Одиме понатаму!

14.12.2016 12:18
Одиме понатаму!

 

Победничките воини најпрвин победуваат, па тогаш одат во војна, додека поразените прво одат во војна и тогаш тежнеат да победат.

Сун Цу, Умешноста на војувањето

 

 

Од почетокот на проектот „Вистината за Македонија“ од февруари 2015 јасно се огледаше намерата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да победи во својата намера да ја ослободи Македонија од кликата која немилосрдно ја држеше последните 10 години. Тој човек свесно ставајќи ја својата глава во торба ни покажа дека е можно со демократски методи да се бориме и да се избориме за поинаква и подобра Македонија. Ако веќе го прифативме неговиот повик за борба, тогаш сме го оствариле условот за победа од горенаведената изрека од кинескиот војсководец. Изборите кои се одржаа на 11 декември се само една битка во „војната“ за слободна Македонија.

Затоа треба:

1. Да му дадеме безрезервна поддршка на Зоран Заев да продолжи со водењето на „војната“ за слободна и демократска Македонија;

2. СДСМ треба недвосмислено како партија да го поддржи својот претседател и да му даде максимална потпора во понатамошната борба со режимот;

3. СДСМ мора интензивно да ја продолжи изборната кампања со цел да ги охрабри своите поддржувачи дека промените неизбежно ќе се случат и дека режимот иако има некаква предност во бројот на добиени гласови и пратенички места, во стварност ја одигра својата последна карта;

4. СДСМ мора да опстои во својот концепт на градење на Македонија како заедница на рамноправни и слободни граѓани и етнички заедници. Довербата која ја доби од граѓаните и етничките заедници е доказ дека концептот е исправен и ќе ѝ донесе на Македонија позитивни промени и покрај националистичката хистерија која ја водеше ДПМНЕ и која реално ѝ донесе неколку екстра гласови;

5. Довербата која ја дадоа албанските граѓани на СДСМ мора да се негува со најголемо внимание. Сетете се на Имер Селмани и на гласовите кои ги доби од Македонците на претседателските избори во 2009. Две години потоа од нив не остана ништо. СДСМ и нејзините раководители мора да се појават на сите места каде албанските гласачи го заокружија бројот 4, да се заблагодарат, да ги известат за понатамошните планови и да побараат предлози како да ја зајакнат довербата која им е дадена.

6. Резултатите покажаа дека е исправен концептот на окрупнување на сите сили кој се за промена на режимот. Верувам дека СДСМ искрено им понуди на „помалите партии“ фер услови за заеднички настап. Тоа што се случи мора да е минато бидејќи во политиката нема непроменети ставови, а верувам дека „двете“ страни дополнително ја осознаа потребата од заеднички настап на изборите кои набргу ќе се случат. Секако, овде е важно да се каже дека веќе воспоставената соработката со опозициските албански партии мора да продолжи, а со оние со кои ја немала, да се воспостави, со цел координирање во постапките за остварување на заедничката цел за промена на постоечкиот режим.

На крај, не смеете да заборавите дека патот на праведникот е тежок но е достоен за одење и вреден за живеење.

 

Авторот е поранешен Амбасадор на РМ во Ватикан.

 

Слики: Свирачиња