите можни политички, економски, општествени и културни кризи најтешко го погодија токму селото и провинциските градчиња. Земјата им ја купуваат крупните тајкуни, а локалните фабрики што хранеа цели заедници повеќе не работат или не постојат. А жителите од овие области не можат преку ноќ да станат програмери, веб-дизајнери, модни стилисти и НВО активисти за човекови права. За нив, постапокалипсата од Холивуд веќе е стигната и треба да ѝ се спротивставиме со сите средства.

И, сега, ако е вака во упорно непролетерската Америка и Англија, што е со нас овде? Па, Србија демографски, културно и некако длабочински е една селска земја. На која рефлексно ѝ оди на нерв урбаната либерална елита. Меѓу другото, токму затоа Иван Ѓуриќ немаше шанси против Слободан Милошевиќ на првите повеќепартиски избори 1990 година. Како што нема да има шанса ни Саша Јанковиќ, со громогласна поддршка од интелектуалците, научниците, глумците и останатите гангстери и свирачи од градовите. Мувата не е виновна што сме гомна. Наместо да се однесуваме арогантно, можеби да се потрудиме да го разбереме реалниот свет и сонародниците со кои живееме? Инаку селото повторно ќе го возврати ударот и ете ни (нов) Шешељ за претседател.

Слики: Farooq Mustafa

Извор: http://www.danas.rs