Тиранијата како избор

13.12.2016 03:11
Тиранијата како избор

Многумина (не само) современи мислители се склони да ја прогласат демократијата (не само заради историски причини односно античкото наследство) за релативно најправичен, дури блиску до идеален систем и некако препознатлив – да не речам вроден – кај човекот. Се разбира дека историјата многу пати ги демантирала, и тоа прилично радикално, дури болно. Но кога говорите / размислувате на теориско рамниште, тогаш сè е можно и прифатливо. Праксата, најчесто, е поинаква.

За разлика од овие, подеднакво голема група се приклонува кон спротивниот став: дека токму тиранијата е природен систем на човекот. Зошто? Прво и основно: го лишува од одговорност – за себе, за своите, за другите. Сите негови неуспеси, сите промашувања, сите падови … може да ги префрли на (не)условите, на (не)приликите, на притисоците и зулумите на другиот, на тираните. И така, изгледа, му е полесно

Современа Македонија е типичен нагледен пример за погрешноста на едни односно исправноста на многу други теории. Особено на оние теории што му противречат на здравиот разум и кои што, повторно, предвидуваа дека децата на Ќосето ќе се провлечат неказнети (и) на овие избори. Но, во овој контекст, многу е битно што подразбираме под „здрав разум“? Ако овде имаше доволно количество од оној вистински здрав разум, тогаш овие не ќе опстанеа ни две-три години. Ама останаа – десет. И уште се тука. И токму тоа е мојата теза за современа Македонија и македонскиот народ (особено) после овие избори. И токму тоа ми дава за право овие 450.000 кои гласале за тиранијата да ги нарекувам Децата на Ќосето. И, повторно, токму тоа е уште еден во низата репери според кои што (ќе) се мери и овој народ, и оваа држава и овој режим!

 

Зашто, очигледно е, овој простор е како измислен за процут на автократски режими, на тирановидни системи како од средниот век, на феудалци и закрепостени селани, на газди и паупери, на огромна безлична маса која што дури мазохистички ужива да биде тиранизирана. Зашто, повторно, после сè – после деценија малтретирање, лажење, крадење, пљачкање, дури убивање – и после сето она што го чувме во „Вистината за Македонија“, после сите обвиненија и доказен материјал од СЈО, од 2014 година до денес бројот на поддржувачите на криминалната организација се намалил само за 30.000 гласови! Или, ако сакате и попрецизно, само толку луѓе (у)виделе за што овде станува(ло) збор!

Тоа ќе рече дека ние, или дел од нас (да бидам попрецизен), се самоквалификува(ме) за тиранија, за автократија, и – за неофашизам. И ова е прв пат во овој контекст да го спомнам овој поим, иако многумина, многу порано, јасно упатуваа на корените на ова македонско зло. Иако, како што поминува времето, сите назнаки / манифестации прилично очигледно и доволно прецизно се обликуваа(т) во јасно читливи / препознатливи знаци.

И сега, во контекстот на почетната теза за „отвореноста“ на овој народ за тиранијата, успешно „се лепи“ репресивноста на (нео)фашизмот во нашата македонска варијанта како соодветен одговор и неговото наметнување од страна на една криминална структура која што изгледа прилично добро ја проучила психологијата на овдешниот човек. И работи во таа насока веќе цела деценија, успешно. Се разбира, тука одлично се вклопува и поговорката дека никому не можеш со сила да му дадеш, можеш со сила само да му земеш. И децата на Ќосето грабаат толку години на ред, среќни и радосни што на оваа педа земја успеваат сосема лагодно да опстојат во најцрните одаи на можниот општествен поредок. Ако, всушност, ова нашево може да се именува за каков и да е општествен поредок!

 

Веројатно има и други можни варијанти на квалификација на ова што кај нас се случуваше изминативе десетина години, но главните граници сепак се омеѓуваат кај тиранијата и неофашизмот, автократијата и какистократијата. Тоа се главните репери каде што треба да се бараат објаснувањата за македонската приказна, и оваа последнава од 11 декември, секако. Зашто стравот и клиентелизмот се првите белези / симптоми, видени односно проучени на претходни историски примери. И токму тие профункционираа и вчера. Покрај, се разбира, спомнатата наклонетост кон автократските режими како бегство од сопствената слобода, од себе и своите одговорности како човек.

Во едно вакво опкружување, во милје кое што ги одгледува децата на Ќосето како свои чеда и гласа за нив, демократијата и слободоумието имаат мали шанси. И не е тоа дефетистичко или песимистичко гледање на нештата односно на нашата (постизборна) ситуација. За да успешно се соочи и особено да се избори со злото што го опкружува, човек мора прво точно да го дефинира. Без тоа како да се борите како дон Кихот против ветерниците. А тие се секаде, и никаде. Мислам дека демократијата и слободумието мораат филигрански прецизно да ги дефинират сите линии на дивеење на овие изданици на совремниот фашизам и роднини на „славниот“ Касап со кого ги плашат јавно, отворено, и да осмислат сериозни противмерки. Современите форми на фашизмот и тиранократијата се софистицирани, мимикрирани, студиозно подготвени за да им се приоѓа така наивно, со ветувањата на „голи раце“ или со отворен фронт. Со црните пропаганди, уцените, заплашувањата, поткупите како (само) надворешна манифестација на режимот потребна е безмалу воена стратегија. Против нив не може само со морал, чест, храброст, отвореност. Овие тоа го разбираат колку што и Ќосето разбирал што е чест и морал!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Извор на слики: Македонско патриотско здружение „Андон Лазов Јанев Ќосето“

Слични содржини

Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото