Зошто ВМРО-ДПМНЕ сè уште добива речиси половина милион гласови?

13.12.2016 03:59
Зошто ВМРО ДПМНЕ сè уште добива речиси половина милион гласови?

„Историјата можеби не се повторува, но таа сигурно се римува.“ Во некои литерарни кругови оваа фраза му се припишува на американскиот книжевен бард Марк Твен. Подемот на десницата во Европа и Соединетите Држави, беснеењето на фашизмот и авторитаризмот во Русија, централна и југоисточна Европа и во Турција, морничаво потсетуваат на изјавата на Твен. Настаните од 1930-тите ја римуваат и везат сегашноста, раскрилувајќи ги своите црни крила и во 21 век. 

Македонија не може да биде исфрлена од овие моќни текови. Такви какви што сме, мали и ништожни, пливаме и се препелкаме некаде на маргините на главното течение на промените во западната цивилизација. Се укинуваат или слабеат мултикултурализмот и супранационалните институции како ЕУ. Реалполитиката и суверенитетот на нациите се повторно во мода, и најважното, естаблишментот и глобализацијата потклекнаа со Големата светска рецесија од 2007 и се потчинуваат на волјата на мнозинството, осиромашената средна класа. 

И по стотината жртви на дилетантизмот на власта под Груевски. Од потонувањето на бродот во Охрид и загинувањето на бугарските туристи во 2009; до 24 декември 2012; до Диво насеље 2015; до десетиците удавени во поплавите во скопско 2016; до сомнителната смрт на новинари и на заштитени сведоци; до лажирање избори и децениско саботирање на државен попис; до лошата економија и одливот на мозоци... на изборите во неделата ВМРО-ДПМНЕ повторно прокнижа здрав контингент од над 450 илјади гласови.

За да не бидам осуден за дефетизам и како потврда на својата убеденост, овој есеј мора да се осврне на диктумот на рускиот филозоф Петар Чадаев.

Го препрочитувам Чадаев од 19 век, а пред очи ми излегува Македонија од 21 век. Во неговите филозофски писма од 1832 тој пишува дека Русија не вложила ништо во цивилизираниот свет. Со ова своевремено скандалозно дело, тој стана првиот психијатриски случај во модерната историја прогласен за неприсебен од политички причини. (Можеби ќе помислите дека Чадаев е некаков анархист, еден од оние кои заговарале убиство на божествено избран суверен. Не, тој е кроток филозоф и конзерватор и мошне ценет автор во некои руски научни кругови). 

Зарем денешниот темен вилает Македонија не е сличен на руска губернија од 19 век? Зарем властите, најистакнатите, онаа на Црвенковски и оваа на Грујо, во овие 25 години не го отфрлија наназад со децении, ако не и со векови, развојот на македонската национална свест? Зарем не го жртвуваа на олтарот на своите тесни лични и партиски интереси новороденчето на македонската демократија и либерализам, иманентни на нашиот народен пацифистички дух? Па затоа денес народот, ментално и материјално сотрен, не е способен да ги разгроми криминалците на власт и да предизвика промени.

Нашиот народ денес е крпеница од раскарани соседи, семејства расфрлани по белиот свет, татковци, синови, мајки и ќерки оттргнати едни од други со илјадници милји, народ разделен на линија на партиски и етнички енклави. Еден тотален социјален, историски и политички раскол. Граѓанската војна во Грција што ги продуцираше децата бегалци може само вода да им носи на забеганите власти од 1990-тите до денес: Бегалците од војната во 1946-48 броеле 30-40 илјади, бегалците од вечната транзиција и регресот во Македонија се речиси еден милион. 

Со морално право на морнар да фрли јаже на давеник во морска стихија, со сета насушна неопходност, и со сите последици што тие пасуси ги оставија зад себе во рускиот 19 век, (како еден од првите манифести за расклатување на темелите на повеќевековната феудална империја чиј колапс ќе се случи само неколку децении подоцна, во 1917), морам и употребувам парафраза на пораките на Чадаев бидејќи нашата презрена биднина забрзано се претвора во надоаѓачка небиднина. 
 
Она што за другите едноставно е навика, инстинкт, на Македонците треба да им се втили само преку силно чукање во мозок со чекан. Тие растат, но не созреваат, тие се движат напред, но во погрешна насока, и тоа резултира во одбирање погрешни правци и промашена цел. Останавме вечни талкачи, проколнати како библиски Каин.

 

Историски резултат од тоа талкање е нација со застој во духовниот развој; земја со територија без излез на море, непривлечна за големите корпорации и глобалниот капитал, па затоа трпиме експлоатација; држава со нереформирани институции од некадарност; јазик, име и црква непризнати од најблиските соседи.

Ако Србите го имаат Тесла, Босанците Андриќ, Хрватите Тито, Словенците Жижек и сите тие народи имаат барем по еден Нобеловец, кажете, кого имаме ние? Посочете ми барем еден велик македонски композитор, научник, писател или инженер кој се истакнал и оставил печат врз развојот на цивилизацијата. Па и Бугарите го имаат Елиас Канети, додека Грците имаат дури двајца Нобеловци.

Што да се прави во услови кога потклекнавме да се сплотиме околу една национална идеја?

Александар Херцен, уште еден одважен Русин, социјалист кој се залагал за укинување на крепосното право и европеизација на заостаната Русија од 19 век, па затоа од славјанофилите бил прогласен за предавник, во своето дело „Минато и размисли“ пишува: „Целата богата руска душа е јалова, таа нема да роди ништо ако не биде оплодена со просветителското и слободоумно европско семе“. Истото слободно може да се каже и за македонската душа, која се покажа недорасната за да биде оплодена од европското семе кое прскаше околу нас. Неговиот источник сега секнува и зачнувањето нема да се случи во догледна иднина.

Откако царската власт го осудува на престој во психијатриска клиника, Чадаев ќе се покае и потоа ќе ја воспева правичноста и патриотизмот на неговиот „государ“.. Горам од желба и јас, како него, народот да го врати загубеното чувство за љубов кон татковината.

Најголемиот чин на патриотизам ќе биде ако Груевски и Заев ја закопаат секирата и создадат широка влада на национален спас, која ќе создаде услови за дисконтинуитет со сите авторитарни и режимски практики на владеење, основен предуслов за навистина слободни избори. Исправени сме пред можеби најважната крстосница во историјата на македонскиот народ. Од нас зависи кој правец ќе го фатиме. Чадаевскиот, пат на фатализам и цинизам, или патот на живот и просперитет, кога самите одлучуваме за нашата и иднината на нашите деца.

Но, главното прашање на денот е зошто, и покрај сè, ВМРО-ДПМНЕ сè уште добива над 450 илјади македонски гласови кои за СДСМ засега се недостижна фантазија.

1. Бомбите на Заев не ја постигнаа целта

Содржината на бомбите требаше да биде објавена комплетно со онлајн пристап за слободно симнување на сите дваесетина илјади прислушкувани разговори. Тоа беше препорака и на Венецијанската комисија. Вака, во свеста на провинцијалецот објавените десетина снимки изгледаат како гротеска во однос на тоа дека би можеле да бидат инволвирани и други личности блиски на опозицијата или непожелни сведоци. Режимот им го втили тоа во глава на своите верни гласачи, а СДСМ не покажа крунски доказ против.

Од друга страна, во свеста на провинцијалецот гласините и сеирџиството играат голема улога. Имено, во психологијата на паланката привилегија е да наслушнеш за некого нешто тајно или приватно, тоа создава чувство на лажна супериорност над „жртвата“ на сеирот. На сеирџијата му е убаво кога располага со гласини. Навечер соседот секогаш посакува смрт за козата на комшијата, но тој е првиот кој изутрината ќе му каже „добар ден“. Соодветно, седнат на каучот и под доза на неколку чашки ракија, вмровецот куди и негодува за криминалите на власта, но утредента отрезнет и свеж како јагне пред клање, оди да гласа за ВМРО.

2. Провинцијата избира власт

Пресликано од американската прерија, овој социјален тренд не ја избегна ниту Македонија. Македонскиот селанец е тактилно и старомодно суштество кое информациите ги прима главно од телевизија. Овде власта поентираше како во однос на инвентивноста на изборната кампања со луцидните контра ТВ реклами и пренапумпаната тема федерализација (што му дојде нешто слично како нова турска мини-серија), така и според посетеноста на митинзите зачинети со концерти на естрадни изведувачи.

И, најважното, власта има потенцијал за мобилизација на маси – земјоделците, тутунарите, лозарите, сточарите се придобиени со помош на проблематичните субвенции кои, покрај административните вработувања, се вториот столб што партијата ја држи во живот заснован на клиентелизам. „Годинава субвенциите ги исплатија навреме, па добро ни дојдоа за еднонеделно скијање во Боровец“, ми кажа мој познајник. Стотиците населени места и села од аграрна југоисточна и централна Македонија, но и пошироко, се базата на гласачкото тело на партијата, и тие гласаа за да добијат нови субвенции во 2017.


3. Незадоволството од емиграцијата е мит

Опозицијата редовно се повикува на незадоволството на народот од заминувањето на нивните најблиски во странство. Мое мислење е дека родителите, вклучително и тие кои гласаат за ДПМНЕ, не се толку несреќни од одлуката на нивните ќерки, синови и внуци да побараат подобар живот во друга земја, па макар таа била и прекуокеанска, колку што јавно се прикажува. Во безброј случаи тие и им се придружија на најблиските во таа возбудлива авантура. И обратно, децата се задоволни со својот живот во „туѓина“.

А што мислите, кога Македонија ќе влезе во ЕУ веднаш ќе секне одливот на млади и земјава магично ќе се извлече од „белата чума“? Сите ли дружно ќе останат, задоволни со 400 или 500 евра плата што ја ветуваат и Груевски и Шеќеринска? Ве молам, видете колку стотици илјади Хрвати заминаа во Австрија и Германија или колку милиони Бугари работат во Англија, Шведска и Германија, откако за нив се отвори Шенген-зоната. Таму заработуваат двојно или тројно повеќе од просечните плати во своите земји. Истото ќе го прават и Македонците. Глобализацијата и слободниот тек на луѓе и капитал, колку и да биде критикувана од популисти како Доналд Трамп, е најголемата придобивка за осиромашените и обесправените.

4. Феноменот бугарски пасош

Бугарскиот пасош е исто така карта користена од опозицијата, за да ја напаѓа власта дека со своите лоши политики ја бугаризира Македонија, бранејќи некаков патриотизам – примателите на бугарски пасош се предавници, а остантатите патриоти. Тоа е погрешна теза. Добивање пасош на друга држава е лична одлука. Токму неделава на оваа тема разговарав со професор на техничкиот факултет од Нови Сад, поранешен советник во неколку српски влади. Прашањето дали некој Србин ќе добие унгарско државјанство е чисто лично прашање, ми рече тој. Во Војводина денес живеат десетици илјади жители со двојно државјанство, унгарско и српско, и тоа не ги прави предавници. Тие во Унгарија имаат свои интереси. Повеќето од нив се студенти, и според дамнешен закон граѓаните затекнати на сите територии кои некогаш припаѓале под Австро-Унгарската империја имаат право на бесплатни студии во Австрија или Унгарија. Така и Македонците, и тоа оние кои гласале за власта, добиваат бугарско државјанство поради свои интереси во Бугарија, и тоа е нивен личен избор.

Соодветно, и примањето на второ државјанство од страна на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски е негово лично дело. Постојат повеќе примери на високи официјални лица со двојно државјанство, како британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон или Арнолд Шварценегер, поранешен гувернер на Калифорнија.

5. Багажот на СДСМ од Црвенковски и приватизацијата во 1990-тите

За жал, лошо изведената приватизација и појавата на олигарсите во Македонија во 1990-тите кога најдолго во таа декада владееше Црвенковски, се задржа предолго во лошите спомени на народот. Неправичната распределба на капиталот од фабриките, рудниците, градежништвото и трговските дејности после колапсот на социјализмот, како и ниските примања, стечајните работници, кратенката БЈРМ, сето тоа е на контото на Црвенковски и СДСМ. Новата влада во 1998 успешно запре некои од тие процеси со либерализација на економијата и отворање на малиот и среден бизнис што беше еден вид економска преродба, по матната деценија на такви типови како Глигор Бишев, Хари Костов, Јорго Ќука, Страшо Милковски или Живко Мукаетов, некои од дванаесеттемина капитени на „првобитната акумулација на капиталот“ во Македонија, диригирана од Црвенковски. За жал, новата економска политика на Георгиевски прекина со албанскиот екстремизам од Косово, војната во 2001 и Охридскиот договор, кога приоритетот економија се турна настрана (а со тоа и развојот на земјата) за сметка на решавање на јалови етнички прашања.

 

6. Феноменот Шарената револуција и Левица

Пораките што ги слушнавме од речиси непостоечката кампања на предводниците на Шарената револуција, сега дел од Левица, како на пример легализација на марихуаната или ревизија на приватизацијата од 1990-тите и конфискација на наводно нелегално стекнатиот имот се контроверзни по својата суштина. Првото затоа што нашето општество е сè уште недораснато за таква придобивка, второто затоа што, од правен и економски аспект, не постои практична можност за реализација на таков потфат како конфискација на приватен капитал. Ние не сме Аргентина, земја со огромни минерални ресурси и излез на јужен Атлантик, па да си дадеме таква слобода. На пример, нема ли со тоа да се исплашат странските и домашните инвеститори и лошата економската ситуација уште повеќе да се влоши? Или, за кој период ќе важи таа конфискација?

По сè изгледа, малиот одзив на уличните акции на Левица укажува дека иако многумина нивни приврзаници ја подржуваат опозицијата, тие се задоволни од статус квото во земјава. И наместо масата од десетици илјади од април и мај годинава да се претвореше во база за долготрајни протести, тие граѓани станаа пасивни набљудувачи, а името на движењето Шарена револуција остана незаслужено. Од сегашна дистанца се гледа дека од „револуционерно“ движењето девалвирало во социјални протести.

Некадарноста на СДСМ да создаде еден широк анти-режимски фронт каде би влегле како Левица така и останатите фактори кои бараат заминување на Груевски, вклучително и албанските (иако Заев доби одлучувачки број албански гласови за нерешено со власта), го запечати резултатот на изборите. Одливот на нерешавачките гласови беше непотребен и оди на контото на ДПМНЕ.

7. Подемот на десницата и антиимигрантската политика

Конечно, ниту македонскиот земјоделец, рудар или работник во погоните не остана рамнодушен од колапсот на либералниот светски поредок со Големата економска рецесија од 2008 наваму. Кризата во еврозоната што започна во Грција и го раздрма целиот Медитеран, шестгодишната војна во Сирија од каде започна бранот бегалци и го поттикна растот на екстремизмот и десницата од Франција до Полска, до Италија и Унгарија, па на Балканот и во Грција сосе Турција, со нивниот истопорен полководец Путин; па потоа Брегзит, и шокантната победа на Трамп во САД, се круната на специјална (хибридна) операција водена од неосоветските тајни служби во Москва.

Владата на Груевски успешно јава на популистичкиот бран поткрепен со авторитарни тенденции и играње со фашизам, облечен во ново пи-ар руво на ксенофобија, национализам и шовинизам со сите негови пропратни конзервативни пројави. Да не зборуваме за контролата врз медиумите што Груевски брилијатно ја изврши според учебниците на путинизмот - колку порано толку подобро. Круната на таа политика беше затворањето на границата за реката бегалци, и пофалба до Груевски од страна на видни европски политичари што тој им ја заврши валканата работа. Емигрантите во моментот се најгорлива, тема бр. 1 во многу ЕУ земји како Германија или Австрија, поради што паѓаат влади. Оваа поддршка ефектуираше во предизборната кампања на власта и врз самото гласање – многу од неопределените гласаа, имено, за продолжување на оваа антиимигрантска политика.

Фотографии: Фокус