12-ти декември

12.12.2016 11:34
12-ти декември

Утрото на 12-ти декември многумина ќе го дочекаат уплашени и загрижени. И ним ќе им треба помош, искрена и човечка, независно на која страна се нашле. Со тоа ќе треба да се почне, со помошта и учењето. Најмногу затоа што стравот и загриженоста се силна препрека на развојот и промените. Но и затоа што, кога победничката еуфорија ќе заврши, за оние кои „добија“, и за оние кои „загубија“, ништо веќе нема да биде исто. Тоа се тие тектонски поместувања во споредба со тоа како живеевме во последнава деценија. Но, колку сме подготвени за промените, не сум сигурна, иако желбата и енергијата се големи, кај сите.

По 12-ти декември нема да биде лесно. Борбата ќе продолжи со несмалено темпо, и ќе станува сè пожестока. Дури и независно кој ќе ја однесе победата, тежината повторно ќе ни биде префрлена нам, на граѓаните. И повторно обичните луѓе ќе мораат да го понесат најголемиот дел, не само од товарот, туку и од одговорноста, за промените. А, го немаме доволно искуството на учество, ни во своите животи, а камо ли пошироко. Сè уште не знаеме КАКО да учествуваме во заедничкото добро. Се расправаме, кодошиме, лесно губиме трпение, го напуштаме теренот, и за сосема небитни работи. Не умееме да го разграничиме првото од последното, важното од неважното. Не знаеме да се фокусираме на темата, и да опстоиме на зацртаното. Ете, тоа мораме да почнеме да учиме, од почеток.

Очекувањата, работите да бидат поинакви се високи, јасни и посакувани, но истовремено и толку тешко остварливи, што овој пат нема да може да се препуштат на импровизации, ниту на „избраните“ и на нивните предизборните ветувања, колку и тие да звучат примамливо.

Од 12-ти декември, и натаму секој ќе мора да почне од себе и од своето учество во заедницата и државата, во која сака да живее. И да учи и научи тоа да го прави чесно, критички и со многу лични вложувања. Секој прво ќе мора да се избори за просторот на својот живот и работа. Да го ослободи од сите видови контаминации и изместени вредности, а ослободеното да го брани и одбрани од натамошни притисоци, од корупциски зделки и закани, со повикување на востановените и докажани средства - законите и процедурите. А кога тие нема да бидат доволно добри, да се охрабри, организира, и да тргне да ги менува.

Тежината, заедно со убавината и знаењето, ќе бидат главните придвижувачи на новото. Во институциите, повторно НИЕ, граѓаните, ќе бидеме материјалот од кој тие ќе се реконструираат. И во тоа ќе мора да бидеме вклучени СИТЕ, независно кој каде се нашол во моментот. Со исклучок на изолирана група луѓе кои сигурно е, ќе одговараат пред законот и државата за своите докажани злосторства. Тоа е единствениот извесен исход по изборите на 11-ти декември, кој и да победи на нив. Но, и тоа ќе треба да се сработи и заврши, исто така со НАША помош.

Сепак, најтешко ќе биде да го промениме она што толку добро го практикуваме со децении наназад: да не поставуваме прашања, да слушаме слепо и без поговор, да премолчуваме кога не се сложуваме, да лажеме, да заташкуваме, да критикуваме произволно и неаргументирано, да не го разграничуваме доброто од лошото ... Ќе треба голема храброст сето тоа да почнеме да го менуваме, за да научиме како најдобро да избираме и да постапуваме, но и да ги видиме последиците од нашите избори и одлуки по нашите и туѓи животи. Така ќе ја градиме одговорноста, ќе ја создававе и растеме заедницата, со еднакви можности и еднакво безбедна за сите.

Ретко кој тогаш ќе може да се однесува игнорантски, насилно, или примитивно кон општото добро, а за тоа да не сноси последици, по својата позиција, работа, окружување, пријатели. Темите, како: грижата за луѓето, правата на младите и на маргинализираните заедници, сиромаштијата, или двојазичноста, нема веќе да бидат отфрлени, „табу“ теми... Затоа што ќе бидат отворани и решавани и решени, еднаш за секогаш. Точно ќе се знае каде е повлечена линијата.

На разумот му требаат чувари. Разумот ќе мора да се штити, не со закани и насилство, туку со однапред познати реперкусии кои мора да следат по тоа што го правиме, кажуваме и како постапуваме со своите и со животите на другите. Последиците се природен одговор и на најбанални постапки, промислени или непромислени, сеедно. Тие, последиците, мораме да ги воведеме како легитимно средство за регулирање на приватниот и јавниот простор. Мораме да научиме како да ги применуваме на секого кој се дрзнува да го негира и руши општото и индивидуалното добро. Нешто што лесно, речиси по автоматизам се одвива во секоја цивилизирана заедница.

И тоа се големи и тешки промени, кои секако дека треба да започнат прво во нашите глави, во менување на нашите ограничени, произволни и неразумни гледишта и ставови, и во напуштање на исклучивоста, егоцентризмот и насилството, како нивен директен производ, за да дојдеме до проширување на видиците, до толеранција на различното, до потребата од солидарност и од повеќекратни поврзувања и размени... Толку многу хумани квалитети и вредности се отуѓени и уништени во нашите животи, кои треба да ги вратиме, за повторно да се почувствуваме како луѓе.

Од 12-ти декември ќе треба да почнеме да ги поставуваме и границите, не меѓу граѓаните, териториите и јазиците, силно поделени по етничка, родова, социјална и многу други основи, туку меѓу личната и општествената одговорност, меѓу приватното и јавното, меѓу доброто и злото, меѓу правдата и неправдата, меѓу државата и партијата, државата и црквата, за конечно да отпочнат процесите на приближување, на поврзување и солидарност. Тоа ќе бидат главните показатели на освоените слободи, зашто само ослободени ќе можеме да градиме заедништво од различни ентитети, заедништво кое штити и поддржува, заедништво кое гарантира безбедност, кое ги шири видиците кон другиот, кон заедницата, во која доколку продолжиме да вложуваме со почит и смисла, повторно ќе можеме да уживаме.

(Текстот е напишан вечерта на предизборниот молк, на 09.12.16.)

Фотографии: Иван Илиев