Јас ќе гласам

09.12.2016 17:01
Јас ќе гласам

Еј, како си? Одамна не сме се виделе. Што има кај тебе? Живот, и тоа треба да се издржи. Ја враќа маската со филтер на лице и со рацете прави гест што значи: ќе се чуеме. Горчливата насмевка на мојата пријателка не ѝ се гледа, ама се чита во погледот. Во некоја друга ситуација, знаејќи ја својата потреба да се утешам, веројатно ќе речев: ќути, може и полошо. Овојпат знам дека и таа мантра не делува. Не може. Полошо не може. Кога ќе ја изгубиш радоста и мотивот да живееш, тогаш е допрено дното. Јас гледам само еден и единствен излез: овие избори ќе гласам за промена на власта, а следната власт од првиот ден ќе добие ревносен контролор кој нема да ја остави да дише во секој чекор.


Нашиот живот е продукт на комплексните политички, социо-културни, здравствени и образовни системи. Целокупниот државен систем е окупиран од криминална и алчна елита, па, следствено, нашиот животен потенцијал е исцицан од нивните мегаломански апетити. Ги видовте луксузните лакирани и дезенирани подови на партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ? Во секоја шара се втиснати нашите мачни издишувања, залудно потрошени потенцијали, изгубените сништа, нарушеното здравје, и секирациите, еден тон стравови за тоа дали утре ќе имам за мене, за моите најблиски.

По нив сега ќе газат високите потпетици и гумираните ѓонови на госпоѓите и господата од најбогата партија која потекнува од најсиромашната земја во Европа. Лакираните дезенирани подови чија сума не можеме ни да ја замислиме, ама сепак сме ја платиле - се резервирани за нив. Нам ни го оставија сè она што се распаѓа и е гнило во оваа земја. Може ли тоа некој да го издржи? Може ли тој живот да се издржи?


Пробавме. Пробавме со сè. Фондот за здравствено осигурување сподели податоци според кои секој втор Македонец пие седативи, односно анксиолитици и хипнотици. Анксиолитиците и хипнотиците се група лекови што се користат за намалување на напнатоста и вознемиреноста, за нарушено спиење, страв, депресивно расположение, нервоза и други стресни состојби. Луѓе мои, и седативите престанаа да делуваат. Чуден е човековиот организам. Колку и да се трудиш да го излажеш дека сè е в ред, тој наоѓа начин да врисне однатре кога боли. Епа боли. Боли, корне. И мора да се промени нешто. Мора да се казнат оние чиешто насилство врз нас нè натера да се седатираме до состојба на коматозност. На 11 декември јас ќе гласам.


Ќе гласам зашто на сите ни дојде нож до коска. На криминалците местото им е во затвор. Таму нема бродски подови, ама има сè што тие нам ни го сервираа една деценија. Нека уживаат во плодовите на своето владење. Ние од денес одлучуваме за нас. Имаме повеќе опции, можеме да избереме една. Новото СДСМ и коалицијата за живот во Македонија, Левица, ВМРО за Македонија, Коалиција за промени и правда, Либерална Партија, Беса... Како никогаш досега, имаме сериозна понуда од нови и старо-нови политички партии кои даваат надеж дека подобра иднина е возможна.

Не зашто најчесни и најпаметни. Напротив, голем дел од нив и не знаеме какви се. Повеќе заради тоа што сè уште не се опиени од моќ. Новата власт ќе ја дочека разбуден народ. Нема повеќе дијазепами и хелекси. Ние сме тука и сакаме да бидеме вклучени во водењето на државата и располагањето со наши пари. Ниту денар неоправдан повеќе. Можеби ќе им донесеме фотељи, ама една од фактурите ќе испорачаме уште на 12 декември.


На 11 декември имаме неповторлива шанса да ја ослободиме киднапираната држава и да почнеме заедно да градиме нови светови. Светови на кои ќе им се радуваме и во кои вреди да се вложуваме. Светови кои ќе ги живееме будни.

Извор на сликите: #ГласамПротив
Извор на текстот: Плусинфо