Реакции по изборите (2): Без предавање!

13.12.2016 16:56
Реакции по изборите (2): Без предавање!

Четири големи политички чекори на Албанците

Вчера Албанците иако со мала излезност направија најмалку четири големи политички чекори. Прво го урнисаа ДУИ, кое е преполовено, деновиве може и да се расформира како политичка партија. Второ го пратија Мендух Тачи како лидер на ДПА во историјата и, трето, помогнаа на СДСМ и на СЈО да се етаблира како трајна институција во земјава. Четврто е тоа што направија ретка политичка иницијатива да создадат нова политичка опција како движењето Беса, кое доби цела парламентарна група. Ова е како со 9 играчи да сте постигнале 5 гола. Изборниот неуспех на ДУИ и ДПА се должи на тоа што овие две партии помагаа, како што вели, на одредени фамилии да ја украдат државата, а Албанците вчера успешно го возвратија ударот.
Рамадан Рамадани, Плусинфо, 12.12.16.


Албански предавници се оние што ќе коалицираат со Груевски!

Албанските политички партии беа изненадени од потегот на граѓаните Албанци, па дури и навредени од истиот. Многу од нив ги нарекоа предавници на албанските интереси Албанците кои одлучија да гласаат за СДСМ. Не само што не се предавници, туку тие гласачи се вистинските албански патриоти во земјава. Затоа што каков е тој патриотизам кој не се залага за правда и еднаквост, каков е тој патриотизам кој не инвестира во ставање крај на едно мафијашко владеење, каков е тој патриотизам кој не е спремен селективната правда да ја замени со вистинска правда?! А доколку после сево ова и после оваа важна порака што албанските граѓани им ја испратија на своите политички претставници, тие сепак одлучат да го воскреснат Груевски и ВМРО од умрените и повторно да го факторизираат во нова коалициона влада, тогаш ТИЕ ќе бидат безкомпромисните предавници на албанските интереси во оваа земја. Ако одлучат да го оживеат Груевски треба да знаат дека самите ќе си заминат во политичката историја, како што си заминаа некои, и тоа многу брзо, во локалните избори кои се ближат. Оти било каква коалиција со субјект кој Албанците ги нарекува индијанско племе и владее преку најгрубо прекршување на нивните права не е само предавство на Албанските интереси, туку пред се е предавство на човечкото и хуманото во сите нас.
Беса Арифи, Нова ТВ, 13.12.16.

Победата на ДУИ во сенка на БЕСА и СДСМ

На овие избори партиите на Албанците собрале вкупно 210.847 гласови, додека на последните парламентарни избори тие имале 237. 000 гласови, што значи сега, иако излезноста е за 5 % поголема, имаат 27 847 гласови помалку. Се претпоставува дека овој квантум на гласови е во контото на СДСМ, феномен кој се случил за прв пат во современата историја на Македонија. Речиси нема населено место каде што СДСМ не добил гласови на Албанците.

За Демократската унија за интеграција гласале 86. 812, односно 7,30 %, додека на минатите избори за оваа партија гласале 153.646 гласови, односно 13,71 %. На што се должи овој слаб резултат? Пред сѐ на учеството на оваа партија во власта и неисполнувањето на ветувањата, особено во делот на интергацијата на Македонија во ЕУ и НАТО, кога се знае дека оваа партија ја имаше интеграцијата како свој приоритет, дури и пред статусот на Албанците и колективните права.

Изненадување на овие избори е резултатот на Движењето БЕСА, која добила 57.927 или 4,87 %. БЕСА е нов политички субјект на сцената, кој е автентичен и не произлегува од некоја од традиционалните партии ДУИ и ДПА. Составена е од млади интелектуалци, кои последните 10 години биле ангажирани во различни невладини организации. Челниците на БЕСА не кријат дека се верници. Имено, во промотовен спот на БЕСА стоеше мотото „Ако веруваш во Господ“!
Сефер Тахири, Призма, 13.12.16.


Македонија гласаше за промена на власта

Ако се пребројат вкупните гласови од изборите на 11 декември 2016, може да се извлече заклучокот дека Македонија гласаше за промена на власта. Имено, владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ освои само околу 44% од гласовите (вкупно 539.5 илјади), додека другите опозициски партии освоија над 612 илјади гласови! Сепак, поради постоечкиот изборен систем кој буквално ги „ништи“ гласовите на помалите партии и коалиции, владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат заедно 61 пратеник, согласно проекциите за освоени мандати во секоја од 6-те изборни единици (во седмата немаше доволно гласови за пратенички мандат).
Жарко Трајаноски, Слободна.мк / Окно, 12.12.16.

Најважен и најголем проблем е пропагандата

Заебете ги тие комбинаторки требало предизборна коалиција со Левица, со Стојанче... дрн, дрн, јариња. Глупости. Ништо од тоа не е важно. Барем не во било каква значајна мера.
Најважен и најголем проблем е пропагандата.
- 86% од граѓаните велат дека се информираат од телевизија;
- 96% велат дека најомилена им е некоја национална, а само 4% некоја локална (регионална) телевизија. Ниедна регионална телевизија нема над 5% гледаност во рамките на својот регион.
- 45-55% од гледачите гледаат Сител, Канал 5, Алфа и МРТ секој ден, а ниедна од овие телевизии немаше никаква дебата цела изборна кампања. Плус што Македонците гледаат најмногу телевизија во Европа - околу 4 часа дневно во просек.
- Точно е дека се повеќе луѓе велат дека следат вести на интернет (44-49% во зависност од анкета до анкета), ама дефиницата што се тоа „вести“ на Интернет е многу широка. За некого „вести“ се информации за НБА, за музички ѕвезди, за видео игри, за шах, за плетење, за коли, итн. Да не говорам дека на интернет има најмногу лаги и најмногу отворена пропаганда.
- Меѓу 12 и 20% од домаќинствата во Македонија (никој не знае точно колку) немаат ТВ претплата кај ниеден оператор и мораат да гледаат само Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат, МТВ и по една до две регионални телевизии, ама видовме колку се тие гледани.
- 85% од жалбите за кршење на професионалните стандарди во новинарството во СЕММ се за провладини медиуми.
- Сигурен сум и дека најгоем број од предлозите на ад-хок телото за медиуми за поведување прекршочна постапка ќе бидат за провладини медиуми...
И да не должам. Главен проблем во борбата за гласови и обликувањето на ставовите имислењата на граѓаните/гласачите е пропагандата. И тоа не само кај нас. Во Америка во моментов се бара (и од републиканците и од демократите) да се отвори конгресна истрага за влијанието на Русија врз изборите во кои победи Трамп. Така што, баталете барање одговорност во предизборни коалиции и други глупости. Дајте да најдеме начин да се справиме со пропагандата.

Владимир Петрески, Фејсбук, 13.12.16.

Со роботизирани идиоти не можам да остварувам никаква комуникација

Еве како јас ја сумирам стварноста!
Официјалните резултати од изборите се резултат на украдните гласови од БЕСА во корист на ДУИ и од СДСМ во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа не е единствената причина, но сосема е доволна да го компромитира изборниот процес како криминален, а власта што ќе биде конституирана врз основа на тие и такви резултати, за нелегитимна!
Јас ќе ја продолжам битката за слобода, правда, мир и демократија, свесен за тоа дека сите идентитетски врски со Македонија ми се избришани: само триесетина илјади души (како што убаво забележува Теодосиевски) се одлепиле од јатото на власта по сите бомби и катастрофи, што значи дека со тоа тело на роботизирани идиоти не можам да остварувам никаква комуникација, тие ќе си спијат и кога ќе дојдам да им јавам дека куќата им гори, впрочем, како што им јавував толку пати, подобро ќе се разберам со бетонскиот ѕид за тенисери почетници или со уличните песови во моето маало.
Бранко Тричковски, Фејсбук, 13.12.16.


Не се предавајте

Неколку десетици луѓе ми пишаа приватни пораки во кои што ме замолуваат да им помогнам за да емигрираат во Канада...
Сепак, чувствувам силна желба на сите мои бројни фејсбук пријатели да им порачам...
НЕ СЕ ПРЕДАВАЈТЕ...
Режимот (читај ДПМНЕ+ДУИ), па макар и победиле, е НА КОЛЕНА... И со многу рани кои што никогаш нема да ги залечат... Синоќа го повикаа народот на прослава, па им дошле само 100-150 луѓе... Народот не ги сака... Огромен процент од нивните гласови се 'без љубов' добиени... Закани, уцени, купени гласови...
Грогираниот противник е пред нокаут... Сега не е момент за фрлање пешкир во рингот... Сега е момент кога треба да имаме верба и да сме сплотени како никогаш досега... Или ќе останеме без држава, или ќе се избориме ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА... Трето нема... За среќа, тоа сега само од нас зависи... Веќе не зависи од режимот...
Затоа, ве молам, главите горе и кај сите да видам насмевка и ведрина!
Ацо Лукароски, Фејсбук, 13.12.16.

Слики: Александар Дојранлиев

Реакции по изборите (1)

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Книжевност
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Култура / Историја
Општество / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото