Податоците од општинските изборни комисии не се совпаѓаат со податоците на ДИК!

12.12.2016 17:15
Податоците од општинските изборни комисии не се совпаѓаат со податоците на ДИК!

СДСМ синоќа славеше пред Влада, каде претседателот на партијата Зоран Заев прогласи победа. Победа прогласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

 

Државната изборна комисија е затрупана со извештаи, т.е. записници од Општинските изборни комисии за исходот од вчерашното гласање, чии податоци не се совпаѓаат со податоците од електронската апликација на ДИК, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во ДИК кои не се овластени да даваат изјави за јавноста.

Во ДИК не крева телефон буквално никој. Официјално, нема конечни резултати од гласањето. Нема најава ниту за прес-конференција. Никој не сака да каже конечни резултати од гласањето, која партија колку мандати освоила, кој победи на изборите.

„Во ДИК е хаос во моментов. Почнуваме да ги пробиваме законските рокови за постизборните процедури што треба да ги спроведе Комисијата. Постапката на доставување на записниците од Општинските изборни комисии е во тек, уште трае. Но, како што стигаат, се утврдува несовпаѓање со електронските податоци на ДИК. Никој не кажува кај е киксот. Никогаш не се случило ние да немаме официјални и конечни резултати до 13 часот утредента по секои избори“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК изворите од службите во Комисијата.

Несовпаѓање има во податоците од записниците на ОИК во врска со бројот на излезени гласачи, на неизлезени гласачи, процентот на излезност, број на освоени гласови кај партиите и на неважечки ливчиња, во однос на вкупните бројки што ги има ДИК на нејзината електронска апликација.

Дамјан Манчевски од СДСМ изјави дека пребројувањето е сè уште во тек и сите опции се отворени во однос на бројот на освоените пратенички мандати.

Извор: Сакам да кажам/А1он

Фотографија: Ѓорѓи Личовски

ОкоБоли главаВицФото