1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
На 12 декември (понеделник) во фоајето на Кино Фросина во МКЦ ќе се одржи промоција на поетската збирка „Водата нешто носи“ од Марија Грубор, додека во просторот ќе бидат изложени аналогни фотографии од периодот на нејзиното создавање.
Во поетскиот перформанс учествуваат Драгана Стојчевска, Даниел Карески и Митко Апостолов, а истиот музички ќе го заокружат Џон Илија Апелгрен и Онија Блузерине.
*
Марија Грубор е дипломиран психолог со клиничко искуство, поетеса, прозаистка и фотограф аматер.
Дипломирала психологија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а сега е на постдипломски студии на Институтот за општествени и хуманистички науки. Во 2009 година ја објавува „Ликвид“, збирка од поезија и кратка проза, а потоа продолжува да објавува поезија, раскази, написи и колумни во литературни списанија и на неколку веб-сајтови. Моментално само дише длабоко и плива спротиводно.
Во продолжение, претставуваме две песни од книгата.
[18]
во овој град се изгубивме,
меѓу нас плуташе континент од сега
но решив усвет да те следам
да бидам куферот
што го губиш на аеродромот
да те демнам како локва
непоколебана од асфалтната жега.
сè што сакам е
да сме само ние, две птици
кафез до кафез.
[34]
урочен сум од божествена клетва:
да не ја познавам песната на птиците
но говорот на ветрот да го учам
од глетката на клисурата
меѓу твоите предни заби.
јас имам сѐ,
влегувам без пасош и берам чај,
жестина и милост
по твоите диви конаци, преплодни ливаѓе,
извривам сосе коски во свежите водопади
на твоите очи
и пред секоја војна преспивам
утапкан меѓу камените ниши
на твојот врат
каде звукот на твојот исончан образ
под мојот показалец
трпеливо го надвикува
лаежот на моето осамено море.