Ќе гласам против диктатурата!

09.12.2016 12:05
Ќе гласам против диктатурата!

Денес имав прилика да запознаам млада девојка која е член на владејачката партија.

После неколку прашања и кратки излагања, моето - зошто диктатурата мора да падне и нејзиното - ама што сè направија, дојдовме до неколку заклучоци:

1. Девојката не видела никаков „просперитет и благосостојба“ од партијата чиј член е. И покрај неколкуте јавни настапи со кратки изјави не ѝ било дадено дури ни место во студентски дом, иако ѝ било ветено.

2. Не е никако условена/ уценета да гласа за партијата бидејќи нејзините најблиски не се вработени по партиска линија, со членска книшка.

3. И најпосле, однесена е пред извршител за неплатена карта за користење градски превоз (ЈСП) од пред 3 години!

При крајот на муабетот само со трепет ме праша: „А што ако го поништам ливчето и речам дека сум гласала? Дали ќе дознаат?“

Социоекономските услови во државата ни, се толку мизерни што ги разбирам и сочувствувам со луѓето кои гласаат за одредена политичка партија за да обезбедат гола егзистенција, за себе и своите најблиски.

Но, да не си никако заробен од околностите и пак со страв да прашуваш дали ќе дознаат ако си поништила ливче, тоа ме ужаснува!

Ме ужаснува фактот дека за 10 години успеаја да изградат еден систем кој се темели на неоснован страв кај луѓето. Страв, пред сè, кај младите луѓе кои за овие 10 години научиле да живеат со него, толку е сеприсутен што е неотповиклив и иднината без него е незамислива.

Затоа ќе гласам против режимот, против диктатурата, оти од овој страв поништени ливчиња не нè спасуваат!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Мики Стефаноски