Информација и замајување

15.06.2010 11:05
2007endofsummer09.jpg

Во Свети Николе нема мамограф. Општина со 15000 жители го нема основниот апарат за детектирање на ракот на дојка. Нема ниту во Гостивар (46000 жители), ниту во Прилеп (68000 жители). Во државата нема центар кој работи на превенција на ракот (ниту на која било друга болест, се чини). Жените од Здружението „Борка“ информираат дека дијагностицирањето на ракот на дојката во Св. Николе се изведува „од око“, или по неколкумесечно чекање, па оттука за поголемиот број заболени дијагнозата доаѓа предоцна и следствено стапката на смртност од рак на дојката сè повеќе расте.

Овие податоци ќе ги прочитате во неодамнешен број на весникот Глобус. Доколку му ги изрецитирате на некој западњак, ќе треба да му објасните за која неразвиена земја зборувате и за кој век!?

Македонски градски центри немаат апарати за основна превентивна медицина. Уште повеќе, земјата и нејзиниот здравствен систем не работат на превентивна едукација, која е стандард во светот. Ракот на дојката е еден од најчестите видови рак, но и со највисока стапка на преживување – во случаи на навремена дијагноза со помош на мамограф. Оттука, научниот свет препорачува жените над 25 години да се снимаат барем еднаш на секои три години, и еднаш годишно оние над 40. Во нормалниот свет трошоците за овие тестови се покриени со основното здравствено осигурување. А Македонија нема мамографи..

И таман човек помислува дека некој конечно посериозно се зафатил со едно од најгорливите прашања во општеството – здравствените услуги коишто живот значат, авторката на текстот реши да го фати типичниот македонски крив пат кој води далеку од центрите на одговорност. И на помош повика експерт кој „истражувал во САД“. Македонецот секогаш оди „најдалеку“ во потрага по вистината!

Сензационалното тврдење на Арне Ѓоргов е испишано на насловната страница на магазинот: „Кондомите предизвикуваат рак на дојката!“

Фактите кои ја потврдуваат неразумноста во изјавите, секако, ги нема во самиот напис, зашто изгледа интересот на новинарите и уредниците завршува онаму каде што започнува сензационалниот наслов на сторијата. Да беше интересот подлабок (и целта да беше информација во служба на македонските жени) ќе разберевме дека истражувањето на Ѓоргов, се чини, е единственото истражување кое се обидува да прави каузална поврзаност помеѓу ракот на дојката и кондомите. Друго научно истражување кое дошло до истите заклучоци не постои. А не постои, зашто по објавувањето истражувањето е оспорено од научниот свет. Лесно достапен напис од Центарот за контрола на болести во Атланта од 1995, издаден во журналот на the Royal Society of Medicine (во кој претходно е објавена хипотезата на Ѓоргов) научно ја оспорува валидноста на неговото истражување (оспорен е малиот број испитаници -153 пациенти и 168 во контролната група од една болница – како и методите на истражување и селектирање на пациентите и контролната група). Оспорен е дури и методот со кој е изваден заклучокот од каквата-таква студија. Научниот свет не застанал овде во однос на хипотезата на Ѓоргов. Истиот тим цитира друга студија, со значително поголем број пациенти (3393 и контролна група од 2251 жени) селектирани да се совпаднат со демографската структура и медицинска историја на пациентите во студијата на Ѓоргов. И оваа (методолошки значајно поригорозна и поголема студија) не покажала никаква поврзаност помеѓу користењето презервативи и рак на дојка.

Научниот свет оттогаш наваму направил неизмерен број студии кои укажуваат на многу други каузални врски: помеѓу токсични материи и ракот на дојката, како и за влијанијата на пушењето, неквалитетниот начин на исхрана, дебелината, физичката неактивност и генетската предиспозиција. Врз основа на овие сознанија докторите, онколозите и активистите кои се борат против ракот со години ги креираат своите едукативни кампањи за превенција на ракот на дојката.

Кај нас се случува обратно: без многу спротиставувања се објавуваат петпарачките тврдења дека причините за рак не се токсините (да се живи и здрави профитерите од велешката топилница – наши се, не за друго), без ни ронка потреба да побараат докази за тврдењето. Потребно е само раководителот од Институтот за јавно здравје д-р Михаил Кочубовски да изјави дека“ водата за пиење во Свети Николе од фебруари 2010 година е целосно исправна за пиење“ за да им ги „затне“ устите на „загрижените“ новинари кои веднаш се свртеа кон хипотезите од пред 30 години кои релеватниот научен свет одамна ги побил. Во служба на што? Борбата против светските производители на кондоми? Ѓоргов, во промовирање на оспорената хипотеза, користи аргументи од типот „Англија живее практично од продажба на лиценци токму за производство на кондоми“. Кој сериозен новинар ја слушна тезава и остана нем пред истава? Кој уредник ја прочита оваа изјава и реши да ја испечати на насловна страница од весник кој претендира да биде објективен, сериозен и информативно издржан, а притоа не помисли дека е сходно да побара мислење и од некој друг, на пример од онколог или гинеколог?

Уште Едгар Алан По има укажано на фактот дека, генерално, целта на весниците е да креираат сензација, наместо да ја продлабочат вистината. Вистината во новинарството е резултат кој се добива само кога коинцидентно ќе се поклопи со првичната цел. Текстот во Глобус е пример пар екселанс за оваа ужасна тенденција на македонските новинари. Најголемата грешка на новинарите е изоставувањето на фактите. Критични факти се изоставени од написот и читателот/слушателот потсвесно ги пополнува деталите во својата имагинација, што на приказната и’ дава навидум ново, но погрешно значење.
Погрешното значење во случајов е опасно!

Во ера во која хара ХИВ вирусот, во која стапката на сексуално преносливи болести расте од ден на ден, кога во Македонија сексуалната култура и едукација е на ниво на племенска заедница (само 30 проценти од младите користат кондом, а македонските жени посетуваат гинеколог само кога ќе почувствуваат симптоми или се трудни), ваквата хипотеза,како што уште пред 15 години заклучил научниот свет, колку и да е со добронамерна, е најблаго речено опасна! А опасна е зашто изнесува недокажана и научно неприфатена теза според која половото општење е клучно за превенција на ракот на дојката (хипотезата дека размената на простагландини при сексуалниот однос ги штити жените од рак на дојката) а презервативите коишто таквата размена ја спречуваат се причинителот. Оттука, написот промовира сексуална активност без користење кондом и сака да нè поттикне да престанеме да ги поддржува производителите на кондоми кои сакаат да завладеат со светот. А само до вчера мислевме дека тоа е фарма индустријата!

Најневеројатно во целава приказна не е хипотезата, туку незаинтересираноста на новинарите да побараат и друго мислење. Според македонските онколози и гинеколози, стапката на рак на матката во Македонија е зголемена по осамостојувањето „кога се укина старото правило во здравствениот систем: вработените жени најмалку еднаш годишно да одат на темелен гинеколошки преглед“. Според светските онколози, кондомите, покрај тоа што штитат од ХИВ вирусот, штитат и од HPV вирусот кој е поврзан со ракот на грлото на матката.

Но, што ќе ни се папаниколау тестови кога си имаме лекари кои детектираат рак „од око“. Што ќе ни е едукативна, превентивна заштита кога на дофат на рака го имаме наједноставното решение: штедете на кондоми. Заборавија да додадат дека без кондом и така и така е подобро! Уште да ни кажеа кој профитира од индустријата за производство на ковчези, барем да знаеме каде на крај ќе ги дадеме парите.

слики: Christopher Davison

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото