Ние победивме, режимот падна!

12.12.2016 03:59
Ние победивме, режимот падна!

Вчера изутрина, мојата девегодишна ќерка ме испрати на гласање со многу прецизна инструкција: „Тато, не заборавај, ние гласаме за четворката“. Така гласаме затоа што Искра сака да се укине екстерното тестирање. Добро, ќерко. Потоа таа се замисли и ме праша: „Тато, па ние секогаш гласаме за истите. Зошто никогаш не победуваме?“

И навистина, откако е родена мојата ќерка и особено откако ги слуша своите родители како бистрат политика, ние никогаш не сме победиле. Утрово, пред да тргне на училиште, конечно ќе ја израдувам – овој пат ние победивме! Се разбира, во мртва трка како синоќешната, со резултатите какви што се познати, нашата победа не е сосема уверлива, но тоа не е важно. Недвосмислен факт е дека криминогената коалиција на Никола Груевски и на Али Ахмети е делегитимирана и дека режимот дефинитивно е поразен.

Десет години патевме, се боревме и го чекавме овој историски момент. Десет години безбројни изгубени битки на сите полиња. Безбројни мигови на малодушност, апатија, неверица, тага. До последниот миг сите се прашувавме – боже, како ли ќе се живее во оваа земја, ако народот на оној лудак му даде 63 или макар пет до десет мандати повеќе од оние што ќе ги освои опозицијата?

А ете, жртвите не беа залудни, бидејќи ја добивме последната, пресудна битка. Народот дефинитивно на диктаторот му кажа: „Не Никола, доста беше, време е за промени!“. Уште пожестока порака народот му испрати на неговиот коалициски партнер Али Ахмети, чија партија ги заврши изборите со преполовени мандати. Ништо повеќе и не заслужи човекот кој од 2008 година до денес, полни осум години, имаше шанса да ја урне владата на бандитите коишто албанскиот народ го нарекуваа „индијанци“ и „племе“. Имаше шанса да ја спаси Македонија од долготрајната политичка криза и од ова мизерување. Имаше и не ја искористи.

Човекот којшто е најзаслужен за овој пораз на коалицијата на ДПМНЕ и на ДУИ се вика Зоран Заев. Нему му должиме голема благодарност. Не затоа што беше најелоквентен, најумен, „најиспрограмиран“ и највешт од сите опозициски лидери во оваа деценија под чизмата на Груевски. Не, туку затоа што беше најхрабар од сите и што повеќе од сите нас веруваше во себе и во својот народ.

Во свое име, но и во име на мојата деветгодишна ќерка, која ќе полага и екстерно ако треба, ти благодарам, друже Зоки, за оваа прекрасна ноќ во која се раѓа слободата!

Извор: Плусинфо
Фотографија: Томислав Георгиев