Назад кон демократијата!

09.12.2016 11:45
Назад кон демократијата!

На овие избори најмалку се бира помеѓу различните политички „понуди“ и „програми“, иако партиите со сета сила ве уверуваат во тоа. Не, на овие избори се решава дали Македонија ќе биде или не – демократска земја! Дали ќе функционира и ќе се развива како слободна, демократска и правна држава или не. Само тоа.

Знам дека овие поими се апстрактни, излижани од преголема употреба и звучат како фрази, но ќе се обидам да ве вратам на нивната суштина.

Груевски и неговите соработници тешко ја повредија демократијата во нејзините највитални, суштински темели. Прво, развија една парадржавна, партиска структура, која функционира според милитантно-мафијашки терк – дисциплинирано и бескрупулозно. Таа е над законите. Таа структура ги презеде сите витални надлежности на државата, оставајќи ги институциите како параван, како потемкинови села. Навидум постојат, сè функционира, ама позади „моторот“ е партијата, предводена од фамилијата. И сè е подредено на нивнот личен, фамилијарен и партиски интерес, по тој редослед. Типична олигархија.

Самата влада е претворена во „клуб“ за преговарање и координација со коалициските партнери, а државните линии на егзекутивна команда одат преку партијата. Затоа Емил Димитриев „функционира“ како премиер, ама тоа не му се „познава“, а министрите од другите партии ниту се битни ниту некој ги знае.

Улогата на парламетнтот, како место за одлучување и контрола, е укината со начинот на поставување сервилни пратеници и нивна контрола со потпишани меници, награди и казни. Пратениците од власта се беспоговорни стискачи на копчиња и немаат никаква улога. Плус, одбрани се тоа да не им пречи. Се разбира, таков парламент ни во сон не може да функционира како демократска контрола на извршната власт, туку само како егзекутор на волјата на партиско-мафијашката врхушка. Во таков амбиент дебатата е природен непријател, па затоа опозицијата мораше насилно да биде исфрлена, скандал без преседан и знак на сериозна болест на македонскиот парламентаризам.

Така беше укината поделбата на законодавна и извршна власт, што е рбетот на секоја демократијата. Односно, двете беа претворени во фасада, а на нивно место е инсталирана олигархиска власт. Во сето време, на местото претседател имаме марионета, со негова здушна согласност, па и тој столб на демократијата е отсутен.

Друг тежок грев на Груевски и неговата клика е што го подјарми, според овој ист рецепт, судството, можеби најважниот сегмент за функционирање на една демократска, правна држава. Преку партиската моќ успеа кадровски да ја „преуреди“ судската власт така што, наместо да служи на правото и законите, се стави на услуга на веќе семоќниот партиско-мафијашки врв, со главна задача да му пружа правно-судска заштита на истиот. Со тоа законите престанаа да бидат каков било „проблем“ во владеењето и само небото беше лимит! Можноста законски да се одговара, (уште еден од демократските принципи познат како „акаунтабилити“ од изјавите на разни амбасадори) беше исфрлена од равенката. Остана само да се спроведува волјата на „вождот“ и да се акумулираат моќ, пари, контрола и - да се аздисува!

Затоа се случи сè што потоа се случи. Затоа беше можно подјармување на медиуми, крадење и местење на изборни резултати, расипничко трошење, крадење пари со тони, незаконско затворање, тепање, преземање фирми, местење судски случаи, и сè што ни се случуваше во оваа декада, ако не ви е болно да се потсетувате.

Дефектноста на нашиот систем сите ја знаевме, но немаше да биде „научно докажана“, односно ќе останеше во сферата на политички критики, да не избиеше скандалот на столетието – масовното незаконско прислушување и сè што од него произлезе. Се виде како се владеело, а погоре видовме и зошто така се владеело. И исплива на површина фактот дека и така фатена, олигархијата нема да одговара токму затоа што ги контролира судските и другите државни институции.

Тоа го вклучи алармот и на странските фактори, со оглед на тоа што сме земја која се претставува како нормална, и претендира да биде дел од ЕУ и НАТО. Токму со помош на тие странски фактори, со судни маки и преговори се постигна договор чија цел е да се реставрира тешко нарушениот државен поредок.

Дел од тој пакет се и овие избори.

Тука во филмот влегуваме ние, гласачите. Од нас, од сите нас зависи дали ќе се помириме со сето ова што беше и сето она што допрва доаѓа во ваков поредок. Лајт мотивот на овие избори, причината за нивно распишување, не беа ниту некакви проблеми со двојазичност, идеи за федерализација, колку и во тоа да се убедува провладината пропагандна машинерија, туку токму ова за што зборуваме – суспендираната демократија и отсуството на правен поредок. Не дозволувајте да ви подметнат рог за свеќа!

Ако остане оваа гарнитура, со помош на вашиот глас или со помош на вашата апстиненција, Македонија нема да „пропадне“, ама нема да биде слободна, демократска земја во која владее правото. Таа ќе продолжи да животари и да се лизга (постепено или побрзо) од сегашниот тнр. „хибриден режим“, кон сè поригиден, автократски, со можност да прерасне во тиранија, во која постои само мала каста семоќни и огромна маса обични поданици. Во таква земја, ве уверувам, не сакате да живеете. Знам, на многумина тиранијата им се допаѓа, веруваат во „цврста рака“, но тоа се само теории. Таква земја е погодна само за генерирање човечки трагедии од разни облици, и на крајот за - напуштање. Во нив никој не доаѓа, од нив си оди секој кој може. Тоа сите луѓе инстинктивно го чувствуваат – никој не мигрира во земји како Белорусија, Иран, Северна Кореја, Туркменистан, наредете ги сами. Живот во таква земја е под човековото достоинство и е убиство на духот, било да се најдете во привилегираната каста (оти ќе мора да се збогувате со својата личност и совест), било да се најдете во позиција на жртва. Единствена смисла на животот во таков режим има борбата против тој режим. Но по извесен степен на ригидност на режимот и таа борба станува невозможна. Во Северна Кореја, или Белорусија нема опозиција, а и Русија е на тој пат. Кога тој праг еднаш ќе се премине, од тиранијата може да се излезе само благодарение на некоја голема војна. Овие избори се можеби последната шанса Македонија во мирнодопски услови да фати друг пат – назад кон демократијата.

Од нас зависи!

Извор: Фејсбук профилот на авторот