Скарбо во нејзиниот двор (во спомен на Јадранка Владова)

12.12.2016 13:32
Скарбо во нејзиниот двор (во спомен на Јадранка Владова)

Внимателно ги лепам дланките и носот на прозорецот однадвор и подзамижано гледам внатре. Зениците бавно ми се навикнуваат на светлината, ама кај да е, наскоро ширум ќе си ги отворам очите. Џебовите ми се преполни со копчиња, речиси не мрдам од страв да не заѕвечкаат, па и мене да ме зашијат кај што не сакам. Луѓето не можат да ме видат, ама можат да чујат и најмал шум откопчан од мојот џеб.

Врват секунди во кои единствено погледот на тетка Марија го мие и го премива купот „непристојно нечисти садови“ ставени покрај мијалникот. Се точкаат мигови на носење одлука да се почне и со раце. Јадранка отсутно седи на малиот двосед во чиишто агли, од двете страни, стојат потпикнати плетала со дебели дрвени игли. Озгора, на потпирката, нови штрингли чекаат да им бидат извадени етикетите. Таа бавно ги засукува ракавите, а тетка Марија веќе мие ли мие, поднаведната над чешмата. „Требаше јас, Марушке“, ѝ вели на мајка си и веќе ги одвиткува ракавите. Одговорот стигнува задоцнето, како распрсната пена на невообичаено, тешко досегливо место, но тогаш кога веќе ракавите се закопчани и силно истегнати над глуждовите: „Ма, ајде...“

Пареата мрзливо се нафаќа на стаклата и почнува да ми пречи да гледам. Не можам да ја избришам однадвор, зашто е од страната на нивното внатре. Се потргам накај влезната врата, сакајќи да подвлезам и да се залепам на прозорецот од кај ходникот, но копчињата ниту ме слушаат, ниту ме следат во намерата. Беснеат во џебот и таман кога силно ги стиснав, а некое копче дури и скрцка во мојата налутена дланка, Јадранка втренчено се загледа надвор. Се приближи до стаклото и почна подзамижано да пребарува низ дворот. Зениците бавно ѝ се навикнуваа на темнината, ама кај и да е, наскоро ширум ќе си ги отвореше очите... Се стрчувам кон Големото Дрво во дворот и од памет ги вадам задреманите мачки под големата пластична маса на цементираното делче од дворот. Ја слушам тетка Марија како мрмори: „Проклети мачки! Го вадат човека од памет!“ и продолжувам вешто да се искачувам на Големото Дрво, гонета од љубопитноста на Јадранка. Прскаат копчињата од моите џебови насекаде, навејуваат во дворот како разнобојни, дребни снегулки,
додека очите ѝ се веќе ширум отворени и непречено гледаат во темнината. „Ќе ме чуе, ќе ме осети, ќе помисли Скарбо сум!“... Безбедно оддалечена од пареата и од неа, седнувам на највисоката гранка, ги занишувам нозете заробени со шилести чевли и собата продолжува да ја игра пиесата на ноќта.

Јадранка се беше откажала од своето љубопитство, а се преправаше дека се откажала дури и од мене. Го бришеше купот тукушто измиени садови, настојувајќи да биде весела и разговорлива за да го исплакни уморот од лицето на мајка си со што посилен млаз. Од гостите не беше останала друга трага, освен онаа во теглите и шишињата во шпајзот, во мноштвото стаклени кутии во фрижидерот,.. вдлабната во видно подиспразнетите ајвари, домашни маринирани сирења, ракии, компоти, секакви мезиња... Тетка Марија со едната рака потамина џбараше во џебот од елекот, гледајќи во езерцето на подот направено од водата што се цедурка низ мијалникот. Ја мрзеше да зборува, затоа само ја потурна Јадранка, оддалечувајќи ѝ ги крзнените пантофли од езерцето – подалеку од водата, поблиску до сувиот брег на килимчето. Ја извади последната цигара за тој ден и многу внимателно почна да ја исправа и да ја мазни со двете раце. „Кафе! Полноќно кафе за ноќната смена!“ со неприроден глас се провикна Јадранка и додаде: „Не пали ја цигарата Марушке, чувај ја за со кафето!“. Тетка Марија бледо се насмевна и ја одобри идејата со бавно оставање на цигарата на тукушто избришаната маса. Се подразбираше дека кафето мора да се направи со бунарската вода од дворот... Но, бокалот беше празен и на неговото дно се сретнаа погледите на мајката и на ќерката. Првата рече: „Ма, ајде...“, а втората со страшлив од се упати право во темнината надвор... Дури и чекорите ѝ се плашеа од ноќта... Со начулени уши и намовната кожа од страв, небаре се вовира во дувло на ѕвер, а не во својот сопствен двор, Јадранка се упати кон бунарот.

Поминувајќи покрај Големото Дрво, се лизна на едно од моите распрскани и навеани копчиња и за тенко влакно не го испушти големиот старински бокал од својата и онака растреперена рака. Седна наземи, бокалот си го стави в скут и со обете раце си ги затна ушите. Се плашеше да го чуе екот на чекорите што ѝ татнеа во главата секогаш кога ќе се најдеше во темнина. Додека без престан си повторуваше: „Тоа е само Скарбо, тоа е само Скарбо, тоа е само Скарбо...“, очите веќе ѝ се навикнаа на темнината и можеше јасно да види сè околу себе. Воопшто не беше изненадена од толкуте најразлични копчиња околу неа. Почна еднопоедно да ги собира и да ги реди во купчиња според нивната боја: зелените флуоресцентни рибички на почетокот беа сами на тревата, потоа им се придружија исто така зелените јаболкца, ама во подруга нијанса и пајчињата за една ливада потемни од нив, во црвеното купче се прибираа глувчињата, желкичките и по некоја „М“ буква, сред портокаловите авиончиња за час се вмешаа и бледникавите автомобилчиња и слончињата во само малку пожолтеникава нијанса... На двапати Јадранка се обиде да ги премести во жолтото купче со зајачињата, ама тие сепак на некој свој начин беа портокалови... Белото купче беше најразнородно, во него имаше обични тркалезни копчиња со нацртани глави на девојчиња или точки за очите и линија за усните, но и вистински мали духчиња-касперчиња. До нив ги настава виолетовите бебиња и машничките, а сините бонбончиња ги групираше со бубамари кои, всушност, беа црни, ама точките им беа сини... Последното купче за кое ѝ беше потребно малку да ја подистегне раката беше за пурпурните јаболкца и за бубамарите со пурпурни точки...

Кога беше готова и сигурна дека нема ниту едно единствено копче избегано од купчињата, се врати во куќата по некакво кутиче каде што да ги стави. Бокалот, Големото Дрво и бунарот останаа стрпливо да ја чекаат во дворот. Моите шилести чевли на највисоката гранка беа скротени.

Од прозорецот во ходникот Јадранка ја ѕирна мајка си и кога виде дека таа, кутрата, задремала потпрена на масата, си го успокои чекорот кон својата соба каде што во беспрекорен ред чуваше секакви дреболии. И цели мориња обетки... Најде една розова кутија од некаков универзален крем Amai beauty и побрза кон своите сортирани купчиња во дворот. Ги изнастава сите копчиња на исто место, а целата претходна поделба по бои се слеа во шаренило внимателно затворено со капак. Нејзината нагласена потреба за ред ја „унереди“ однатре засекогаш. Но, таа ноќ, Јадранка сè уште не знаеше за тоа. Знаевме само јас и копчињата со кои требаше да се закопчаат толку многу развеани поли на дните што следеа.

Многу години подоцна, Јадранка и тетка Марија засекогаш ги напуштија Големото Дрво, бунарот, бокалот, двоседот, шпајзот,.. цел Бит-пазар сосе „Ковачка“ бр. 8. Едно време живееја во Прага, а мене ми стануваше сè потешко да ги лепам дланките и носот на прозорецот однадвор и подзамижано да гледам во нивното внатре. Ретко се допишувавме, уште поретко се гледавме, еднаш-двапати годишно... на пита со црн патлиџан, на што да е месено и тукушто испечено. Но, со секое нивно доаѓање во Скопје, во мојот дом влегуваа по неколку ќесиња со копчиња. Мали ќесиња, специјални за копчиња и други шивачки дреболии, што се затвораат со онаа тврда лента вметната на краевите. Треба само силно да ги стиснеш и се отвораат како кутичиња. Еднипати во нив имаше рибички, јаболкца или пајчиња, другипати - глувчиња, желкички, буквата „М“, авиончиња, автомобилчиња, слончиња... На последното доаѓање ми донесе бубамари со сини и со пурпурни точки...

Децата ми беа мали и секој миг од нивните дневни преспивања го користев за плетење. И ден денес не сум сосем сигурна дали толку плетев заради копчињата или добивав толку копчиња заради плетењето. Некако сè се измеша и на крајот преспивањата на децата, котелец по котелец, си израснуваа во најразлични елечиња сплетени по шеми од списанија за рачни изработки – Verena, Burda kids, хрватска „Ана“... Со странично закопчување со по три прекрасни копчиња од под мишките до над половинчето. Три по три, шест по шест,.. копчињата никако не се дотрошуваа. Кога децата ми пораснаа и кога престанав да плетам, билансот на копчињата сè уште беше броен:

7 зелени, флуоресцентни рибички,
3 зелени јаболкца,
2 зелени пајчиња,
6 црвени глувчиња,
3 црвени желкички,
3 „М“ букви,
9 портокалови авиончиња,
1 портокалово автомобилче,
1 портокалово слонче,
4 жолти зајачиња,
5 бели обични копчиња со нацртани глави на девојчиња,
1 бело копче со точки за очите и линија за усните,
2 бели духчиња-касперчиња,
2 виолетови бебиња,
7 виолетови машнички,
2 сини бонбончиња,
2 бубамари со сини точки,
3 пурпурни јаболкца и
1 бубамара со пурпурни точки.

Направив вистински подвиг низ градов да најдам розова кутија Amai beauty. Одвај, ама, ене ми ја дома – полна со копчиња! Ја чувам на полицата со одбрани книги, заедно со прозниот првенец на Јадранка Владова - „Скарбо во мојот двор“ од 1986 година каде што во првиот, заглавниот расказ, со дебел црн фломастер уште тогаш сум ги подвлекла следниве фрази: „непристојно нечисти садови“, „Проклети мачки! Го вадат човека од памет!“, „Кафе! Полноќно кафе за ноќната смена!“ .... коишто сè уште ги закопчувам за најразлични муабети.


Извор: Две перници, Три, Скопје, 2010.
Везови: Jose Romussi

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото