Јана и мажот је Грујо кесеџија

09.12.2016 16:48
Јана и мажот је Грујо кесеџија

Седнала ми Јана
под бела лозница,
под црна црница.
Црни конци сучи,
дробни солзи рони,
мајка луто колни:
-Да би оќорела,
мајко, ослепела,
шчо ме даде, мајко,
за тој пусти Грујо -
Грујо арамија,
Грујо кесеџија!
Здодеало ми се
веќе прееќум
крвави кошули!...
Да ме дајше мајко,
на орач, на копач,
ќе ораф, ќе копаф,
Грујо не го земаф,
Грујо арамија,
Грујо кесеџија!...
Ушче завал Јана
речта не дорече,
ај ете го Грујо,
кај ѝ носи Грујо
чоена долама
со се десна рака.
На рака имаше
една бурма-прстен,
прстенот пееше,
дека је от брат је -
тој јунак Ѓорѓија.
Ушче завал Јана
речта не дорече,
ај ете го брат је
кај клука на порта:
-Ај отвори, Јано,
на свадба те канам,
брата ќе жениме -
тој јунак Ѓорѓија.
-Ој ти, море брате,
лажи кого лажиш,
мене ме не лажи!
Аберот ми дојде
ушче во недела,
време кај поручек
Чекај, брате, чекај,
Грујо да кандисам -
Грујо Кесеџија.
-Ој ти, море Грујо,
Грујо домакине,
шура ќе жениме.
Се излага Грујо,
се облече Грујо,
на свадба ќе оди...
Ојле шчо ми ојле
близу до пол пато -
кај ми гледа Јана
двајцана гробари
гроб да ми копаат.
Изговори Јана
грчки-послоечки:
-Ој вие, гробари,
два гроба копајте,
двајца ќе носиме!
Ојле шчо ми ојле,
во мајкини дворје
кај ми слуша Јана
танкине гласои
мртоец да плачат...
Ми однесле Ѓорѓи
на гробишча пусти.
Изговори Јана:
-Ој ти, море Грујо,
ај влези си, Грујо,
шура да наместиш!
Се излага Грујо,
влезе натре в гробо
шура да намести.
Извикала Јана
грчки-послоечки:
-Ој вие, гробари,
’си да засипеме
Грујо кесеџија -
што сторил, да најди!...

Извор: Македонски народни балади (прир. Кирил Пенушлиски), Македонска книга, Скопје, 1983.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото