Tриенална изложба на Графичката работилница „Софија“

14.12.2016 14:23
Tриенална изложба на Графичката работилница „Софија“

Во наредните седум дена во Музејот на Град Скопје ќе се одржи триеналната изложба на Графичката работилница „Софија“. На изложбата ќе бидат поставени повеќе од сто уметнички дела од четириесетина уметници, создадени на главните сесии на работилницата во последните три години. Станува збор за дела изработени во сите графички техники од страна на уметници од ликовните академии во Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана, Сараево, Софија и Скопје. На отворањето на изложбата ќе говорат истакнатиот македонски графичар, професорот Костадин Танчев-Динка, кој воедно е и претседател на Советот на графичката работилница и новинарот и критичар, Евгенија Теодосиевска.

Изложбата ќе биде отворена во четврток (15.12.2016 година) во 19:30 часот во Музејот на Град Скопје.

Станува збор за трета триенална изложба на Графичката работилница „Софија“, која е единствена од ваков вид во Македонија и веќе девет години традиционално се одржува на крајот на август и почетокот на септември во просториите на печатницата „Софија“ во Богданци. До сега низ неа продефилираа над 150 графичари од целиот регион, а улогата на ментори ја имаа универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

Од Здружението на граѓани „Графичка работилница „Софија“ Богданци“, кое е организатор на работилницата, велат дека нејзината цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за реализација на нивните дела, бидејќи поради условите во кои се работи, графиката како техника е помалку застапена во целиот регион.