Есма Реџепова: Песната може сè

14.12.2016 17:53
Есма Реџепова: Песната може сè

По повод смртта на славната ромска пејачка Есма Реџепова Теодосиевска, потсетуваме на едно нејзино интервју од 2004 година за неделникот Време, направено по повод гостувањето во белградскиот Народен театар во претставата „Дупки или кога бевме невидливи“. Есма во претставата се глумеше себеси и сето она што ѝ се случило во животот. Во една сцена од претставата, Есма пее држејќи поголема рамка во рацете. Тоа е омаж на едно доживување од едно мало место во Босна, каде им пеела на луѓе на полјана од прозорец од кој организаторите само го тргнале окното. Немало дом на култура, можела да настапи така или никако. Потоа, нејзините албуми ги објавуваат најпрестижните светски музичи куќи специјализирани за world music, најавувајќи ги како дела на автентичната gypsy queen.

Сеќавајќи се на премрежјата кои ги преживеала, Есма го започнува разговорот навраќајќи се на периодот по скопскиот земјотрес.

Есма Реџепова: Во она време по земјотресот во Скопје 1963, имавме малку повеќе простор во куќата, па ни вселија едно албанско семејство на горниот кат. Иако не го сакавме тоа, ние никогаш не ги мразевме заради тоа и убаво живеевме со нив. Многу различни луѓе живееја во нашата мала улица, во едно маало, но сите живеевме добро. Мислам дека и понатаму обичните луѓе живеат убаво, иако ете, повторно се создаде мала нетрпеливост која мислам дека мора и може да се надмине. Зашто, луѓето мора да знаат дека сме дошле на овој свет голи и голи заминуваме од него. Не понесуваме ништо со себе, па тие не треба да се расправаат меѓу себе за нешто што е ничие.“

Јелена Груиќ: Туку наше...

ЕР: Па, не е ничие, мила, како тоа наше? Ние сме само гости. Воопшто не ги разбирам тие поделби и гранции, кога ќе кажат - ова е мое. Ма, како твое? Твоја ќе биде вечната куќа во која ќе заминеш. Лично, на тоа гледам поинаку. Границите, бариерите, тоа не го поднесувам. Ја сакам слободата, ја сакам демократијата, по карактер сум космополит. Важно е само човек да направи нешто на оваа Земјина топка, некоја добрина. Друго, замисли некој да ти каже - не можеш да живееш овде. Е, тоа не можам да го замислам. Сите на ист начин сме спуштени на оваа Земјина топка. Замисли да му кажеш на дрвото - не може да растеш тука. Денес единствено животните имаат слобода, тие можат да одат каде што сакаат. Јас секогаш се бунев. Будење, па побуна, тоа е тоа. Кога моите родители сакаа да ме мажат, се качив на покривот и реков дека ќе се убијам ако го напрат тоа. И тие знаеја дека би го направила тоа.

ЈГ: Дали навистина бевте слободни во детството? Сте морале рано да почнете да работите, и тоа напорно.

ЕР: Мислам дека имав најубаво детство. Имав голема глад за уметност. Имав осум, девет години, а единствено сакав да одам во театар, во кино. И кај многу возрасни немаше толкав интерес како кај мене.

ЈГ: Дали некој ве упати во тоа, како го откривте тој свет?

ЕР: Татко ми убаво пееше. И знаете уште што имаше кај него? Тој како деца ни раскажуваше многу убави приказни. Тие бајки секогаш беа со некој добар крај. Уживање! И секогаш го правеше тоа со песна. Ни правеше music hall дома. Тој пееше песни кои ги слушнал од баа ми. А и малку ги измислуваше, ми се чини дека во себе имаше нешто од тој талент.

ЈГ: Не ве оптоваруваше сиромаштијата?

ЕР: Баш кога имаат проблеми со парите, луѓето се покомпактни. Ја памтам онаа мала куќа кога бев дете, долгите високи тараби. Лете, на пример, спиевме надвор. Изнесувавме душеци и легнувавме, и нема ништо поубаво од тоа - да броиш ѕвезди.

Се сеќавам и на журналот кој во градот бесплатно го прикажуваа. Носиш столче, седнуваш, па по журналот имаше некој филм... тоа беше многу интересно. Затоа велам дека моето детство беше полно со среќа. Го молев татко ми, бидејќи тој како инвалид можеше да зема карти преку ред. Купував ималин и сè што им треба на чистачите на чевли, како што беше татко ми. Потоа тие ме честеа што им помагам, сите ми даваа за автобус, па се собираа доста пари. Потоа ги миев скалите, носев млеко, сè што ќе стигнам, да соберам пари и сите да ги водам во кино. Јас честам! Се сеќавам на еден шпански филм со пејачката Марија Заморa. Тој филм го гледав повеќе пати гдневно, сите десет дена колку што беше тука. Во тоа време многу одев и во театар. Заедно со мајка ми. Но многу ѝ забележував... Јас едвај чекам да одам, сите пари ги давам на тоа, а таа заспиваше штом ќе почне претставата... Ја туркав со лактот: спиеш, а? Никогаш повеќе нема да те носиме некаде. А таа кутрата, имаше театар дома и ѝ беше доволно. Работеше како чистачка во Синдикатот од четири часот наутро. Потоа го сфатив сето тоа... Потоа одев во куклен театар, во сите кина, на сите филмови. Подоцна се вратив од Белград во Скопје, можеби токму поради детството.

ЈГ: Колку се промени Скопје во однос на она кое го памтите од тоа време?

ЕР: Скопје многу се промени по земјотресот. Еден дел остана старински, додека другиот стана некако интернационален. И односите меѓу луѓето се променија. Денес морам да платам за да поминам преку Камениот мост во стариот град, иако сето тоа го градев со свои раце на работни акции.

ЈГ: Границите околу Балканот се големи, за многумина непробојни, а вие постојано патувате. Како се носите со тоа?

ЕР: Ова што сега го прави Европската Унија - ние го правевме тоа уште во Титова Југославија. Бевме доста отворени, и тоа многу поотворени од другите земји. А сега тие се отвораат меѓу себе, а нас нè затвораат, ни прават некакви граници. Тоа ме боли. Човек кој има дваесет години можеби не го тангира тоа, но мене многу ме тангира, зашто знам што беше, а што дојде сега.

ЈГ: Но, повторно, гледате како нашите балкански држави стигнаа до лоши односи.

ЕР: Вака мислам за Балканот - да се најдат паметни луѓе за ние на Балканот да се отвориме меѓу себе. Дали Европа сака да нè прими или не, не е толку важно.

ЈГ: Да направиме Балканска унија?

ЕР: Па да! Она што го има Македонија да го продава во Србија, вие да ги продавате вашите производи кои ги немаат соседите, и така по ред. Да си помогнеме меѓу себе на некој начин. Можеби тоа би било најпаметно да го направиме, да не зависиме од нив. Ако се паметни луѓето кои ги водат сите наши земји, ќе го направат тоа. Да се создадат услови за нашите млади луѓе да не си заминуваат, зашто на крајот ние и сме ги школувале толку години. Да ги зачуваме луѓето овде. Само да се согласуваме и да сме заедно, никој да не ровари внатре.

Во последно време доста гостувам во поранешна Југославија. И многу луѓе ми приоѓаат со една голема носталгија. И многу пати, бидејќи се дружам со луѓето, слушам од нив - „што ни се случи?“ Сето тоа беше како некој лош сон. Во односите меѓу луѓето никој не може да направи граница. А толку бегалци има. Многу, мила. А имавме можеби најмногу мешани бракови на светот.

ЈГ: Одржувате од двесте до триста концерти годишно. Го обиколивте цел свет многу одамна, а по Европа веќе одамна пеете во престижни концертни и оперски сали. Вие сте најпознат балкански музички бренд и секаде сакаат да ве слушаат. А каде особено сакате да пеете?

ЕР: Секаде сакам да пеам. Ама ете, во последно време особено на поранешниот југословенски порстор. Доаѓа публиката околу мене кога ќе се симнам долу во салата, па кога ќе почне она сентименталното, потекува по некоја солза. Кога глеам жени како плачат - тоа ми е во ред, ние можеме. Но, понекогаш ме трогнува кога ќе видам некое машко како почнува да плаче. Тоа ми се случи во Словенија. Видов машко како плаче.

ЈГ: На која песна?

ЕР: „Џелем, џелем“. Се симнав долу и го гледам човекот како плаче. И тој ме гледа, му доаѓаат солзи, па почна да го крие лицето со раце. Му реков - не е срамота, човек треба да плаче. И порано ми се случувало тоа по Европа меѓу нашите луѓе, оние стари гастарбајтери. Па кога ќе почнам да пеам, цела се кршам, а кога ќе дојдам до она - „Зошто си ме мајко родила“ - сите, цела сала плаче. Потоа и јас ќе се исплачам, па почнувам одново. Песната навистина може сè. Да ги помести сите граници и невозможното да го направи можно.

ЈГ: А расплакува ли некоја песна од Балканот некого во Брисел или Амстердам?

ЕР: Како не, често ми се случувало тоа. Тоа е навистина неверојатно. Имав пријатели странци кои доаѓаат па ми велат - и мене ме фаќа носталгија за твојата песна... има луѓе кои внимателно следат каде пеам, на интернет купуваат влезници и специјално доаѓаат да ме слушаат, да речеме од Берлин во Париз.

ЈГ: Слушнав дека сте имале посебна мисија за време на владеењето на Тито?

ЕР: Со Тито често бев на неговиот брод, одев на сите негови места каде престојуваше во поранешна Југославија. И секогаш кога дочекуваше некој, ќе ме пронајдеа, каде и да се наоѓам во тој момент. Се сеќавам, имав некој концерт во Босна, тие дојдоа, ме зедоа и ме однесоа во Дубровник.

 

ЈГ: Како се чувствувавте поради тоа? Како да морате?

ЕР: Внимавајте, јас го обожавав Тито. Ја обожавав неговата политика. Кога пеевме надвор, знаеја од каде сме кога ќе го кажевме неговото име. Созревав во тоа време и не можам да кажам дека ми беше лошо. Знаете, пеев на Првата конференција на неврзаните овде во Белград. Јас и хорот „Бранко Крсмановиќ“. Потоа Индира Ганди рече дека сака да ја посети Есма Реџепова, па настана општ хаос. Беше голем проблем како да ѝ го организираат тоа зашто е надвор од протоколот, па меѓу другото повторно ја поплочуваа улицата во која живеев, иако беше поплочена. Тоа се сепак многу убави и важни работи кои ги доживеав и тоа беше една чест. Не морав, но ја претставував својата земја. На пример, 1968 година бев во Австралија, кога ми стигна нота од СИП дека треба да „свратам“ во Бомбај. И јас „свратив“ во Бомбај и останав таму 25 дена. Имено, се градеше тамошното пристаниште и четири земји конкурираа за таа работа, меѓу нив и нашата земја. Откако слегов во Бомбај, прво почнав да им пеам на некои војници, па за малку повисока класа, па за дипломатскиот кор, па за некои седум, осум илјади луѓе во некоја фабрика... Нашиот конзул ми вели - слушај, Есма, ако ја добиеме оваа работа, тоа ќе биде големо нешто за нас. И ја добивме работата... Исто и некоја централа во Пакистан...

ЈГ: Знаеја ли да го ценат тоа? Како ве наградуваа?

ЕР: Како не. Добивам писмо да одам кај градоначалникот на Бомбај, нè следеа со оние сирени. А таму, тој спремил подарок - некој специјален тапан од некакво посебно дрво. А и нашите СИП-овци одвоија десет илјади долари да нè честат. Секогаш беа коректни, морам да признаам. Сите подароци кои ги добивав секаде по светот ќе бидат сместени во Музејот на музиката и хуманоста кој сега го градам во Скопје. Сè ќе му подарам на градот. Мене не ми треба ништо, освен два-три оброци дневно.

ЈГ: Колку што знам, сте пееле пред многу претседатели од тоа време, па и пред Садам Хусеин. Кај него во бункерот, така ли? Како се организира такво нешто?

ЕР: Додека бев во Пакистан, добив писмо од амбасадорот да одам во Авганистан. Шифра „сврати“ (се смее). Одам таму, па ми јавуваат - „Есма, Иран“. Оттаму - во Ирак, сè со мерцедес лимузина. Преку Турција и Сирија. Излезе дека нашиот Љубичиќ одел да отвори некои објекти, односно палата за Садам Хусеин. Тука пеев на вечера подготвена во наша чест. Во палатата и спиев. Бев гостинка и на нивната телевизија дури еден час. А и во Авганистан бев прва странска пејачка која пеела на нивното радио. Воопшто, нашиот ансамбл Есма-Теодосиевски влегуваше таму каде што никој не можеше во тоа време. Ја бранев нашата боја, мила. Носев фустан-знаме, а петокраката ми беше овде на градите.

ЈГ: Сега и Мадона носи фустан со американското знаме, знаете?

ЕР: Ете, гледаш.

ЈГ: И вие така во мерцедес низ пустина...

ЕР: А знаете од каде ми е тој мерцедес? Пеев во нивната фабрика за работниците и тие ме прашаа кој автомобил сакам да ми го подарат. Јас велам дека не би сакала автомобил, туку би ја сакала онаа голема лимузина, да можам да ги сместам сите деца внатре кога ќе патуваме. Излезе случајно баш истиот ден кај нив Цемовиќ да порача шестотини нови мерцедеси за Тито. Така го добив мојот на подарок.

ЈГ: Кажете ми, дали новите авторитети го ценат тоа што го правите? Како, впрочем, ви се допаѓаат тие?

ЕР: Немам ништо против оние кои се добронамерни и сакаат да му помогнат на својот народ.

ЈГ: Како знаете кој е добронамерен?

ЕР: Знаеш, мила, уметникот гледа некои работи и десет, петнаесет години однапред. Сум видела многу пати нешто што никој не видел. Што е тоа? Не знам. Гледам и за личниот живот. Многу пати гледам земјотреси, но не знам каде се случуваат. Тоа е малку чудно. Непогодите ги чувствувам пред секој друг. Три дена пред земјотресот во Скопје не можев да спијам, ми беше мачно, повраќав; заспав дури кога сè помина. Впрочем, и со музиката сум едно дваесет години напред. Стилот на пеење кој го имав кога почнав да пеам другите уметници дури сега го усвојуваат.

ЈГ: Дали сте осамена поради тоа?

ЕР: Како, кога имам 47 деца? (Сите посвоени, заб. авт.) Имам со кого да споделувам, и тоа сите се музичари со кои можам да разговарам за тоа. На моите деца инструментите им се како играчки. И сите деца ми дојдоа сами, не ги бирав јас. Некој ги испраќа, можеби. Едно дете ми го донесе кочанската полиција. Се јавуваат и велат - имаме едно дете, не ни се дава во дом, многу е добро. Велам - доведете го. Знаеш, малку е болно, ми велат. Испадна дека е многу, не малку болно. Но, тоа дете сега го води оркестарот Теодосиевски.

ЈГ: А ги чувствувате ли и луѓето како земјотресите?

ЕР: Јас ги чувствувам луѓето, но за нив наоѓам излез. Можеби морал, или не размислувал, па после се кае. Секогаш простувам, да. Ако некој каже дека некој друг е лош, јас велам - знаеш што има добро? Види колку убави чевли има!

Некој ги уредува тие работи, пиле мое. Има нешто. Има и зло. Некоја сила нè предодредува и нè дели на добри и лоши.

ЈГ: Како денес живее вашиот народ, што мислите?

ЕР: Мојот народ бара малку. И сите би биле многу посреќни да се како Ромите. Ние не бараме држава, никому ништо не одземаме, никого не окупираме. Сакаме да живееме по целиот свет. Македонија е пример како се постапува со Ромите и нашиот модел сега го земаат многу држави кои сакаат да ги унапредат ромските права. Ромите со Уставот се признати како народ, тие имаат свои претставници во парламентот, свои школи, речиси нема место во Македонија каде што нема радио на ромски јазик.

ЈГ: Сте им помогнале на многу болници, семејства, давате многу пари во хуманитарни цели. Дали сте вие следната добитничка на Нобеловата награда за мир од Скопје?

ЕР: Не би ја добила јас, туку Ромите, Македонија, Југославија, зашто тоа е она во што верувам. Се трудам да им дадам пример на сите, не само на Ромите, туку на сите кои немаат можност да успеат во животот, да водат достоинствен живот. Големо е задоволството кога ќе направите некоја добрина. А гледам дека бегалците ги фатила апатија; тоа е страшна депресија, зашто изгубиле волја за живот. Треба повторно да ги инфицираме со живот. Еве, јас сум толку силно пелцувана што ништо лошо не може да ме отруе.

Извор: Време, бр. 721, 28 октомври 2004.