„Да се има право на избор“ или „За една избирачка голгота“

12.12.2016 16:21
„Да се има право на избор“ или „За една избирачка голгота“

Знам, најважно од сѐ е да замине ВМРО-ДПМНЕ од власт а со тоа до замине и груевистичкиот модел на владеење. Немам дилеми околу тоа, и сите овие десет години, како и колку знам се борам за таа цел. Но...

Жалам што можеби ќе внесам малку горчина во еуфоријата и победничките наративи кои доаѓаат од која било страна... но морам да ја раскажам свјата приказна за тоа колку ми е тажно што мојата земја не само што ме ставила на губилиште туку не сака ни да признае дека ме погубила. Кој е виновен? Не знам, ќе каже историјата. Или не...

Денес сфатив конечно дека Република Македонија е земја на мнозинство поданички ориентирани и исплашени луѓе. Мислам, не дека не знаевме претходно, не дека „академијата“ и целиот образовен систем не продуцира со децении токму такви личности, од јасли па до доделата на докторски звања, не дека не знаевме дека доминантните политички наративи се расадник на поданичка свест без совест, ама ете – човечки е да се надеваме и да верувам дека можеби не е баш така... арно ама, 11.12.2016 за мене е денот кога конечно ја добив потврдата за тоа кои сме и што сме, потврда која ја нема и нема ни да ја најдете во ниту една историска читанка, во ниту еден државен архив.

После целото лудило околу избирачките списоци, кои беа едно од клучните воени полиња на Пржинскиот договор, мене денес ми беше одземено правото да гласам. Веќе реков – не постојам. Некој одлучил да не постојам. Денес експлицитно, во реалните време и простор (ако ова го нарекуваме реалност), ми беше речено: „не постоите во записите на МВР“.

Гледам веќе еуфорични фотографии, восклици за победа. Да бидам искрена, и јас би сакала да бидам еуфорична, доколку се смени власта, ама во мигов сум тажна. Тажна сум заради чувството на пониженост, заради чувството на измаменост, кое мислев дека после десет години, барем денес ќе исчезне, just for one day, што би рекол умниот Дејвид Боуви, кој очигледно знаел дека тоа е животот, само еден миг – им верував на сите дека списоците се она место кое за оваа распадната држава ќе биде пресвртна точка и патоказ за некаква, каква – таква, институционална функционалност. И гледајте – токму на тоа место во старт паднавме на испитот за демократија.

1. Одам на своето избирачко место каде што уредно гласам 14 години. Со иста адреса на живеење.

2. Заради претходната голгота која трае од летоска со засилен интензитет од неделава (имено, ме немаше па ме имаше, па ме немаше во избирачкиот список), откако ги направив сите нешта што беа назначени како упатства и механизми кои ќе ми помогнат да го оставрам своето гласачко право, одам спремна на избирачкото место со документот кој го предложи Мирјана Најчевска, а со кој би се верификувало моето присуство, доколку се потпишат двајца сведоци од избирачкиот одбор.

3. Констатираат дека ме нема.

4. Велам, во ред, сега замолувам двајца да се потпишат. Сите вртат глава. Никој не сака. Велам кој е од СДСМ. Сите молчат. Не знам кој беше од СДСМ, од кај да им го знам членството, по ѓаволите! Значи никој, ама баш никој не сакаше да се потпише.

5. Претставничката на ДИК вели, еве јас ќе направам записник. Отвора тетаратка како за прво одделение, и со пенкалце пишува нешто. Не ми се верува! А вака, фина госпоѓа... ама тоа е, ѝ дале тетратка и пенкалце.

6. Ми велат одете во барака бр. 6 во О. Центар, таму е правдата.

7. Одам во барака број 6.

8. Таму да не ти била правдата, туку правдата ме чекала во барака бр. 1

9. Одам во барака бр. 1. Таму, претставници од ДИК. Да бидам искрена ги разбирам – еден куп луѓе како во психотерапевтска ординација им се надвиснале на службениците од ДИК и им врескаат вознемирено, а тие, тројца, избезумено велат дека конкретно таму не можат ништо да сторат, освен да ни дадат ливчиња за приговор.

10. Го пополнувам по четврти пат ливчето со приговор. Ливчето содржи сега еден мој „есеј“ за искуствата на Јозеф К. во Македонија, кои се безвредни. Ќе завршат во канта за ѓубре. Никој нема да ја изесапи таа распадната и симулирана институционална правда. Тоа е повеќе од јасно.

11. Тргнувам да вртам на новинари.

12. Во тој миг, кревам раце, се предомислувам. Јасно ми е – еуфоријата го смета за небитен овој „мал инцидент“, мојата лична голгота на исчезнување, на убиство, на погребување... колективен погреб на неколку стотици или илјади луѓе. Што е тоа во споредба со падот на Груевски!

13. А ќе падне, ми велат сите, не прави сега на крај проблеми.

14. И јас замолчувам по не знам кој пат за да не направам некоја штета.

15. Тргнувам накај дома, поразена, тажна, обезмоќена, сама.

16. Ставам клуч во врата и си велам – како е можно ваква кукавичка и поданичка култура да сме. Никој не сакаше да ми се потпише. Што бидна со пркосот, со револуцијата! Што бидна со автономијата!

17. Влегувам дома.

18. Дома се успокојувам. Домот ми е единственото општество, единствената институција на која ѝ верувам. Сѐ надвор од тоа ми е небиднина.

19. Седнувам, стивнувам после два саати трчање да се изборам за своето граѓанско право. Си велам, десет години се ‘рвав, давав отпор, се борев вака или онака против најголемото зло кое ја снашло Македонија од нејзиното осамостојување до денес, а наречено ДПМНЕ. И сега, што? Јасно е, нѐ малтретираа и злоставуваа во секој сегмент на нашето живеење. Денеска требаше да го помирисам надоаѓачкиот нов формат на владеење – со институцинални нови бои. Култниот избирачки список требаше да биде тој мирис.

20. Мирисот се претвори во реа.

21. Денот на толку посакуваната промена ќе го запметам по свртениот грб и поглед кој го добив од сите присутни од избирачкиот одбор во училницата број 8 во ОУ „Коле Неделковски“. Од сите до еден. Ме игнорираа. Ова е земја која најдобро што знае е да игнорира и да те остави на цедило!

22. Сепак не се откажувам од императивите на правдата, слободата, критичките хоризонти и општествената одговорност на кои ме научиле моите родители, а не политичките и образовните елити. Мојата борба ќе биде истрајна во пронаоѓањето на вертикалните аксиолошки системи и ќе продолжи.

И на крајот, драги сограѓани, се надевам дека некаде во ноќта ќе слушнеме добри вести и покрај овии индивидуални лоши искуства. Но, исто така, се надевам дека потенцијалните добри вести ќе донесат наук дека имаме многу работа врз себе, секој поединечно, и врз заедницата која треба да биде над сите поединечни, најмали и најбенигни интереси. Оти само така ќе ја биде земјава, никако поинаку. И сите да си дадеме рака и завет за тоа – прво заедничкото, а потоа поединечното. Нѐ чека многу работа! Да засукаме ракави! Да ја истераме оваа тага... А да го истераме и привидот на еуфорија во кој можеме да забегаме па да влеземе во нов циклус на тага.... Со љубов, за земјата во која сум решила да останам до моето вистинско, биолошко, а не административно исчезнување...

Извор: Фејсбук профилот на авторката, 11 декември 2016
Фотографија: Игор Бансколиев